Фото: МИА

Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, изрази длабоко жалење за трагичната несреќа на градилиште во општината, во која загина едно лице, а тројца работници беа повредени.

Во општинското соопштение, таа упати сочувство до семејството на починатиот и им посака побрзо закрепнување на повредените, апелирајќи случајот да не се политизира.

– Безбедноста на граѓаните и работниците е апсолутен приоритет и не смее да биде предмет на политички поени – истакна градоначалничката.

Таа информира дека надлежните институции веќе постапуваат и се спроведуваат проверки за утврдување на сите околности, додавајќи дека Општината целосно соработува и ќе постапи согласно наодите.

– Апелираме на одговорност и воздржаност од ширење непроверени информации. Ова е сериозна ситуација што бара институционален пристап, а не дневно-политички реакции – додаде Стаменкоска Трајкоска.

Според првичните информации, еден градежен работник загинал, а тројца се тешко повредени откако биле затрупани од земја при ископ на темели. Шефот на смена во Итната медицинска помош – Скопје, Драган Панов, изјави дека повредените најверојатно се на возраст од 35 до 45 години, додека починатиот имал 34 години.

– Интервениравме со четири амбулантни возила – изјави Панов.

Од Министерство за внатрешни работи информираа дека несреќата била пријавена утрината во 08:17 часот во СВР Скопје, на градилиште на улицата „Козјак“. Двајца од повредените биле извлечени и пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, додека за третото лице била организирана спасувачка акција во координација со Центарот за управување со кризи и противпожарната бригада.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на местото на несреќата и издаде наредба за обдукција на починатиот.

Во истрагата се вклучени и Државниот инспекторат за труд и општински градежен инспектор, кои треба да утврдат дали биле почитувани прописите за безбедност при работа.

Градоначалничката нагласи дека јавноста ќе биде транспарентно информирана штом бидат потврдени сите релевантни информации, потенцирајќи дека приоритет остануваат безбедноста, почитувањето на законите и одговорното постапување.