Вчерашниот изумрен свет
„Те имаше во весник“ беше честа фраза од вчерашниот свет, која значеше дека си станал некој и нешто. Најчесто се користеше за добро, ама понекогаш „го имаше во весник“ значеше и дека некој згрешил нешто, па го собрала „Марица“ (популарно име за милициското комби, зашто тогаш имаше милиција, а не полиција). Тоа „те имаше во весник“ сепак најчесто значеше дека си БИЛ ИЗБРАН од многумина обични смртници за да станеш бесмртен. А нешто подоцна се јави и синтагмата „те имаше на телевизија“. И тоа беше со истото значење – си станал некој, те забележале од „Кулата“, од „паноптикумот“ на телевизијата, од нејзините антени и радиобранови. Но, како што времето поминуваше и телевизиите се намножуваа, се намножи и бројот на емисиите, па со тоа се зголемуваше и бројот на гостите што треба да се поканат за да се „пополни програмата“. И така, критериумот – падна. Денес речиси секого може „да го има“ на телевизија, новинарите мака мачат да најдат ДОБРИ соговорници. Така што веќе не е ништо посебно да те има на телевизија или во весник. Освен тоа, и весниците и телевизијата се ДЕМОДЕ, како што велат дури и моите деца. Денес секој човек си поседува свој сопствен уред, своја „антена“ со која зрачи, и со тоа самиот станува медиум – ќе си отвориш профил и ќе си објавуваш свои ставови за политика, медицина, книжевност (дури и да немаш отворено ниедна книга од овие области). А ако не ти оди со текстовите, ќе си објавуваш фотографии од личниот живот. Нема веќе господа, медиумска ДИКТАТУРА: не зависиш веќе од тоа дали госпоѓата телевизија ќе се сети да те покани или не – сам ќе си се поканиш, сам ќе си се пофалиш.
И? Добро ли е тоа? Личи на демократија – секого можеш да видиш и чуеш по медиумите. Но дали ТРЕБА да го има секого? Дали медиумите, кои во вчерашниот свет беа ЕЛИТИСТИЧКИ, требаше да станат тоа што станаа – наводно демократски собирен центар на широките народни, понекогаш и недоволно просветени толпи? Јас сум тука конзервативец: мислам дека медиумите во суштина се елитистичка работа и дека медиумот внимателно треба да одбира кого и што ќе претстави. Елитизмот и воопшто не е толку лоша работа, особено ако се однесува на здравјето: да беа најдобрите лекари платени како елита на општеството, ниту ќе имаше мито ниту ќе имаше толку болни што чекаат со месеци на прегледи. И немаше луѓето сами да се лекуваат по „демократски достапни“ и „бесплатни“ медицински сајтови на кои сам си се дијагностицираш и сам си препишуваш терапија. Јас сум против тоа: не може некој што студирал медицина шест-седум години да биде заменет со вештачка интелигенција, која е бесплатен лекар. Јас сум за тоа да се врати елитизмот на некои професии: лекари, даскали, новинари. Кога сум кај елитизмот: кој нормален ќе се побуни против „елитизмот на пилотите“ и ќе побара „демократизација на пилотската професија“? Па зар секој треба, во име на демократијата, да вози авион? Јас да се прашувам, половина и од друмските возачи би ги исклучил трајно од правото на возачка дозвола. Какво црно демократско право, ако човекот е луд, незаузден, со дијагноза? Па, дивее по улици, гази луѓе… Не е секој за возач, има и такви што не размислуваат.
Е па, не е секој СПОСОБЕН ни за во медиум. Медиумите треба да бидат сè што рековме и за елитите: под број 1 медицина, дијагноза и терапија (лекари на општеството). Под број 2 – образование (медиумите треба да бидат најголеми даскали). И под број 3 – медиумите треба да бидат општествено корисен (особено за младите), регулиран сообраќај, во кој исто така не смее секој да учествува, да дивее и да гази луѓе.
Со сегашново неконтролирано, антиелитистичко, а наводно демократско размножување на медиумите, со кое веќе и секој човек може да биде медиум, критериумот за тоа кој станува општествено видлив, целосно се спушти: и она што некогаш, во стариот изумрен свет се викаше „талог на општеството“ или „дно“, сега може да стане медиумска личност број еден, па дури и идол на нашите деца. Тоа се често и луѓе со криминални досиеја, а и со криминогена природа, без разлика на каква функција се. И секој шарлатан може да стане стручњак и специјалист, и секој просечен уметник гениј, и секој некадарен за мислење ум – аналитичар и коментатор. Некогаш коментатор во новинарството се стануваше некаде пред пензија: луѓето прво учеа што е вест, вистинска вест.
Зборот ми е: во стариот изумрен свет – бевме медиумски невидливи. Многу работа и труд требаше да станеш видлив, да те повикаат на телевизија или „да те има во весник“. И тоа главно требаше да покажеш или знаење или спортска дарба или уметничка дарба. Тоа требаше да го види УЧИЛИШТЕТО, потем ТЕЛЕВИЗИЈАТА, па на крајот СИТЕ ДРУГИ. Имаше и рубрики за откривање таленти. Имаше наслови: „Младич кој свири по 8 часа дневно“ или „Девојка што освои три златни медали по математика“…
Но, можам јас да си дрндам колку сакам, ситуацијата со ОПШТЕСТВЕНАТА ВИДЛИВОСТ денес е сосема поинаква од онаа што јас ја посакувам. Наведувам извадок од еден стручен труд по комуникологија, во кој денешниот медиумски сообраќај е точно опишан како болест на саморекламата: „Самопромоцијата е процес во кој поединците ги користат медиумите за да се изградат и промовираат себеси и сопствениот идентитет. Социјалните мрежи поттикнуваат постојано самопрезентирање, при што личниот живот се трансформира во медиумска содржина.
Самопромоцијата се потпира на истите принципи како и корпоративното рекламирање: видливост, диференцијација и емоционална привлечност. Во тој процес, идентитетот станува проект, а автентичноста маркетиншка стратегија. Поединецот се обликува како бренд што мора постојано да го одржува вниманието на публиката.“
Уф! „Автентичноста станува маркетиншка стратегија“?А „поединецот се обликува како бренд што мора постојано да го одржува вниманието на публиката“?! Тоа значи дека личноста (најпосебното нешто) се однесува како да е општ производ, детергент за перење или кондом, нешта произведени во илјадници ИСТИ примероци. Производите мора да го одржуваат постојано вниманието на купувачите, зашто без реклама ќе пропаднат. Но со луѓето не беше некогаш така. Прашајте го Симон Трпчевски дали за успех му требала постојана самореклама или цели денови вежбање клавир? Читам натаму и се ежам: „Во дигиталните медиуми, поединците преземаат маркетиншки стратегии и ги применуваат врз сопствениот идентитет. Профилот на социјалната мрежа станува личен маркетиншки простор, а животот серија внимателно одбрани и стилизирани претставувања. Дигиталната култура поттикнува постојано ’управување со импресии’… За да биде видлив, поединецот мора постојано да комуницира, да споделува содржина и да ја потврдува сопствената релевантност преку реакциите на публиката. Идентитетот се обликува како проект што мора постојано да се ажурира, оптимизира и брендира.“
Ужас. Човекот самиот се брендира и насила се прави стока! Луѓето веќе и не патуваат за да доживеат некое место, туку за да создадат фотографија, со која ќе ја одржат видливоста. Видливоста станува мерка за вредност, а тишината или невидливоста знак на социјална маргинализација.
Е па, не можам да се согласам со тоа. Медиумите од бацили направија колосални општествени фигури, а големите станаа невидливи. Утеха: и Бог, иако е најголем – е невидлив. Така е со секоја големина. Дојде време кога најсилните ќе бидат невидливи, а слабите гласни и видливи. Медиумот може од микроб да направи џин, ама не може да го смали џинот, зашто воопшто и не го гледа. Треба да се оддалечи за да му ја види големината.
































