Не Уставот, пречка е преговарачката рамка! И поканети во 2027 година – во ЕУ не смееме!

Во нормални услови, најавата за какво било членство во ЕУ, во 2027 година, би била повеќе од одлична вест за Македонија! Во дадените услови, меѓутоа, тоа е неприфатливо и е опасна замка. Причина е преговарачката рамка, која е наша главна пречка за ЕУ. Претходните дадоа согласност за неа и, со тоа, директно го блокираа нашиот пат за Брисел. Уставот е само формален проблем. И утре да го смениме и веднаш да важи, пак нема никаде да стигнеме! Сосема намерно, ЕУ го исфрли Уставот во преден план, за да остане прикриена, неоспорна и недопирлива катастрофалната преговарачка рамка, која тие ни ја скроија по бугарски терк! Со нејзина помош, треба да се затвори „македонското прашање“! Тоа е поширока политика, а не само на Брисел, Софија, Атина…
Одговорно може да се заклучи дека, доколку остане сегашната преговарачка рамка – а) завршува нашето ЕУ-интегрирање; б) тоа значи дефинитивен крај на македонизмот, кој ќе биде грубо избришан во преговорите; в) апсолутно е неприфатливо за Македонија какво било полуприклучување на Унијата, и кога било; г) во МНР треба итно да земат светски дипломатски експерти за заедно да бараат излез од тунелот!
Со оглед дека рамката дефинитивно го блокира приемот на Македонија во ЕУ, наша клучна, главна, неодложна… задача е итно да се отфрли таа, да се избрише, да се промени… Помош не можеме да очекуваме и нема да добиеме од – никого, најмалку од Брисел и Софија! Тоа е наш императив, изводлив само со наша акција. Итно треба да се формира штаб, кој на дневна основа ќе ги следи овие проблеми. Предизвиците треба да ги прејудицираме и да градиме соодветна стратегија за сите можни опции, а тие се која од која – полоши. Странските експерти се апсолутно – неопходни. Софија и Атина, иако се само алатки во раце на странците, аздисуваат токму поради нивната поддршка.
И само хипотетичката можност за некакво получленство во ЕУ, во 2027 година, засега е – неприфатлива за нас. Ако влеземе во таков процес, автоматски ќе отпадне единствената опција за промена на рамката – со откажување на вториот протокол. Тоа, по никоја цена не смееме да си го дозволиме. Тргнеме ли по тој пат, ЕУ нема да има никаква причина да ја менува рамката, што ќе биде наша катастрофа. Затоа, мораме да бидеме максимално внимателни околу сите следни потези на Брисел, бидејќи таму, очигледно, има и скриени намери!
Идеите за получленство се – американски, не на ЕУ. Тие се дел од ангажманот на Трамп за траен мир во Украина. Целта е получленството да биде главниот мотив на Киев да ги прифати воениот пораз и губењето на териториите. Инаку, поради заедничката земјоделска политика, Киев никогаш нема да стане полноправен член, што и да се случува понатаму. Значи, какви било брзи (полу!) ленти кон ЕУ се можни само како дел од воената разврска во Украина. А дали тоа ќе се случи и кога – никој не знае.
Сегашната процедура за прием во ЕУ може да се промени само со консензус на сите членки што е, во дадените услови – неверојатно. Сепак, Брисел може да се согласи со таква промена, ама под жесток притисок на САД! Ако Вашингтон постави ултиматум пред Брисел дека мирот во Украина зависи од получленството на Киев, со доста голема сигурност може да се тврди дека тоа ќе биде прифатено од сите! Тоа е грубото сценарио. Деталите – не се знаат!

А ако ЕУ прифати некакво получленство за Украина, дел од балканската чекалница секако ќе биде во пакетот. Поради Косово, кое не е признаено од пет членки, нема шанса сите да бидат во него. Сигурно ќе бидат Црна Гора и Албанија, кои успешно преговараат, а не се знае за Србија и Босна.
Прашање е што би било и со Македонија бидејќи нашиот случај е – посебен. За нас е клучно дека ваквите идеи, во никој случај, нема да значат крај на бугарската агресија. Напротив! Ако ништо не промениме во меѓувреме, ЕУ-судбината на Македонија и понатаму ќе зависи од Софија! Опциите се следни. Прво, ако бидеме дел од получленството, веднаш ќе мора да го менуваме Уставот. Тоа е ултиматум во рацете на Брисел и секојдневно ни го удираат по глава. Второ, тоа ќе значи и брзо започнување на преговорите, ама – со сегашната рамка! Можност за нејзина промена веќе нема да има, што целосно ќе ѝ одговара на Софија, ама ќе биде апсолутно неприфатливо за нас! Преку сегашната рамка, главните преговори ќе треба да ги водиме со Софија, а клучен критериум за напредокот ќе бидат резултатите од историската комисија! Бугарските историчари, пак, не се повикуваат на реална историја, туку на политика стара 150 години и, на патот за ЕУ, од нас ќе направат – втора Турција!
По сѐ низ што минуваме веќе 35 години, неоспорно е дека ништо не е случајно. Непремостливата преговарачка рамка е резултат на вистинските намери на меѓународниот фактор, а тоа значи дека прекрстена Македонија – може во Унијата, ама не и македонскиот народ. Попрецизно, во Брисел би можеле да стигнеме само ако се согласиме дека сме „Бугари“ по род, со јазик – дијалект, со заедничка – бугарска историја… и никако поинаку. Ама и таквото патување, ќе биде наша нова голгота.
Факт е дека ние нестрпливо ги очекуваме преговорите, дури и се крстиме во нив. Ама тоа важи и за Бугарија, иако привремено ни ги блокира, за да ја зајакне својата позиција! Нашето целосно разнебитување како народ, Софија може да го реализира само преку преговорите, и тоа постепено. Затоа, така е формулирана и рамката – целосно во нејзина корист.
Преговорите ги чека и Грција, за да ги комплетира своите антимакедонски намери и планови започнати во Нивици. Кога Пендаровски беше во Атина, отворено му беше кажано тоа. Координацијата меѓу Атина и Софија, во насока на бришење на Македонците, како и досега – секако ќе биде беспрекорна.

Кога сето ова станува кристално јасно, се наметнува и неизбежниот заклучок дека доколку што поскоро не ги расчистиме односите со Бугарија, и не ги поставиме на реципрочна основа, членството во ЕУ останува само празна илузија, а опстанокот на Македонците – невозможна мисија. Сега, главниот удар ни доаѓа од таму. Истовремено, Брисел и Софија немаат никаква причина да ги менуваат своите ставови кон Македонија. Тие го кажаа своето, врз наша согласност и, ако сакаме промени, а мораме, тоа може да биде само со наши потези. Нормално е, ако се согласиш со нешто, или да го исполниш, или да го откажеш. Трето – нема.
Затоа ние сме на потег, а опцијата е една и, релативно, најлесна – откажување на вториот протокол. Тој е и нелегален и неважечки, бидејќи претставува нов меѓудржавен договор, кој морал да биде ратификуван од двете собранија, а – не е! Исто така, никој во државава не дал согласност, ниту пак можел да даде, во него да се прифати промена на Уставот. Тоа е тежок политички криминал, рамен на предавство. Без вториот протокол, пак, паѓаат во вода и преговарачката рамка и ултиматумот за Уставот. Така, Македонија ќе може да тргне по чист пат кон Брисел. Софија нема да може да наметнува ултиматуми и уцени, бидејќи сите аргументи се на наша страна, а новата власт не е капитулантска. И, ако кај нас треба да се прифати ракатка Бугари и тие да стануваат дел од Уставот, и тие мораат да признаат стотици илјади Македонци. Предизвикот е историски и срамота би било да ја загубиме битката. Со посветена и упорна дипломатија, секако поддржана и од странски експерти, успехот ќе дојде. Впрочем, алтернатива – немаме.
Можноста дека Брисел ќе оди на некакво получленство во ЕУ, заради Украина, не треба да се отфрли. Тоа ќе биде шанса и за нас, и не смееме да ја пропуштиме. Времето во никој случај не работи за нас, ама зависи од нас! Шанси – имаме, а дали ќе ги искористиме…
Получленството, веројатно, ќе ја замени втората лига за кандидатите, која ЕУ веќе ја формира. Тоа се Европската политичка заедница, и четирите столба на Фон дер Лаjен – а) пристап до заедничкиот пазар; б) регионална соработка; в) сеопфатни реформи и г) поголема пристапност до фондовите. Сето ова, во голем дел, веќе е во функција.
Околу Уставот, да расчистиме уште нешто. Ако со Софија нема реципроцитет, неговата промена би била отворен пат кон бугаризација и наше самоуништување. Меѓутоа, и сегашниот ултиматум е тешка манипулација. Во ниту еден документ, никаде не стои дека Бугарите треба да бидат – државотворни! Таква писмена обврска – нема. Еден ден, и да мораме да внесуваме Бугари во Уставот, дури и преку реципроцитет, во никој случај не треба, а и не смее да се дозволи, тие да бидат државотворни. Можат да бидат само обично малцинство! Таква е праксата во целиот свет.
За крај, само ќе нагласиме дека освен со вториот протокол, Македонија нема никаква друга можност да ја оспори преговарачката рамка, која директно ја блокира нашата интеграција во ЕУ. Нормална пракса во дипломатијата е повлекување на дадената согласност! А остане ли рамката, сѐ ќе биде во бугарски раце и можеме да бидеме сосема сигурни дека тие нема да ја пропуштат историската шанса за реализација на своите вековни соништа и историски синдроми – за да нѐ избришат како народ, јазик, историја…
Толку. Кој разбра, разбра.