Фото: Пиксабеј
  • Иако постојат конкретни показатели што укажуваат на потенцијална ескалација на судирот меѓу САД и Иран, тврдењето дека „воената
    инвазија е неизбежна“ не се потпира на цврсти докази, туку на некои индиции и изјави. Анализите укажуваат дека некои актери имаат
    интерес ситуацијата да ескалира, а други би сакале да избегнат директен судир. Во продолжение ќе се осврнеме на неколкуте најбитни индикатори дека состојбите може да ескалираат со продолжување на воениот
    судир меѓу САД и Иран, но, од друга страна, редакциски тим направи и анализа и образложи повеќе противаргументи дека би следувал копнен напад на САД врз Иран

Индикатори за можна ескалација меѓу САД и Иран

I. Кој инсистира на воена опција?

Во последните години односите меѓу САД и Иран се движат по линија на постојана напнатост, со периодични „пикови“ што ги алармираат безбедносните аналитичари. Иако директна инвазија не е официјално најавена, низа процеси на теренот и во политичките центри се читаат како потенцијални чекори кон таква ескалација.

1. Интензивирање на военото присуство во Персискиот Залив

Зголемувањето на американските воени капацитети во регионот, вклучувајќи и носачи на авиони, противракетни системи и дополнителни трупи, често се толкува како подготовка за брза реакција. Ваквите потези може да имаат одвраќачка функција, но истовремено создаваат услови за побрза ескалација доколку дојде до инцидент односно искористување некаква „иницијална каписла“ за ескалација.

2. Повторливи инциденти со напади врз сојузнички цели

Нападите врз бази и интереси поврзани со САД во регионот, за кои често се обвинуваат групи блиски до Иран, ја зголемуваат веројатноста за директен одговор. Секој ваков инцидент го намалува просторот за дипломатско решавање на споровите, вклучувајќи го и овој на Блискиот Исток.

3. Заострување на реториката од страна на политичките елити

Јавните изјави на високи функционери од двете страни, особено кога содржат закани или црвени линии, имаат улога во обликувањето на очекувањата. Историјата покажува дека ваквата реторика често им претходи на конкретни акции.

4. Застој на нуклеарните преговори

Неуспехот на дипломатските напори околу нуклеарниот договор ја зголемува веројатноста кризата да се префрли на воено-безбедносно поле. Кога дипломатијата стагнира, расте притисокот за „алтернативни решенија“.

5. Зголемени санкции и економски притисок

Економските мерки од страна на САД против Иран не се само финансиски инструмент туку и средство за политичка ескалација. Историски посматрано, ваквите притисоци понекогаш им претходат на воени опции.

6. Воени вежби со офанзивен карактер

Воените маневри во регионот, особено оние што симулираат напади врз стратешки цели, се следат како силен индикатор за оперативна (воена) подготвеност. Аналитичарите ги разгледуваат сценаријата што се увежбуваат како сигнал за можни планови за напад.

7. Зголемена активност на разузнавачките служби

Интензивирањето на разузнавачките операции, сајбер-активностите и следењето на инфраструктурата укажуваат на подготовка за потенцијален конфликт. Ова често е прелиминарна фаза пред отворена конфронтација.

8. Регионални сојузи и нивно мобилизирање

Активирањето на сојузничките мрежи на САД во регионот, како и реакциите на партнери на Иран, може да создаде дополнителна наелектризираност и динамика на заострување на односите, што лесно излегува од контрола и води кон поширок конфликт.

9. Напнатост на клучните морски рути

Персискиот Залив и Ормускиот Теснец остануваат критични точки. Секое нарушување на слободата на пловидба може да биде повод за воена реакција.

10. Преседани од ограничени воени удари

Минатите целни напади и директни акции покажуваат дека линијата меѓу индиректен и директен судир веќе е делумно избришана. Ова го спушта прагот на толеранција, кој во вакви случаи ќе биде пренизок и лесно може да прескокне во насока на понатамошна ескалација и судир.

АКУМУЛАЦИЈА НА РИЗИК

Собрани заедно, овие фактори создаваат средина во која ескалацијата станува полесно остварлива, дури и ако не е однапред планирана како целосна инвазија. Наместо јасен пат кон војна, се гледа постепено натрупување ризици, односно се создава сценарио во кое еден погрешен чекор или погрешна процена може да има далекосежни последици. Во такви услови прашањето не е дали постојат знаци на ескалација, туку колку системот може да ги апсорбира без да премине во отворен конфликт. Р.С.


Редакциска опсервација: Зошто „американска инвазија“
во Иран е само вербална демонстрација на сила во јавноста

II. Десет противаргументи дека ќе следува копнен напад на САД врз Иран

Во момент кога тензиите меѓу Вашингтон и Техеран повторно растат, а во Персискиот Залив се водат опасни поморски и воздушни инциденти, прашањето за можна американска копнена инвазија повторно е на тапет во јавниот дискурс. Но, и покрај воената реторика и демонстрацијата на сила, наша редакциска дискусија и анализа укажува дека „сценариото за голема копнена операција е далеку од реалност“.
Кои аргументи беа изнесени за тоа дека американската инвазија е апсолутно илузорна?
Прво, отсуството на педантно создадена командна структура за копнени сили во рамките на ЦЕНТКОМ (CENTCOM) не е технички детаљ, туку суштински сигнал (дека не претстои копнена инвазија). Големите копнени операции бараат јасно дефинирана командна архитектура, интеграција на корпуси, логистика и долгорочно планирање. Тоа нешто во моментов воопшто не се препознава, ниту се гледа.
Но тоа е само почеток на опсервацијата. Постојат и други, еднакво силни аргументи.
Еден од најважните е обемот на потребните сили. Иран е географски огромна држава, со над 80 милиони жители, сложен терен и силно развиени одбранбени капацитети. Воени анализи укажуваат дека евентуална инвазија би била многу потешка од онаа во Ирак во 2003 година и би барала стотици илјади војници, кои во моментов не се распоредени ниту се најавени.
Вториот аргумент е стратегијата што САД веќе ја применуваат. Наместо на копнена офанзива, Вашингтон се потпира на поморска блокада, воздушни удари и ограничени операции. Американската морнарица веќе спроведува широка блокада на иранското крајбрежје со десетици бродови и илјадници војници, што укажува на стратегија на притисок, а не стратегија за подготовка на инвазија и окупација.
Трето, ризикот од регионална ескалација е огромен. Иран има широка мрежа на сојузници и прокси-сили во Ирак, Либан и други делови од Блискиот Исток. Овие групи веќе покажаа способност да напаѓаат американски цели. Отворање копнен фронт би значело повеќекратни војни истовремено. Ова сценарио е такво што Пентагон традиционално се обидува да го избегне.
Четвртиот аргумент се економската цена и глобалните последици. Персискиот Залив е клучен за светската енергетика, а секоја ескалација веќе предизвикува нарушувања во транспортот и раст на цените на нафтата. Копнена војна би предизвикала далеку поголем шок, а тоа е нешто што ни САД ни нивните сојузници не можат лесно да го апсорбираат.
Петто, правните и политичките ограничувања се сериозни. Голем број правни експерти сметаат дека актуелните американски операции веќе се на работ на легалноста, а целосна инвазија би барала јасен мандат од Конгресот и веројатно би предизвикала силен домашен отпор.
Шесто, воената логика на тековните операции не укажува на подготовка за инвазија. Последните случувања, а тоа е уништување мали ирански чамци, заштита на трговски бродови и ограничени ангажмани, се типични за контрола на море и деескалација, не за отворање копнен фронт.
Седмо, дипломатските канали сè уште постојат, иако се кревки. Дури и во услови на ескалација, постојат предлози за прекин на огнот и преговори, што е неспоиво со непосредна подготовка за инвазија.

Осмо, историското искуство игра значајна улога. Војните во Ирак и Авганистан оставија длабоки последици врз американската стратегиска култура. Идејата за нова долготрајна копнена окупација во Блискиот Исток е политички и воено крајно непопуларна.
Деветто, самата природа на конфликтот моментално е ограничена. Дури и реториката од Вашингтон, иако остра, често го опишува конфликтот како „ограничен“ или фокусиран на конкретни цели, како безбедноста на пловидбата, а не како војна за освојување територија.
Конечно, десеттиот аргумент е асиметричната предност на Иран во одбранбена војна. Географијата, урбаните центри и способноста за герилска и асиметрична борба би ја направиле секоја инвазија долга и скапа, со неизвесен исход.
Сумирано, комбинацијата од воени, политички, економски и правни фактори создава силни противаргументи против сценариото за американска копнена инвазија на Иран. Тоа не значи дека конфликтот нема да се интензивира. Напротив, тековните настани покажуваат дека ризикот од судири останува висок. Но тие судири најверојатно ќе останат во доменот на поморски, воздушни и ограничени специјални операции.
Воената историја нè учи дека вистинските инвазии не започнуваат со импровизација. Тие бараат масовна подготовка, јасни структури и долгорочна политичка волја. Ниту еден од тие елементи во моментов не е видлив. Затоа, и покрај драматичната реторика, копнената војна против Иран останува барем засега повеќе геополитичка хипотеза отколку реална опција. Р.С.