Фото: КХС

Во текот на изминатата недела, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје подигнале и транспортирале вкупно 615 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на главниот град.

Од претпријатието информираат дека утринава биле отстранети околу 25 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и кабаст отпад од улицата „Џон Кенеди“, во близина на ООУ „Васил Главинов“, каде што подолг период било забележано континуирано фрлање отпад на јавни и сообраќајни површини.

– Еко-патролата на ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје минатата недела изготви 21 записник за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота, од кои 13 се врачени на територијата на општина Чаир – соопштија од претпријатието.

Оттаму додаваат дека продолжува редовното одржување на јавната хигиена, кое вклучува рачно и машинско метење на булеварите и поголемите улици, плоштадот и улицата „Македонија“, малите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, како и пешачките мостови во централното градско подрачје, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, тротоарите и Старата скопска чаршија.

Од „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните да го почитуваат Законот за јавна чистота и отпадот да го одлагаат на соодветни локации.