Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска порача дека стремежот на кинескиот и американскиот народ за размена и соработка ќе остане непроменет, независно од тоа како ќе се развиваат билатералните односи, пренесе МИА.
Оваа порака ја упати во писмо до пријатели од американската држава Ајова, пред очекуваната средба со американскиот претседател Доналд Трамп во април, пренесе кинеската новинска агенција.
„Надежта за односите меѓу САД и Кина е во народот – истакна Си во одговор на новогодишната честитка од бизнисменот Лук Бероне, кого првпат го запознал во 1985 година за време на посетата на Ајова како дел од делегација од покраината Хебеј.
Односите меѓу двете земји минатата година беа исполнети со тензии, особено по заканата на Трамп во октомври за воведување дополнителни царини од 100 отсто за увоз од Кина. Сепак, состанокот меѓу двајцата лидери во Јужна Кореја доведе до стабилизирање на ситуацијата и продолжување на трговското примирје за уште една година.
САД се согласија на намалување на царините во замена за обврските на Пекинг да се справи со нелегалната трговија со фентанил, да продолжи со купување американска соја и да ги олесни условите за извоз на ретки земјини елементи. На почетокот на февруари, Си и Трамп имаа телефонски разговор во кој се осврнаа на прашања поврзани со Тајван и регионалната безбедност.
Трамп изјави дека Си најавил можност за зголемување на набавките на американска соја, а минатиот месец потврди дека планира да ја посети Кина во април, додека Си ќе отпатува во САД кон крајот на годината.
































