Средното училиште во Велес – жив споменик на македонската мисла, јазик и борба за духовна слобода
Во срцето на Велес, на бреговите на Вардар и низ немирните слоеви на македонската историја, веќе 169 години опстојува институција што не ги преживеала само времињата туку и ги обликувала. Велешката гимназија „Кочо Рацин“, основана во 1857 година, не е само најстара гимназија во Македонија туку таа е жив споменик на македонската мисла, јазик и борба за духовна слобода.
Низ нејзините училници минувале генерации млади луѓе во времиња кога образованието било привилегија, а македонскиот збор забранет сон. Гимназијата постоела и работела во услови на прекројувана Македонија, под различни власти и уредувања, со чести притисоци и ограничувања, но никогаш не ја напуштила својата суштинска мисија – да создава мислечки, образовани и слободоумни луѓе.
Најсветлиот и најзначаен датум во нејзината богата историја е 1 февруари 1945 година. Тогаш, во штотуку ослободената Македонија, токму во велешката гимназија, за првпат официјално започнала наставата на македонски мајчин јазик. Тоа не бил само почеток на нова учебна година туку почеток на ново историско поглавје – момент кога јазикот на народот станал јазик на знаењето, науката и на иднината.
Овој историски чекор бил овозможен со одлуката на Президиумот на АСНОМ од 3 ноември 1944 година, со која било предвидено отворање девет гимназии во Македонија, меѓу кои и велешката. Со решение на Министерството за просвета, за прв директор била именувана професорката Злата Ангелова – жена визионер и педагог, која ја предводела гимназијата во еден од најчувствителните и највозвишени моменти од нејзиното постоење. Истата година, училиштето го добило името на Кочо Рацин, основоположникот на современата македонска литература и поет што со своите стихови му го подари гласот на народот.
Низ децениите, од клупите на гимназијата „Кочо Рацин“ излегле околу 15 илјади матуранти. Меѓу нив се наоѓаат некои од најзначајните имиња во македонската културна и општествена историја – поети и музичари, уметници и научници, револуционери и визионери. Тука се образувале првиот библиотекар во Македонија Анѓелко Палашев, музичките творци Стефан Гајдов и Жифко Фирфов, поетот и шпански борец Ганчо Хаџи Панзов, зографот Димитар Андонов Папрадишки, како и голем број други личности што го надраснале локалното и станале дел од македонската и европската културна мапа.
Но гимназијата не била само храм на знаењето. Таа била и бастион на отпорот. Во пролетта 1942 година, велешките гимназијалци го кренале својот глас во првиот организиран ученички штрајк во поробена Македонија – храбар чин на младинска свест и национално достоинство, што останал длабоко врежан во колективната меморија.
И денес, духот на високите критериуми и стремежот кон извонредност се дел од нејзиниот идентитет. За тоа сведочи и рекордот од учебната 1982/83 година, кога класот IV/2, под менторство на професорот Душан Џаџов, остварил просечен успех од 4,85 – резултат што и по четири децении останува симбол на знаење, посветеност и академска дисциплина.
Велешката гимназија „Кочо Рацин“ денес продолжува да живее како место каде што се среќаваат минатото и иднината, традицијата и современоста. Таа е повеќе од образовна институција – таа е чувар на македонскиот јазик, расадник на идеи и тивок, но моќен сведок дека слободата најпрво се освојува со зборот, а потоа со знаењето. Н.М.
































