Една добра и една не толку добра вест за Македонија од Стразбур,
од Советот на Европа:
- Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), по кратка едночасовна дебата во Стразбур, одлучи со 56 гласа „за“, еден воздржан и ниту еден против да го затвори постмониторингот за Македонија, кој трае веќе 25 години. Од друга страна, во усвоената резолуција е изразено жалење во врска со „францускиот предлог“, проследено со повик да се постигне договор за ова прашање во македонското собрание
- Ударот на Стразбур се гледа и во фактот што „ова е прв извештај на Комисијата за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа во кој се споменува бугарското малцинство во Македонија откако државава е членка на Советот на Европа, од 1995 година“
Македонија завчера во Стразбур го дочека крајот на постмониторингот, кој трае веќе 25 години, што беше очекувано според најавите пред сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, но оваа добра вест сепак не го ублажи горчливиот вкус од фактот што „за првпат во усвоената резолуција е стипулиран став каде што се инсистира на уставни измени, се спомнува прашањето за бугарското малцинство во земјава, како и францускиот предлог“…
Имено, во однос на човековите права и правата на националните малцинства, беше посочено дека „остануваат да се решат некои прашања“, особено во врска со бугарското малцинство. Во тој контекст можеме да кажеме дека ова е прв извештај на Комисијата за следење на обврските на земјите членки на институцијата Совет на Европа во кој се споменува бугарското малцинство во Македонија откако државава е членка на Советот на Европа, од 1995 година. Ова следуваше откако ЕКРИ (Европска комисија против расизам и нетолеранција при Советот на Европа) во последниот извештај исто така се задржа на ова прашање.
На тој начин, сега и институцијата Совет на Европа влегува во бриселската шема како инструмент за да се користи за дополнителен притисок врз Македонија преку наметнување на бугарските барања за државава, со вешта промена на употребената реторика и терминологија, што секако не можеше да помине незабележано.
„Решете го проблемот со Бугарија, потоа ќе ве внесеме во ЕУ“
При гласањето со 56 гласа „за“, еден воздржан и ниту еден против беше усвоено затворање на постмониторингот за нашата земја, кој трае веќе 25 години. Но, во усвоената резолуција, истовремено се изразува жалење бидејќи не се успеало да се постигне компромис за „францускиот предлог“, за вметнување референца за бугарското етничко малцинство во преамбулата на Уставот, со повик да се оствари договор за ова прашање во македонскиот парламент.
– Во однос на човековите права и правата на националните малцинства, остануваат да се решат некои прашања, особено во врска со бугарското малцинство – истакна коизвестувачот Џозеф О‘Рајли, спомнувајќи ги и употребата на алатката балансер и примената на Законот за службени јазици.
О’Рајли на крајот рече дека ПССЕ целосно ја поддржува кандидатурата на Македонија за членство во Европската Унија.
– Ги повикувам сите политички партии да најдат компромис за спроведување на францускиот предлог вклучен во заклучоците на Советот на Европа од јули 2022 година. Со други зборови, Уставот на Македонија треба да се измени. И апелирам до политичките власти на оваа земја: вечерва слушнавме прекрасни говори од нашите колеги во Северна Македонија, но, ве молам, дајте пример во вашата земја за да го решите овој проблем. Потоа ќе ве внесеме во Европската Унија. Сакаме да бидете дел од Европската Унија и се надеваме дека ќе го измените вашиот устав – порача О’Рајли.
Отфрлени амандманите и барањата предложени од бугарски пратеници
Бугарските пратеници упатија три амандмани, кои беа отфрлени од мониторинг-комисијата, а потоа и од ПССЕ побараа во резолуцијата да се замени терминот „француски предлог“ со „европскиот консензус од 2022“.
ПССЕ исто така одби во резолуцијата да се вметне, по барање на бугарските европратеници, текст во кој се спомнуваат говор на омраза и непријателски акти кон припадниците на бугарското етничко малцинство во Македонија.
– Собранието изрази загриженост во врска со извештаите за говор на омраза и акти на непријателство кон членовите на бугарското етничко малцинство. Нагласува дека борбата против говорот на омраза и злосторствата од омраза е фундаментална обврска на земјите членки на Советот на Европа и ги повикува властите да усвојат сеопфатни мерки, вклучувајќи и издигање на свеста, обука за органите за спроведување на законот и судските органи и систематско собирање вентилирани податоци – гласи спорниот текст.
Во резолуцијата 2645 (2026), за која гласаа и македонските пратеници, меѓу другото се наведува: „Некои проблеми остануваат нерешени, особено во врска со реформата на механизмот за ’балансирање’ што го регулира пристапот до вработување во јавниот сектор, спроведувањето на Законот за употреба на службените јазици и почитувањето на правата на лицата што му припаѓаат на бугарското етничко малцинство. Други проблеми што ја засегаат ромската заедница, исто така, продолжуваат, вклучувајќи ги ризиците по животната средина, како што се загадувањето на воздухот и отпадот, како и несоодветните услови за домување поради недостиг од пристап до вода за пиење и санитарни услови и неотстранувањето отпад. Собранието ги повикува властите да се справат со овие загрижености без понатамошно одложување. Собранието жали што парламентот сè уште не успеа да постигне компромис за „францускиот предлог“ за вметнување референца за бугарското етничко малцинство во преамбулата на Уставот, иако тоа е предуслов за продолжување на преговорите за пристапување со Европската Унија. Собранието ги повикува сите политички сили да постигнат договор за ова прашање.“
Известувачите и пратениците го нотираа напредокот на Македонија
Швајцарската пратеничка Сибел Арслан, коизвестувачка за Македонија, уште на почетокот од расправата по извештајот нагласи дека во врска со функционирањето на демократските институции, „заклучивме дека политичката слобода, вклучувајќи ги и правата на слобода на здружување, собирање и изразување, и медиумскиот плурализам генерално се почитуваат“.
Во врска со изборната рамка, забележано е дека е потребна итна реформира според долгогодишните препораки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Европската комисија за демократија преку правото (Венецијанската комисија). Ова, според Сибел Арслан, е особено релевантно во однос на правилата за кампања, пристапот до медиумите и распределбата на јавните средства, како и на правото на глас на дијаспората.
Известувачите признаваат одреден напредок во судската област, особено во однос на транспарентноста на работата на Судскиот совет, потребата од нови судии и обвинители и воведувањето автоматизиран информативен систем за управување со предмети и други дигитални алатки за управување со предмети. Сепак, тие добиле неколку наводи во врска со политизацијата на судството и неговото перципирано ниско ниво на судска независност.
Другиот коизвестувач Џозеф О’Рајли се осврна на спречувањето и контролата на корупцијата. Според него, властите спроведоа голем број мерки за да ги исполнат препораките на Групата држави против корупција (ГРЕКО). Сепак, корупцијата останува широко распространета низ целиот јавен сектор, што укажува дека мерките што биле преземени досега не биле ефикасни.
Чешкиот пратеник Петр Сокол, кој целосно ја поддржува одлуката за затворање на постмониторинг-дијалогот со Македонија, е убеден дека „Македонија е добро функционална демократија, каде што човековите права и основните слободи генерално се почитуваат, но повика на следење на состојбата на човековите права во земјава.
– Сепак, повикувам на следење на развојот на човековите права таму. Републиката, исто така, мораше да го промени своето официјално уставно име поради надворешен притисок. Односите со соседите значително ја комплицираа интеграцијата на земјата во Организацијата на Северноатлантскиот договор и остануваат пречка за нејзиното пристапување кон Европската Унија. С. Македонија секако заслужува место во Европската Унија и не треба да биде подложена на непотребни пречки. Како заклучок, би сакал повторно да ја истакнам мојата поддршка за одлуката за прекин на постмониторинг-дијалогот и посакувам оваа земја да продолжи со напредокот. И ве молам, да не ја заборавиме геополитиката – нагласи чешкиот пратеник Сокол.
Пјеро Фасино (Италија), портпарол на Групата на социјалистите, оцени дека извештајот на покажува дека е постигнат значителен напредок во Македонија и дека земјата постепено ги консолидирала демократијата, владеењето на правото и правилата што го регулираат целосно демократскиот живот.
Доказ од „совеста на Европа“ дека Македонија како држава е зрело демократско општество
„Ова е историски ден, би рекол рамо со рамо со денот кога беше прогласена независноста на државата… За разлика од нас, оние земји што ги сметаат за фронтранери во регионот, Црна Гора или Албанија, се уште сè во мониторинг или во постмониторинг. А само пред три-четири месеци земја членка на Европската Унија, како Бугарија, излезе од тој постмониторинг, сега и ние излегуваме. Тоа е само признание за нивото на демократија во државата… Еве, нема поголем демант од овој што дојде директно од Стразбур, од Советот на Европа, кој вели дека Македонија како држава е зрело демократско општество, владее правото, нема замолкнување на слободната медиумска мисла, се почитува слободата на говорот“, изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски вчера на новинарско прашање по настан на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмус+“. Н.М.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
































