Шестото издание на „Котон блуз фестивал“ ќе се одржи во текот на четири вечери, со девет концертни настапи, почнувајќи од денеска до 27 ноември во „Roosty“ во Скопје.
Покрај деветте концерти во главната програма, на фестивалот има и придружна програма, арт-колонија (која се одржува по третпат), како и гитарска работилница со Павеза, кој последнава година беше на турнеја во Азија и Европа.
Предвидени се и три промоции на албуми на интересни македонски проекти од нашата блуз-сцена, а ќе настапи легендарен блуз-гитарист од Англија и американски добитник на Греми.
Хамилтон Лумис (Hamilton Loomis) e добитник на Греми и настапувал на најдобрите блуз-фестивали низ светот.
Норман Бикер (Norman Beaker) е легенда на британската блуз-сцена и член на „Блуз хол оф фејм“ (Blues Hall of Fame). Досега има настапувано со Б.Б. Кинг, Џек Брус, Крис Фарлоу, Алексис Корнер, Грахам Бонд, Ерик Бардон, Пол Џонс, Бади Гај, Јон Лорд, Чак Бери, Тони Ештон и многу други.
Тони Холидеј (Tony Holiday) е познат на скопската блуз-публика и ова е вторпат што доаѓа во нашава земја. Тој доаѓа со негов бенд и ќе настапи со познати блуз-класици, како и материјал од неговите соло албуми.
Во концертната програма ќе настапат и „Рене сингс д блуз“ (Renne sings the blues), „Д Мол пак“ (The Mole Pack), Александар Пешевски, „Џони Кеш трибјут“ (Johnny Cash Тribute), „Кросроуд блуз бенд“ (Crossroad Blues Band). Фестивалот, вечерва во 21 часот, ќе го отвори Иги Мен Квартет со еден специјален гостин – гитаристот Ади Имери (Igiman Band feat. Adi Imeri).



































