Му се случуваше да не може да се сети кога во текот на ноќта ја извадил долната забна протеза и каде ја бутнал. Следното утро, испотен до гола кожа, со испакнати очи, бараше каде би можела да испадне – меѓу постелнината, на полицата во бањата, под креветот – безуспешно, додека, по предолги минути, не ја пронајде, извадена и оставена покрај маусот кај компјутерот.
Или, забораваше каде пред три, можеби четири вечери, во која соба, на која маса, можеби на терасата, остана полуотворена книгата што ја читаше, Борхесовиот избор на аргентинскиот расказ, иако се сеќаваше на насловот на расказот до кој стигна, „Меч во сенка“, дури и на името на авторот, дотогаш непознат за него – Фернандо Перју. Претураше по полиците, на подот, меѓу неуредно натрупаните книги, клечејќи ѕиркаше под креветот каде што имаше обичај да чита навечер, ама баш ништо! Релевантната книга ја снема. Дури по три, или можеби четири дена, едно утро, во пижами, тетеравејќи се, потечен од неспиење, ја здогледа, скриена и од погледот на јасновидец, збутана меѓу купот неиспеглани кошули (иако, но сега тоа е неважно, поминаа три или можеби четири дена, името на расказот беше „Заспаниот меч“, а авторот не се викаше Фернандо, туку Мануел).
Или, додека на автобуската спирка ја чекаше 24-та, која доцнеше шест минути, токму кога појде да се качи на автобусот претурајќи по џебовите на панталоните сфати дека ја заборавил возната картичка. Побрза назад кон еднокатната, излупена монтажна барака и штом задишан стигна до неа, на надворешната страна на влезната врата го здогледа клучот што заборавил да го земе со себе кога излегуваше од дома.
Но оваа ноќна случка беше нешто посебно. Убаво вечераше. Мусли во јогурт со исечкани парченца банана, јаболко и портокал (иако советуваат дека муслите се подобри за појадок), потоа си облече чиста пижама и со шолја топол чај од нане, се свали во фотелјата, се раскомоти подигајќи ги нозете на масичето и го вклучи телевизорот.
Немаше квизови на програмите, ниту пренос од тенис, па што друго, сврти на Стар крајм каде што штотуку започна епизода од серијата за оној Бул, кој ги добива сите случаи во судницата, а не е адвокат (што, пак, е неговиот најблизок соработник, инаку брат на неговата бивша жена), туку некој многу важен советник за избор на поротници.
Сепак ја одгледа епизодата, по која следуваше уште една со истиот тој Бул. Но ниту неа не можеше докрај да ја догледа, зашто сцените и актерите му се измешаа. Го угаси телевизорот, се подигна од фотелјата и се упати кон спалната, каде што го сочека подготвената постела. И таму, конечно, веднаш заспа. Но овој пат будењето беше сосема неочекувано, не поради малата замаеност, што не е ретка состојба за човек кому му е тешко да се префрли од сон во груба реалност, не поради ранобудноста кога со срцебиење се прашува зошто наместо осум часа неопходни за добро здравје отспал само пет. Иако макар што утрово не беше загрижувачки рано, срцето со секој следен миг му тропаше се посилно, зашто му стана јасно дека не се пробудил во постелата во спалната, туку стуткан на каучот во дневната! Само делумно покриен со шареното ќебенце, кое го грееше додека сношти ѕуреше во телевизорот. А пред него, на сѐ уште вклучениот ТВ-екран, не беше цвикерашот Бул, туку еден згоден женски латинолик што немилосрдно и гласно тепаше едно набилдано, тетовирано мажиште.
– Што ми се случува? Зарем сум станал месечар? – се прашуваше засипнато, додека женската со остар извик ајај го тресна криминалецот, кој се сруши како удрен со гром и остана да лежи на бетонот. Во денешно време можат да се доживеат и вакви перформанси, помисли сѐ уште видливо вознемирен од чкрипавиот клопотарец што закачен во главата (а нели му е местото околу грлото?) и оттаму ѕвони ли, ѕвони…

































