Маалскиот трик со топка во дворот на Урсула фон дер Лајен

  • Во дилема ме остави извештајот на ЕК за Македонија – дали е тој оцена или уцена. Една буква прави голема разлика. Во период на геополитички тектонски промени, во ЕУ се прават планови, ама не знаат кој ќе биде успешен, за натамошно проширување, па така, нивниот план Б е да создадат Европа од втора класа, без право на глас и без некоја важност во одлуките на Брисел. Пробни таблички за новите членки. Па, ако сме до толку неважни (замислете, само уште Уставот да сме го смениле), туку сме само пасивен субјект на геополитичкиот шах, зошто би се жртвувале себеси како нација? Јас, простете, ама не можам да ја видам смислата, ниту логиката, освен да покажеме неизлечив клинички национален мазохизам. Притоа предупредувам – опасно е, премногу опасно, кога се манипулира со нешто што се вика протоколи!

Европејциве ни го плеснаа, онака, простачки. И тоа таман кога ВМРО-ДПМНЕ растури на локалните избори. Сега нивната победа има вкус на луксузен автомобил, скапо платен, ама неговата цена веднаш паѓа штом излегол од салонот за продажба. Што велат од Брисел за напредокот на Македонија кон ЕУ? Да си го смените Уставот, да ги внесете Бугарите, па после ќе видиме. А и не нѐ бивало, слаби сме во многу области. Ние помниме какви држави примиле во членство, корумпирани до гуша, со несредени економии, нефункционални демократии и слаби пазари, земји едвај излезени од воени диктатури, но ги примиле. Македонија, пак и пак е проблемот.
Не е лесно да се слушаат вакви ставови, воопшто не е лесно. Не дека за првпат ги слушаме, ама пак впечатокот остава горчлив вкус во устата. Зошто Европската комисија нѐ оценува вака? Или можеби нѐ уценува?! Тоа е едната линија на анализирање, а втората е како нашите европски патерналисти нѐ гледаат нас. Еве еден свеж пример. Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос, се надеваме во име на Стразбур, а не на Атина, во обраќањето во македонското собрание, а сепак, таа реченица не е извадена од контекст, туку му е најмоќната рече: „За овие 30 години членство во Советот на Европа, Северна Македонија докажа дека моралната зрелост не се мери според величината, туку во способноста да слуша, да почитува и да припаѓа“. Дали по оваа реченица одекнал аплауз навистина не знам, не го гледав во живо неговото обраќање.
Господинот Русопулос ни вели дека сме најдобри кога слушаме и тоа треба да биде нашата највисока морална вертикала. И да почитува, секако, другите да ги почитува, а Македонија ќе ја шетаат како француска пудлица, зашто таа е најдобра кога слуша. Оди по команди. Тоа е моето чувство, ослободено од дневна политика или партиско влијание. Размислувам како слободен Македонец и некаков си слободен Европеец, иако слободата и во Европа од поодамна е заробена, па таа има свои синџири дури и во поезијата. Уметноста како да станува наменска индустрија. Тоа на Европа не смее да ѝ се случи, ама ѝ се случува и затоа ако останал некој голем европски глас, нека се јави. Нека го крене гласот! Нека викне, нека крикне!
И како со полно срце да ја славиме 75-годишнината од потпишувањето на Европската конвенција за човекови права кога таа е погазена со (не) приемот на Македонија во СЕ под нејзиното уставно и историско име, туку ја зачленија под референцата ПЈР Македонија, скратено, како што сакаа Грците, ФИРОМ. Ние сега во Стразбур сме пудлицата со географска одредница, а како такви сакаат да нѐ внесат и во ЕУ.
Извештајот за напредокот на Македонија секогаш е како темпирана бомба. Можат бирократите во Брисел да го наштелуваат да експлодира во дел од секунда и знаат како да го направат тоа. Има голема слика, има мала слика, има микроскопски делчиња што се опасни како антракс во дипломатско писмо. Но, еве една важна работа – во извештајот со кој мавтаа и Рокас и Марта и овие од СДСМ, кои полека исчезнуваат од политичката сцена, не повикуваат веднаш да ги ставиме Бугарите во Уставот, па да продолжиме (нашата голгота) на патот кон членство. Притоа се повикува дека Македонија треба целосно да ги почитува договорите со Грција и со Бугарија (нив никаде не ги повикуваат на тоа).

Но за Бугарија се наведува дека треба да го почитуваме Договорот за пријателство и соработка, но не велат дека треба да се почитуваат и протоколите. Зошто? Каде лежи тука зајакот, што игра се игра? Можат ли протоколите да бидат составен дел на договорот. Јас велам не. Тие можеби знаат повеќе, но кога ќе се спомнат протоколи, јас помислувам на една манипулација, на нешто што може да предизвика опасни реакции. Еден пример – познато е делото, во суштина намерен фалсификат, на Сергеј Нилус, кое го пишува по нарачка на царот Николај Втори (можно е да го прогласија и за светец?!). Тоа е еден од најопасните историски фалсификати спакуван под наслов „Протоколите на мудреците од Сион“, антиеврејски памфлет објавен некаде околу 1903 година во царска Русија. Во него се опишува како Евреите успеале да направат систем за да го контролираат светот, а како инспирација служи една постара сатира „Разговор во пеколот меѓу Макијавели и Монтескје“. Како и да е, тие протоколи се базата, инспирацијата за нацизмот. Какво дејство можат да предизвикаат двата протокола што Брисел ги става како ултиматум за нашето членство во ЕУ? Нека размислуваат, еве им даваме мастраф, нека знаат што чувствуваме ние. Ние имаме уште национални чувства, да бидам конкретен.
И знаеме да играме фудбал, па и понекој маалски трик. За топката во нашиот двор на Урсула фон дер Лајен, која и не рекла баш така. Но… Во наше маало имаше еден нервозен сосед што мразеше што играме фудбалче на улица. Еден ден му наместивме една од оние пластични топки на „Југопластика“. Ја пресековме и внатре ѝ ставивме камења и ја затворивме. Типот кога ја рогна, лелелеее. Знаеше дека го наместивме, ама си замолчи. Знаеме дека нѐ местат. Знаеме. И нема да шутираме пенал со таква топка.
Затоа, ќе потсетам на она што лани го зборуваше европратеникот од Австрија, Томас Вајц, а после некои бугарски „политици“ го побараа неговиот скалп. Не им се допаѓала неговата музика, неговите ноти. Да потсетам: Вајц посочи дека Македонија е предводник во регионот, која покажала вистинска посветеност на вредностите на ЕУ, па дури и направила „историска промена на името и смели реформи“ (историска грешка е мојот коментар). Но нејзиното пристапување е неправедно блокирано предолго поради билатерални спорови, поттикнувајќи ја јавната фрустрација и разочарување од ЕУ“. Тој посочи дека проширувањето треба да биде процес базиран на заслуги, врз основа на Копенхашките критериуми.

Да заклучиме – токму тие критериуми треба да бидат клучот за отворање на европската порта и за наше зачленување, а не некакви салфетка-протоколи. Доколку сега ја шутнеме топката на Фон дер Лајен, таа ќе експлодира во нашиот двор како пеколна машина. Што потоа од нас ќе остане и какви ќе влеземе (сигурно како инвалиди) во ЕУ е неизвесно, земајќи ги предвид геополитичката слика и несмасноста на Брисел. Тие прават планови, ама не знаат кој ќе биде успешен за натамошно проширување, па така, нивниот план Б е да создадат Европа од втора класа, без право на глас и без некоја важност во одлуките на Брисел. Па, ако сме до толку неважни, туку сме само пасивен субјект на геополитичкиот шаховски распоред, зошто би се жртвувале себеси како нација? Јас, простете, ама не можам да ја видам смислата, ниту логиката, освен да покажеме неизлечив национален мазохизам.