Шведскиот филм „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ од Торд Даниелсон е најдобар кај јуниорите (од шесто до деветто одделение), а рускиот „Од почеток“ од Полина Кондратева е најдобар за кадетите и сениорите (од прва до четврта година средно) на 13. „Џифони Македонија“. Вообичаено, по изгледаните филмови во повеќе категории, жирито на фестивалот, кое се состои од сите негови учесници, гласа за наградите на фестивалот. Кај јуниорите, за најдобар краток ученички филм е прогласен „Безвредна борба“ (Combat de merda) од Нико Ферари и Таина Арагонес (Шпанија). Најдобар краток филм е „Метеора“ на Микеле Бучи од Италија.
Во категоријата на кадети и сениори најдобар ученички филм е „Доста е!“ од Јоханес Брандвајнер и Ана Хилтгартнер (Австрија). Најмногу гласови за категоријата краток филм освои „Андромеда“ од Ана Меликјан (Русија). За најдобар анимиран краток филм е прогласен „17 часот“ од Флака Коколи (С. Македонија / Косово).
Неда Стојановиќ, Јана Петрушевска и Бисера Чоневска се првите учеснички на „Џифони Македонија“ што се избрани за наредното издание на „Џифони експериенс“ во 2026 година.
На последната вечер, која се одржа во киното „Фросина“, публиката можеше да види што креирале учесниците на фестивалот во изминатите денови, на нивните работилници, како што се мјузикл, фотоизложба, кратки филмови… Фестивалот се одржа под мотото „Да се стане човек“.