Еди Рама / Фото: ЕПА

Лидерот на албанските владејачки социјалисти, Еди Рама, го соопшти новиот состав на 17- члениот владин кабинет „Рама 4“, во кој за првпат на чело на полицијата ќе биде жена, Албана Кочиу, досегашна министерка за здравство.

На функцијата потпретседател на владата и министерка за инфраструктура и енергетика останува Белинда Балуку, исто како и Пиро Венгу, во ресорот одбрана и Петрит Малај, за финансии.

Нова министерка за Европа и надворешни работи ќе биде Елиса Спиропали, досегашна претседателка на Парламентот.

Министерка за економија ќе биде Делина Ибрахимај, за туризам Бленди Гонџја, за образование Мирела Кумбаро, за здравство Евис Сала, за правда Бесфор Ламалари, за локална самоуправа Ервин Демо, додека Тони Гога, државен министер за односи со Парламентот. Формирано е „Сонце“ (креирано со вештачка интелигенција) – Министерство за вештачка интелигенција за јавни набавки.
Половина од министрите се од претходната влада, дел од нив трансферирани од едно во друго министерство.

По конституирањето на Парламентот, што е закажано за утре, Еди Рама официјално ќе го достави списокот на предложени министри до претседателот.

Шефот на државата во рок од седум дена треба да потпише уредба, а потоа, во рок од 10 дена, имињата ќе бидат ставени на гласање во Собранието, на истата седница каде што премиерот ќе ја презентира и програмата на новата влада, со главни приоритети фокусирани на реформите за европска интеграција, под слоганот „Албанија 2030 во ЕУ“.

На утрешната конститутивна седница на парламентот, во вториот дел, ќе биде избран претседател на Парламентот, за што Рама го предложи Нико Пелеши, поранешен министер за одбрана. Претседател се избира по предлог на најмалку 15 пратеници, со тајно гласање и без дебата, со мнозинство гласови.

Со првата седница ќе раководи социјалистот Васил Лајо,  како највозрасен пратеник, бидејќи ниту Сали Бериша ниту Тритан Шеху, и двајцата од опозициската Демократска партија(ДП), повозрасни од Лајо, не се согласиле да ја водат оваа седница.