Македонците и волкот

Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгите од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

„Како што еден лав совладува многу луѓе и како што еден волк растргнува многу овци, така и јас, со еден збор, ќе ги уништам народите што се кренаа против мене“, oд Историјата на Александар Велики, сириска верзија на Псевдо-Калистен. Ова е сириски превод на „Романсата за Александар“, збирка на легендарни приказни за Александар.
Во книгата „The Glory of Generositie“ е претставен грбот на принцот на Ематија-Македон. Книгата се наоѓала во приватна колекција на хералдичар во Брисел, а ја пронашол претседателот на Македонското хералдичко здружение. Книгата била издадена во Лондон, во 1586 година, а во неа: „Грбот на Македон се наоѓа веднаш до тој на Анубис, а освен приказот нема друго објаснување, освен описот на грбот: Македон – крал на Ематија, носи сребрен исправен волк…“.
Во некои толкувања на египетската митологија, Македон e синоним за Вепвавет, со Анубис се деца на Озирис, претставени со глави на волк и куче. Античкиот автор Диодор Сицилиски (90-21 пр. н.е.), пишува: „Озирис не беше сам во походот, така оди египетската приказна, беше придружен од неговите два сина Анубис и Македон, кои се разликуваат во своите храбрости. И двајцата ги носеле најзабележителните воени симболи, земени од одредени животни, чиј карактер не е како храброста на луѓето. Анубис носел кучешка кожа, а Македон носел волчи параферналии. Поради тоа овие две животни биле почитувани од Египќаните. На походот го зел и Пан… Син му Македон замина како крал на Македонија, којашто беше именувана по него…“.
Во архајска Аркадија, владетел бил Ликаон, син на Пелазг, кој од Ѕе бил преобразен во волк. Според античките автори, волчите особини ги задржале и неговите потомци. Се сретнува и записот во кој, според неколку верзии на митовите, Македон е еден од синовите на Ликаон, кралот на Аркадија.

Грбот на принцот на Ематија – Македон

Македонската фаланга пред секој поход имала ист ритуал како славењето на пролетта, со додадени мистични симболики за прочистување на армијата – ритуално растргнувале куче (кучка, волк, волчица) на две половини и марширале помеѓу, како претпазливост од раскол и доволно симболички за да се заштитат од волкот самотник, одметникот од глутницата.
Интересно е и што пеонските племиња го почитувале волкот. На еден откриен тетробол од локалитетот Градиште – село Кнежје (Билазора – Бела Зора) во Овче Поле, на аверсот има претстава на лав, а на реверсот волк. Иако во Република Македонија има многу монети на Ликеј, ова е редок и можеби единствен примерок што има волк на реверсот. Некои автори на божеството на војните во Пеонија – Кандаон, му давале епитет Ликеј (ос) / волчи. Самото име Ликеј е синоним за волк. Кандаон е синоним и за Орион.
Познато е дека нашите предци сјајната ѕвезда Бетелгејз од соѕвездието Орион ја нарекувале Орач, другите ѕвезди им биле рало и два вола, а зад Орион препознавале два волка, кои се светлите ѕвезди Сириус и Процион. Поради претпазливост и ритуална заштита од волчи напади, сѐ уште двапати во годината се празнуваат циклусите на волчите празници – во февруари и ноември (Мартинова, волча недела), кога им се оддава почит на светците што ги заштитуваат луѓето од волците. На југ од Македонија, пред Мартинци уште се колат кокошки и со крвта се испишува крст над вратата. Во Западна Македонија велат дека волкот бил имун на лошите очи и не може да биде урочен, а старите од источните краишта велат дека волкот можел „да ти го земе јазикот ако се погледнете во очи“. Во некои краишта од Македонија е останато „старинското“ – „Вук да те изеде!“
Сѐ уште се раскажуваат преданијата за волкот што бил впрегнат во јарем од Архангел Михаил и легендата кога во манастирот посветен на Свети Наум некој волк изел две кучиња, па по наредба на Чудотворецот мирен и кроток дошол да го чува манастирот, каде што останал и покрај секојдневниот ќотек од луѓето, од што и на крајот умрел. Белиот волк во разни преданија може да се сретне како ќорав или куц и најчесто се смета за предводник на глутницата.

Фото: Горан Анастастовски

Дури и Александар Македонски во раната младост од јужните соседи бил нарекуван волк – владетел. За условите во времето на Филип и Александар Македонски можеме многу да дознаеме доколку го набљудуваме дејствувањето на Демостен, водечкиот филозоф на градовите држави од тој период. Познат по неговите Филипики, тој бил жесток противник на големото македонско кралство. Кога Александар пуштил абер за десет оратори од градовите државички да дојдат на разговори во Македонија, Демостен почнал да предупредува дека треба да се пазат од младиот волк, затоа што е поопасен и од татко му, стариот волк. Во својот говор до избраните претставници што требало да тргнат на разговори, нарекувајќи ги кучиња на стадото овци, вели Александар е македонскиот волк – владетел.

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)