Илустрација: „Нова Македонија“

ЕХОТО НА БРИСЕЛСКИТЕ ПОВИЦИ ЗА ОСУДА ЗА ГЕНОЦИД НА БЛИСКИОТ ИСТОК

  • Зачестија обвинувањата за геноцид спроведен во Газа, а сега тоа се кажува и од устата на Брисел, но дали притоа ЕУ заборава на својата вина сторена врз
    Македонците!? Дали заборава на преговарачката рамка, која е геноцидна?! На Преспанскиот договор, кој е насилна асимилација, геноциден во својата суштина…
  • Македонија има можност на Генералното собрание на ОН да го каже своето, ќе истакнеме своето мислење, а не мислењето базирано на „заедничката европска надворешна политика“. Од народ жртва треба да станеме народ победник. Македонското прашање треба да го затвориме со потврда дека сме признаен народ,суверен, посебен, кој ги ужива сите меѓународни права, зборува свој македонски јазик, има своја вера, своја црква и своја независна држава

На претстојното Генерално собрание на ОН (23-28 септември) се очекува „палестинска бура“. Првин затоа што веќе сериозно се зборува за „геноцид во Газа врз Палестинците“. Втората точка на која ќе се прекршуваат светските интереси е – признавање палестинска држава. Ова прашање зема глобален обем, а не е во инкубатор ниту Македонија. На внатрешен план, а секако и под надворешни влијанија, се бара македонската влада да донесе јасен став за Палестина. А може ли да се има јасен став? Тоа е толку компликувано прашање што не можат да го решат ниту најголемите меѓународни авторитети за меѓународното право. Едно од клучните прашања е дали Палестина може да го помине тестот за да биде држава, според сите дефиниции и правни узанси. На пример, Косово го признаа како држава многу земји, меѓу кои и Македонија, иако е важечка Резолуцијата 1244 на ОН, според која, Косово е во рамки на Србија, но тоа не беше пречка државите да воспостават односи со Приштина. Тоа, сепак, не беше доволно за Косово да биде примено во членството во ОН. Како ќе се стори тоа со Палестина?
Но копјата ќе се кршат по, се чини во моментов, едно од најболните прашања – има или нема геноцид во Газа? За САД и за Трамп, пак, најважно е да се обнови Газа и преговорите со ОН се во тек. Пред да анализираме на ова прашање, да се потсетиме на библиската приказна за каменувањето на прељубничката и тестот што Исус им го поставил на тие што сакале да ја убијат каменувајќи ја. Ако има некој што не згрешил, нека го фрли каменот по неа. Таков немало. Има ли безгрешни држави или влади што можат да се гордеат со своите принципи и со начинот на носење одлуки без да имаат ставено розови очила за некое прашање? Исус постојано нѐ става на тест за лицемерство, за дволичност, за двојни стандарди.

КАМЕНОТ Е ФРЛЕН

Еден камен е фрлен од Тереза Рибера, која е извршна заменик-претседателка на Европската комисија, која е уверена дека Израел спроведува геноцид во Газа. Наједноставно кажано, а сепак и не е толку едноставно, геноцид значи намерно, систематско ништење на еден народ. Не мора да биде физичко, така кажува резолуцијата на ОН. Постојат, значи разни видови или форми на геноцид и тој треба да се докаже. Понекогаш бројките говорат, но ниту тие не се секогаш решавачки, затоа што и со нив може многу да се манипулира.
Вакво обвинување досега не дошло од толку високо ниво од Брисел. Рибера вели: „Геноцидот во Газа го покажува неуспехот на Европа да дејствува и да говори на еден глас, иако протести се шират низ европските градови“. Рибера, шпанската функционерка, е убедена дека станува збор за геноцид, таа воопшто нема дилеми. Интересно, но токму Шпанија, од каде што е Рибера, во 2024 година ја признала палестинската држава, но затоа, пак, Мадрид има политика на челична тупаница кога се во прашање Каталонија и тамошните обиди за самостојност. Тука доаѓаме до вечната тема за двојните стандарди од кои Брисел не може да побегне. Каталонскиот легално избран премиер Пуџгемон мораше да бега во егзил за да се спаси од шпанската полиција. Но тоа е многу незгодно прашање, затоа што во политиката кога не се почитуваат принципите секогаш треба да се очекува бумеранг-ефект – тоа што си го направил да ти се удри по глава. Дали светот, особено Европа, е подготвен да игра на картата да ја отвори големата Пандорина кутија со признавањето на Палестина? Ќе видиме наскоро во Њујорк, токму во ОН, покривот на светот, надежта за малите народи.

КОМПЛЕТНО НЕГИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА

Има или нема геноцид во Газа? Секако, ние овде директно ќе ја прашаме Европа преку Брисел – има или нема геноцид врз Македонците? Има или нема геноцидна политика врз Македонците, која се гледа во насилното иселување од денешна Грција, насилното асимилирање, менувањето лични имиња и презимиња, теророт и асимилацијата во Бугарија? Признавање на Македонците само во неколку општини во Албанија? Косовско слепило за тамошните Македонци. Македонците се соочени со геноцидна перманентна политика, која се спроведува и со физичко анулирање, со преселби, со насилно одземање на децата и нивно раселување низ светот. Но и со комплетно негирање на нејзиниот јазик, култура, историја, традиција, вера, па дури и границите не им се по волја.
Договорот со Грција дури е постигнат со наводно посредство на ОН, иако е познато кој и како ги водеше преговорите со кои е постигнат геноцидниот договор. Со притисок, уцени, па и корупција. Договорот со Бугарија зајакнат (како бустер-вакцина против ковид) со протоколи е дел од таа систематска анихилација на Македонците, која трае повеќе од 100 години. Има ли двојни стандарди во Брисел? Има ли Брисел своја „европска Газа во Македонија“? Ние велиме има! Ако нема, тогаш како ја создаде преговарачката рамка скроена само за Македонија!
Постои и документ (за волја на вистината има неколку зад кои стојат припадници на македонската дијаспора и кои бараат итно раскинување на Преспанскиот договор) во кој се тврди дека се спроведува геноцид врз Македонците, а зад него стојат стотици потписници – врвни авторитети во своите области. Академици, писатели, политичари, верски лидери стојат зад една резолуција во која се тврди дека е спроведен геноцид врз Македонците.

ГАЗА, ГЕНОЦИД И МАНИПУЛАЦИИ

Многу копја се искршени по прашањето што е геноцид и каде е тој спроведен. Историјата забележала многу, но како заедничка дефиниција усвоена во ОН не се земаат предвид старите злосторства на и против човештвото. Но за нас е најблиску и најпознат случајот со масакрот, односно геноцидот во Сребреница. Еден од најголемите е тој во Руанда, каде што, за жал, дел од виновниците, а тоа беа француски мировници, се скрија од очите на правдата наоѓајќи засолниште во манастири. Има ли и таму двојни стандарди?
Неодамна, пак, е објавена студија од центарот за стратегиски студии „Бегин-Садат“ од Универзитетот „Бар-Илан“ во кој се отфрлаат како неосновани и базирани на лажни податоци тврдењата дека Израел спроведува геноцид во Газа. Како еден од клучните аргументи на нападите врз Израел е тврдењето дека израелската влада намерно ги изгладнува Палестинците, што во студијата на центарот се отфрла како неточно и се дава на знаење дека за првпат во воена кампања на цивилите им се дава одреден рок да се засолнат поради воена активност. Притоа целиот систем на дистрибуција на храна се прикажува како ранлив и подложен на манипулации. Постојат сериозни докази дека огромен дел од хуманитарната помош завршила во рацете на Хамас, која тој ја користи за манипулации, но и за чист бизнис што се користи како контрапропаганда против Израел.
Во извештајот се вели дека геноцидот бара систематска намера за уништување на еден народ – нешто што го смета за отсутно во Газа.
– Тука не се гледаат обележјата на геноцидна војна. Нема кампањи на силувања, фронтални масакри или егзекуции од блиску. Во други конфликти на Блискиот Исток, десетици такви злосторства се случија за само неколку часа борба – вели Дани Орбах , коавтор на извештајот. И неговите колеги автори заклучуваат дека обвинувањата за геноцид против Израел се потпираат на политизирани наративи, селективни податоци и експлоатација на хуманитарниот дискурс.
– Анализирањето на уништувањето или цивилните смртни случаи без разбирање на тактиките на Хамас е апсурдно – изјави тој. Притоа се потсетува дека големите разурнувања се резултат на воената кампања против Хамас, кој се крие во тунели разгранети на повеќе од 500 километри под земја и постојано земајќи цивили како заштита.
Веројатно еден ден ќе се проучува многу детално и непристрасно она што се одвива во Газа како реакција на масакрите што ги изврши Хамас во октомври 2024 година. Наскоро на Генералното собрание на ОН се очекуваат тешки дискусии за палестинското прашање, но и за обвинувањата за геноцид. Тоа е можност Македонија да го каже своето, ќе истакнеме своето мислење, а не мислењето базирано на „заедничката европска надворешна политика“. Од народ жртва треба да станеме народ победник. Македонското прашање треба да го затвориме со потврда дека сме признаен народ, суверен, посебен, кој ги ужива сите меѓународни права, зборува свој македонски јазик, има своја вера, своја црква и своја независна држава.