Македонија е во групата Б, со Романија, со која игра утре, во Куманово, и со Унгарија. Двете првопласирани ќе настапат во квалификациите за пласман на планетарниот шампионат
Машката репрезентација на Македонија од завчера е во Куманово, каде што утре (од 20 часот) ќе го одигра и првиот натпревар од втората фаза на претквалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година во Катар, со селекцијата на Романија. Селекторот Марјан Илиевски на овој дел од подготовките има 15 кошаркари, Виктор Ташовски, Лука Стојановски, Марко Миловановиќ, Валмир Какруки, Никола Василевски, Андреј Магдевски, Адем Мекиќ, Андреј Митревски, Амар Хот, Теодор Симиќ, Лука Савичевиќ, Максим Митевски, Тома Стојаноски, Марко Луканоски и Џејкоб Вајли, пишува Кошаркарската федерација на Македонија.
Македонија, која во овој циклус ќе настапи со подмладен состав, третпат ќе игра во квалификации за светските првенства. Во минатиот циклус, за СП 2023, Македонија беше прва во претквалификациската група, по што настапи во квалификациите, но не се пласира во третиот од четирите круга квалификации, а во циклусот за СП 2019 не ги помина претквалификациите.
Во пресрет на мундијалските претквалификации Македонија победи во двете тест-средби, одиграни во Негорски Бањи, со Швајцарија (62-56 и 65-52), која, исто така, ќе настапи во претквалификациите (во група со Словачка и со Украина).
Романија играше и во првата рунда претквалификации, и со три победи и еден пораз беше прва во групата Б, во која беа и Норвешка и Луксембург. По средбата со Романија, за Македонија следува мечот на гости со Унгарија, на 9 август, а потоа се уште две средби со истите ривали, со Романија на гости на 13 август и со Унгарија дома седум дена подоцна.
Двете првопласирани од групата Б ќе настапат во квалификациите за СП 2027, и тоа победникот во групата Б, во која ќе играат и Грција, Црна Гора и Португалија, а второпласираниот во групата Г, во која се и Франција, Белгија и Финска. Н.М.
ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027
Група Б
Македонија – Романија утре, 20 ч.
Романија – Унгарија 6 август
Унгарија – Македонија 9 август
Романија – Македонија 13 август
Унгарија – Романија 16 август
Македонија – Унгарија 20 август