Фото:Пиксабеј

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Тетово порача дека охрабрува растот на извозот на земјоделски производи во првите месеци и нагласи дека како Владата ќе ги задржи овие параметри на среден и на долг рок.

-Точно е тоа, имаме раст на извозот во првите пет месеци, од речиси шеесетина, близу седумдесет проценти, што е добро, охрабрувачки за земјоделците. Добро е и за државата, бидејќи e помал дефицит што се однесува до увозот на храна, изјави Мицкоски на новинарско прашање за податоците на Државниот завод за статистика кој забележа нагорен тренд на извозот на земјоделските производи.

 

Тој додаде дека фокусот на  Влада е да ги помага земјоделците, тие да произведуваат за да може и да извезуваат, но и да ги задоволат трпезите на македонските граѓани.

– Така ќе продолжиме и во иднина, со тоа што планираме тој систем на субвенционирање да биде насочен кон вистинските земјоделци. Кон оние коишто вистински произведуваат, а не кон оние малкумина коишто се обидуваат на грбот на земјоделците да профитираат. Така функциониравме и до сега, така ќе продолжиме да функционираме и понатаму – подвлече премиерот Мицкоски.