ЕКСКЛУЗИВНО: 600 ДЕНА ВОЈНА МЕЃУ ИЗРАЕЛ И ХАМАС (2)
– Кибуцот Бе’ери е на само 800 метри од Газа, тој е симбол за заедништво, со население што прокламира мир, мир и со газанци. Кај нив работеле Палестинци со работни дозволи, тие оделе некогаш таму на прошетки – но 7 октомври смени, ако не сѐ, тогаш многу – Хамас изврши таму масакр во исто време кога нападна и во Сдерот, на фестивалот „Нова“ и на други места
– Денес полјаната опколена со еукалиптуси каде што се одржувал рејв-фестивалот е претворена во меморијал на крвавиот пир на палестинските терористи. Местото е натопено со крвта на најмалку 350 убиени цивили од околу 3.000 колку што биле таму. Посадени се млади еукалиптуси на чии фиданки висат слики на убиените. Тишината, наместо музиката, царува таму. Во соседна Газа одекнуваат детонации и мириса на барут. И покрај сѐ, луѓето веруваат во мир!
Христо Ивановски
(Наш специјален известувач од Израел)

Од јужниот израелски град Сдерот се упатувам кон еден од најпознатите и најбогати кибуци – Бе’ери. Растојанието е околу 30 километри, а возиме по перфектен асфалтен пат. Блиску сум до границата со Газа и звучи неверојатно дека сум во пустината Негев, а никаде пустина. Околината изгледа како плодна оаза, но тоа е само уште една потврда за израелската инвентивност, трудољубивост и трагањето по совршен спој со природата. Автобусот полека влегува во кибуцот и запира на една автобуска постојка до која има засолниште.
Како да запрело и времето во Бе’ери – населбата изгледа како некое одморалиште, сѐ е хортикултурно средено, убави куќички, сѐ е скоцкано на мал простор, а функционално. Тишината во кибуцот ја нарушуваат повремени експлозии.
– Тоа се експлозии што доаѓаат од Газа. Ние сме на само 800 метри воздушна дистанца – ни објаснува Хен Котлер, која е една од десетината жители на кибуцот што останале да живеат по масакрот извршен на 7 октомври 2023 година од припадници на Хамас.
Каде се другите? Хен ни објаснува дека еден ден сите ќе се вратат, а дотогаш другите се во соседните кибуци, кои ги отвориле сопствените домови за настраданите, откако претходно привремено биле сместени во хотели. Тоа е во согласност со духот на кибуците – да се дели, да се помага, да се гради дух на заедништво. Еден вид комунизам што функционира.

ПЛАНСКИ НАПАД ВРЗ СКЛАДОТ СО ОРУЖЈЕ
Не е пријатно да шеташ кога во близината се слушаат татнежи, кога над глава брмчат авиони, кога мириса на барут и на запалено. Но како влегувам подлабоко во кибуцот, на неговата централна точка веќе се гледаат трагите од нападот на Хамас – една од првите и од главни цели бил складот со оружје на жителите на кибуцот, кои пред масакрот биле околу една илјада. Во населбата, или како што ја викаат кибуцим, владее совршена организација и секој е задолжен за нешто, па и за самоодбрана. За таа цел на централно место е поставен складот со оружје, кој при упадот на Хамас терористите веднаш го нападнале. На тоа место паднале првите жртви, кои го бранеле кибуцот. Поставен е и голем плакат со имињата на загинатите. До него се и сликите и имињата на киднапираните.

Хен Котлер хронолошки ни објаснува што се случувало во раните утрински часови. Иако таа во тој период престојувала кај роднини во Португалија, нејзиниот татко бил еден од сведоците на големата битка за кибуцот и сопствените животи. Припадници на Хамас извршиле напад користејќи мотопараглајдери, но и возила. Нападнале симултано и молскавично кога и во Сдерот, но во исто време недалеку и на местото каде што се одржувал познат музички фестивал. Почнала жестока битка, но жителите биле изненадени што немаат поддршка од оружените сили. Каде се припадниците на ИДФ, се прашувале тие, додека биле притиснати од стотина терористи, кои безмилосно пукале на сите страни.

КВАРТОТ НА МЛАДИТЕ ПЕПЛОСАН
Подоцна се разбрало дека Хамас извршил напад врз воениот комплекс, кој се наоѓа на само 800 метри од кибуцот, а тоа докажува дека нападот бил планиран долго и до детали. Како?
Одговорот на ова прашање открива една грозоморна ситуација, првин затоа што е направен голем удар врз принципот на живеење во кибуцот. Хен ни ги објаснува не само принципите, кои се базирани на мир, туку и дека имале добри односи со Палестинците од Газа, каде што оделе на прошетки. Тие формирале специјален фонд за помош на жителите на Газа што доаѓале во кибуцот да работат, но и им помагале на оние што биле тешко болни и ги згрижувале во болниците на југот од земјата.
– Тоа е една од најболните работи. Тие луѓе што доаѓаа кај нас да работат го сликале кибуцот, правеле селфија од сите објекти, а тие фотографии ги добил Хамас. Тоа е многу тажно, но тоа се случило. Така терористите имале одлични информации за сите објекти и систематски го извршиле нападот – ни објаснува Котлер, додека се криевме од врелината на нејзината веранда сместена на само десет метри од складот со оружје.

Од еден висок плакар ги вади своите трофеи – неколку остатоци од гранати паднати во нејзиниот двор како резултат на израелската воздушна одбрана од истреланите ракети од другата страна на границата.
Малку освежени со студена вода, Хен нѐ води до квартот на младите. Тоа е посебен дел од кибуцот каде што живеат млади луѓе и двојки, кој е целосно уништен. Хамас таму најжестоко нападнал. Глетката е страшна – пеплосани ѕидови, куќи уништени од гранати, на уличката оставени празни столчиња, кои симболизираат исчезнати лица. Убиени се и жени, деца и едно бебе. Околу 130 лица загинале во битката за кибуцот, а 32 биле киднапирани. Две лица уште се во заточеништво, повеќе од 600 дена.

Кибуцот Бе’ери не е познат само по својата хуманост и вербата во мир туку и по иновативноста и земјоделството. Успеале да ја претворат пустината Негев во плодна оаза, која не само што ги храни туку имаат и за извоз. Познати се по нивниот производ наречен макаи, еден вид суперхрана. Но како понатаму, има ли иднина за овој кибуц од каде што во убав ден Газа се гледа со голо око?

– Ова што ни се случува е хуманитарна катастрофа. Верувам во мир, се надевам дека за една година ќе се вратат сите во кибуцот и овде пак ќе се раѓаат деца. Верувам во мир. Можеби во една држава, можеби едни покрај други. Се надевам ќе дојдат лидери што ќе постигнат мир – е пораката со која Хен Котлер нѐ испраќа од кибуцот. Продолжувам кон кибуцот Ре’им, местото каде што се одржувал фестивалот „Нова“.
СТОТИЦИ ЕУКАЛИПТУСИ СО СЛИКИ НА УБИЕНИ
Глетката е стравотна, морничава, таа е доказ за човечкиот изопачен ум, кој од омраза убива, масакрира, прекинува нечиј невин живот. Што се случи на 7 октомври 2003 година, обележан во историјата на Израел како црн ден, ден на најголемиот масакр врз цивили извршен на негова територија? Хен Котлер многу кусо, но и со предизвик дека вистината нема едно лице, ни кажа: „Секој од нас има свое размислување за тоа што се случи тогаш“.

Стотици специјални сили на Хамас истренирани за тој молскавичен напад со мотоглајдери и со повеќе возила извршуваат десант на местото каде што се одржува фестивалот „Нова“. Тој всушност бил продолжен за уште еден ден оти забавата била на високо ниво. Како го знаел тоа Хамас? Неодговорено прашање. Првин од Газа тргнале ракети, се активирала железната купола, алармите се огласиле и токму во тој момент параглајдеристите терористи слетувале на полјаната опколена со еукалиптуси.

За среќа, организаторот ја прекинал забавата и луѓето трчале барајќи засолништа. Тоа спречило масакрот да биде поголем. Во таа трчаница, терористите облечени во униформи на ИДФ почнале да пукаат во сѐ што се движи. Истрелани се проектили и во возила во движење, по што главната сообраќајница била блокирана и немало каде да се бега, освен во блиските нискостеблести шуми. Во жестокото и немилосрдно пукање, убиени се околу 350 цивили, а над 40 се киднапирани.
– Јас бев од тие што дојдоа до патот и почнаа да бегаат до шумичката. Се криев зад грмушки, ако е тоа криење. Потоа се скрив под еден автомобил. Куршуми ми летаа над главата. Такво пукање нема ни на холивудските филмови, толку беше интензивно. До мене лежеше безживотно тело. Се обидов да се јавам по Вотсап за помош. Војниците, кои зборуваа арапски, ми се приближија, јас се правев дека сум мртва. Во еден момент еден од војниците ми ја крена главата и ме удри со кундакот во тилот. Кога ме пронашле ми рекоа дека сум била два часа во несвест, ми раскажува 35-годишната Мазал, мајка на едно дете.
– Имав среќа да преживеам, иако некои од мојот шатор беа убиени. Беше страшно, ужасно – вели убавата Мазал.

Околу 350 цивили се убиени само на полјаната каде што се одржувал фестивалот, млади луѓе, некои познати музичари, активисти за човекови права, уметници… По крвавиот пир преживеаните припадници на Хамас организирано во група се враќаат во Газа. И како што кажа Котлер, секој има своја верзија и мислење. И денес многумина се во дилема што се случи, па дури и дали е тоа само дело на Хамас или и други палестински групи биле вмешани во убиства, пљачкосувања, силувања, палежи… Но од тој ден и од таа акција почнува воениот одговор на Израел против Хамас, „железните сабји“ се извадени. Покрај старите дрвја се посадени и млади еукалиптуси на чии стебленца висат сликите на загинатите. Стотици луѓе оставаат цвеќиња на тој споменик на масакрот. Музиката засега ја нема. Во Ре’им се тагува, а од соседна Газа се слушаат детонации и се крева густ чад кон небото…




(Продолжува: одам на север – „Една ракета го направи рајот на Друзите пекол“)