Како врв на апсурдите во Апсурдистан, како што би рекол еден наш почитуван колумнист, беше настанот од пред два дена. Имено, на средба со новинарите во парламентот, на која се разговараше токму за проблемот на Инспекторатот за употреба на јазиците, пратеникот Беким Ќоку зборуваше само на албански одбивајќи да говори на македонски јазик како службен јазик. По неговите стапки тргна и директорот на самиот институт, кој на поставените прашања на македонски јазик одговараше на албански. Апсурд? Па зарем треба поголем апсурд од тоа да се претставувате како некаков заштитник на сопствениот јазик, а да го игнорирате и да го омаловажувате службениот јазик во државата во која живеете и од која земате
(не толку мала) плата
Најкраткото објаснение за именката апсурд е дека зборот значи бесмислица, нелогичност, глупост, невозможност. Описни значења и толкувања има уште, како што има и повеќе синоними: необичност, бесмисленост, противречност, небулоза, нонсенс, необјаснивост, логичка неможност, дури и безумност. Послободно и поописно толкување дозволува апсурдот да значи судир со здравиот разум, нешто што е спротивно на здравиот ум, нешто што е неприлично, дури и комично. Сепак, најстарите синоними за апсурдот се: глупост и лудост.
Апсурдот како филозофска и театарска категорија, како глобален феномен, го третирале и рашириле францускиот писател Албер Ками, кого и го нарекуваат принц на апсурдот, и ирскиот драматург Самуел Бекет, кој со својата драма „Чекајќи го Годо“ се смета за татко на театарот на апсурдот. Ако во независна и самостојна Македонија се прави хроника за владеењето на апсурди, тогаш најверојатно, како парафраза на Годо, ќе го носи насловот „Чекајќи ја Европа“.
Искрено му благодарам на колегата Панде Колемишевски за овој вовед, иако без прашање го позајмив од еден негов поранешен текст, но едноставно не можев да се воздржам да не го издвојам и повторам, бидејќи навистина ми се чини за најсоодветен, а не сакав дополнително да мудрувам во објаснување на поимот.
Но тоа е теоријата, а во праксата ние живееме во времето на апсурди.
Последниот апсурд е од пред два дена и вистинска штета е да не се забележи, за еден ден кога некој ќе прави хроника на апсурдите со кои се среќаваме, да има уште еден сочен пример.
Имено, од пред неколку дена се актуализира проблемот дека вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците биле оставени без плати и без јасни законски овластувања веќе шест месеци.
Досега бевме слушале за приватни компании каде што газдите се изживувале врз вработените, па си играле со нив давајќи им плата на лажичка или, пак, воопшто не ги плаќале. Но, еве сега одеднаш, државна институција, за која, за волја на вистината, малку кој чул, а уште помалку знае што работи, останала без плата.
Е па, ако не сте знаеле, тоа е институција што, според упатените, произлезе од Законот за употреба на јазиците, усвоен во 2018 година, како што фино го објасни тоа еден од пратениците во македонското собрание. Ако се обидете да најдете попрецизни информации со малку повеќе труд на официјалната веб-страница на оваа институција ќе прочитате дека „Инспекторатот за употреба на јазиците врши надзор над примената на Амандманот V од Уставот на Република С. Македонија и на одредбите на Законот за употреба на јазиците, на територијата на Република С.Македонија од страна на сите надлежни институции. Инспекторатот, надзорот го врши преку инспектори за надзор над употребата на јазиците“.
Ако уште не ви е јасно за што станува збор, да поедноставиме. Тоа е инспекторат што треба да се грижи дали и колку се применува албанскиот јазик на територијата на Република Македонија. Апсурд? Не, туку резултат на меѓупартиски пазарења и слични специјалитети на политичката/партиската кујна на овие простори.
Но овој пат нема да навлегуваме во поширока елаборација и да го проблематизираме постоењето на една ваква институција, ако веќе народните избраници се решиле за едно такво решение, нека им е и ним и нам со среќа. Во крајна линија, тие фино се повикуваат на Уставот и тука нема мрдање.
А кога сме веќе кај апсурдите, не е лошо да се спомене дека дури во 2023 година, значи цели ПЕТ (5) години по формирањето на овој инспекторат, се појави срамежлива иницијатива за формирање инспекторат за македонски јазик иако сите сме свесни за тоа што се случува околу нас со нашиот јазик и неговата употреба во секојдневието. Конечно, на 26 јануари 2024, една година по првата јавна расправа Собранието го изгласа Законот за употреба на македонскиот јазик. Во тие рамки е формиран и Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик. Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик ќе врши надзор над примената на Законот за употреба на македонскиот јазик и на прописите донесени врз основа на овој закон. Со овој закон, меѓу другото, пропишано е задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власта. Една година подоцна, Владата назначи и директорка на Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик. Еден ден, веројатно и ќе профункционира. Апсурд? Не, туку резултат на матни партиски/политички пазарења. Но да не влегуваме подлабоко во анализа на состојбите, да не нѐ обвинат за заземање страна.
Во една таква ситуација, како врв на апсурдите во Апсурдистан, како што би рекол еден наш почитуван колумнист, беше настанот од пред два дена. Имено, на средба со новинарите во парламентот, на која се разговараше токму за проблемот на Инспекторатот за употреба на јазиците, пратеникот Беким Ќоку зборуваше само на албански одбивајќи да говори на македонски јазик како службен јазик. По неговите стапки тргна и директорот на самиот институт, кој на поставените прашања на македонски јазик одговараше на албански. Апсурд? Па зарем треба поголем апсурд од тоа да се претставувате како некаков заштитник на сопствениот јазик, а да го игнорирате и да го омаловажувате службениот јазик во државата во која живеете и од која земате (не толку мала) плата.
И, како рече Панде? „Чекајќи ја Европа“. Е па, ќе се изначекаме изгледа.