Фото: РК Алкалоид

Во натпревар со мошне брз ритам и транзиција на теренот, во кој беше видена ревија на голови, вкупно 79, Алкалоид одигра подобро во последните петнаесетина минути, кога и успеа да обезбеди опиплива предност против норвешки Рунар Сандефјорт, славејќи со 42-37

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКИ КУП, ПРВ ПОЛУФИНАЛЕН МЕЧ

Единствениот македонски претставник во ракометна Европа, скопски Алкалоид, со солидна предност од пет гола ќе патува во Сандефјорт, откако во првиот полуфинален натпревар во Европскиот куп (ЕК) го победи во Скопје норвешкиот претставник Рунар Сандефјорт со 42-37 (полувреме 21-20), предводен од тренерот Бјарте Мирхол, познатиот легендарен норвешки пикер и поранешен соиграч на Кирил Лазаров во унгарски Веспрем.
За избраниците на тренерот на скопјани Кирил Лазаров, ова беше осма европска победа во деветтиот меч (со само едно реми) во третото по ранг клупско натпреварување во Европа. Во натпревар со мошне брз ритам и транзиција на теренот, во кој беше видена ревија на голови, вкупно 79, Алкалоид одигра подобро во последните петнаесетина минути, кога и успеа да обезбеди опиплива предност. Алкалоид имаше ефикасност на шутот од 78 отсто, на нападот 58 отсто, направи девет технички грешки, а реализира шест од седум досудени седмерци. Рунар Сандефјорд, пак, оствари 65 отсто ефикасност на шутот, 57 отсто на нападот, со 13 технички грешки и реализирани два од трите удари од седум метри. Да потсетиме дека македонскиот претставник сезонава во ЕК ги елиминира литвански Драгунас Клаипедас, италијански Бриксен, австриски Вест Виен и романски Баја Маре, со кого го одигра и единственото реми на гостински терен.
– Очекував ваков тежок меч со Рунар. Играат добро цела сезона и во домашната лига и во Европскиот куп. Ги почитуваме, победивме со пет гола. Ја заслуживме победата, но не со пет гола. Можеби со еден до два, но не повеќе. Сега имаме седум дена добро да се подготвиме за реваншот што нѐ очекува. Сигурен сум дека реваншот ќе биде многу потежок од овој меч во Скопје – изјави тренерот на Алкалоид, Лазаров.
Прв поентер кај Алкалоид беше десниот бек Мартин Серафимов со десет гола, а го следеше левиот бек Иван Џонов со седум. Кај гостите доминираше ветеранот, десниот бек Кристофер Рамбо (35) со 11 погодоци.
– Му честитам на противникот. Се работи за добар тим, играат брз ракомет. Беше тешко да се држи ритам со нив, но успеавме да славиме. Знаат да играат добро и со седум на шест во нападот, па ќе мора добро да се подготвиме за реваншот што нѐ очекува на гости – рече левиот бек Џонов.
Реваншот меѓу двете екипи се игра в недела (17 ч.) во спортската сала „Рунархален“ во Сандефјорд (капацитет 825 гледачи), а судиската правда им е доверена на Италијанците Франческо Симоне и Пјетро Монитиљо, додека делегат е Исланѓанецот Хлинир Леифсон.
Во вториот полуфинален натпревар од Европскиот куп, грчката екипа АЕК од Грција убедливо го совлада босанскиот претставник Извиѓач со девет гола разлика, 37-28 (20-13). Реваншот е закажан в сабота (20 ч.). Г.И.