Време е Африка да биде домаќин на Летните олимписки игри во 2036 година

Oлимписките игри се повеќе од меѓународна спортска манифестација. Олимпизмот е своевиден феномен во кој се испреплетуваат повеќе општествени димензии и компоненти. Олимписките игри имаат мултидимензионално значење за земјата организатор, поширокиот регион, особено за градот домаќин. Спортската димензија е приоритетна и најважна, но Игрите имаат и други аспекти. Економската и политичката димензија се особено важни на Игрите. Но, тие имаат и афирмативна улога на културниот идентитет на земјата организатор. Игрите имаат и туристичка димензија, бидејќи олимпијадите мобилизираат многу туристи од целиот свет што ги следат натпреварувањата, но ги препознаваат и културно-историските вредности на градот и земјата домаќин. Поради тоа многу држави исконски тежнеат да бидат организатори на овој глобален спортски настан. Многу градови односно држави веќе ги најавија своите кандидатури и јавно објавија дека сакаат да бидат домаќини на Игрите во 2036 година, но таа чест ќе ѝ припадне само на една.
Одлуката за земјата организатор на ЛОИ во 2036 година ќе ја донесе МОК (Меѓународен олимписки комитет) во периодот што доаѓа. МОК обично одлуката ја донесува седум години однапред, а процесот на анализа на апликацијата трае две години. Првата фаза е апликација од страна на градот домаќин, а по десет месеци Извршниот одбор на МОК одлучува кои градови кандидати ќе станат официјални кандидати врз основа на препораки на експертски групи. Во втората фаза градовите кандидати се анализираат од сите можни аспекти од специјална комисија и се стеснува кругот на кандидати на 3-4 града, по што Генералното собрание на МОК со тајно гласање одлучува за градот домаќин.
Ако направиме статистички преглед на организаторите на ЛОИ (Летни олимписки игри) и ЗОИ (Зимски олимписки игри), ќе забележиме дека во Европа биле одржани најмногу олимписки игри (19 летни и 14 зимски). Потоа следуваат Северна Америка (6 летни и 6 зимски), Азија (4 летни и 4 зимски), Австралија (3 летни во кои е броена и во Бризбејн во 2032 година, зимски нема), Јужна Америка (1 летни, зимски нема), додека Африка нема организирано ниту една олимпијада. Освен Африка, во светот постојат и други големи географски региони што не биле организатори на Олимписки игри, а тоа се: Средниот Исток, Индискиот Потконтинент, Карибите, Средна Америка и Југоисточна Азија. Раководството на МОК зазеде став, освен критериуми што се однесуваат на спортската и комуникациската инфраструктура, организацијата на Олимписките игри да се доделува и врз принципот на регионална застапеност, водејќи сметка следниот организатор да доаѓа од друг континент и географски регион.
Статистиката покажува дека Летните олимписки игри никогаш не биле одржани на африканскиот континент. Главниот град на Египет, Каиро, еднаш беше кандидат за домаќин на Игрите во 2008 година, но ја изгуби трката со главниот град на Кина, Пекинг. Спортистите од Африка со нивните остварени спортски резултати на сите меѓународни натпревари, особено во кралицата на спортовите – атлетиката, заслужија нивниот континент да биде домаќин на ЛОИ. Од географска гледна точка, уште Африка не била домаќин/организатор на Олимписки игри.

Најголем спортски настан што е одржан на африканскиот континент е Светското првенство во фудбал во Јужна Африка во 2010 година. Спортските работници од Африка си поставија цел да ја добијат организацијата на ЛОИ во 2036 година, евентуално во 2040 година. Спортистите и политичарите од Африка засилено лобираат во борбата за добивање на организацијата на ЛОИ во 2036 година.
Кои држави/градови се најсериозни кандидати? Меѓународниот олимписки комитет (МОК) неодамна објави дека преговара со 10 национални олимписки комитети што поднеле кандидатура за домаќини на ЛОИ во 2036 година. Тоа се: Египет (Каиро), Турција (Истанбул), Индија (Ахмедабад), Индонезија (Нусантара), Мексико (Мексико сити), Чиле (Сантјаго), Катар (Доха), Саудиска Арабија (Ријад), Англија и др. Според усвоените критериуми на МОК, градот организатор треба да исполни повеќе критериуми. Организаторот на ЛОИ, пред сѐ, треба да поседува развиена спортска и комуникациска инфраструктура (стадиони, спортски сали, аеродроми, автопатишта, метро, железница, пристаништа….). Додадена вредност (предност) на државата кандидат е стабилната политичка и безбедносна состојба во самата држава кандидат и поширокиот регион. Египет како голема и стабилна држава е единствена и најсериозна земја кандидат од Африка. Таа е една од најразвиените држави во Африка и има големи шанси да ја добие организацијата во 2036 година.
Главната борба за добивање на организацијата на ЛОИ во 2036 година ќе се води помеѓу Каиро (Египет) и Истанбул (Турција). Нашите аргументи се дека Африка како континент досега не била организатор на најмасовната спортска манифестација, а пак Истанбул трипати бил кандидат за добивање на титулата -град домаќин на ЛОИ. Истанбул сега игра на картата „четврта мајка“, во која се препознава филозофијата дека по три порази следува дипломатска победа. Или по дождот доаѓа сонце. Добрите познавачи на oлимпиското движење сметаат дека организацијата на Олимписките игри се добива со дипломатски средства и методи.
Во септември 2022 година претседателот на Египет, Абдел Фатах ал-Сиси, објави дека Египет официјално се кандидира за домаќин на ЛОИ во 2036 година. Каиро започна да гради современ спортски комплекс. Во соопштението објавено од египетската влада е цитирана изјавата на првиот човек на МОК, Јохан Бах, дека спортската инфраструктура на Египет е способна да биде домаќин на настанот.
„Африка има шанса да ги организира Игрите. Најверојатно тоа ќе се случи во 2040 година. Треба да се разгледаат инфраструктурните можности, патишта, аеродромите. Египет има многу добар инфраструктурен потенцијал“, изјави Мустафа Бераф, кој е член ма МОК. Оваа изјава недвосмислено упатува на тоа дека официјалната политика во Египет како да им ја препушта организацијата на ЛОИ во 2036 година на други градови (можеби Истанбул), фокусирајќи се на добивање на кандидатурата во 2040 година. Можеби процениле дека поголем фаворит за добивање на ЛОИ во 2036 година е градот Истанбул, кој претходно трипати ја губеше битката од други градови.
Од 2015 година во близина на Каиро се градат грандиозен меѓународен олимписки град и национален стадион со капацитет од 93.900 гледачи, како и други 21 спортски објект. Олимпискиот комплекс по завршувањето на Игрите е планирано да биде нов административен центар на Египет, односно алтернативен главен град на Египет.

Во моментот регионалната безбедност е слабата страна на кандидатурата на Каиро поради географската близина на Газа, Израел, Сирија, Јемен, Судан и други држави од Блискиот Исток и соседството. Експертите за безбедносни политики оценуваат дека за една-две години состојбите во регионот ќе се нормализира и стабилизира.
Најголем конкурент на Каиро е мегалополисот распослан на два континента, Истанбул, кој официјално по четврти пат стана кандидат и има голема желба за организација на Игрите откако беше поразен во трката за Игрите во 2000, 2008 и 2020 година. Националниот олимписки комитет на Турција одлучи официјално за домаќин на ЛОИ по четврти пат да го кандидира Истанбул, кој има силен мотив за организација на Игрите откако беше поразен во три натпревари. Турција сериозно се посвети на ова прашање и поради тоа ја зајакна дипломатската борба. Тие се надеваат дека четвртата кандидатура ќе им ја донесе титулата организатор на ЛОИ во 2036 година. Ако Истанбул ја добие кандидатурата, тој ќе биде единствениот град што географски припаѓа на два континента, што му дава дополнителен ексклузивитет на мегалополисот.
Од Јужна Америка како сериозен кандидат се споменува главниот град на Чиле, Сантјаго, кој од 2016 година започна сериозно да се подготвува и собира финансиски средства. Сепак, сметаме дека Сантјаго има далеку помали шанси во однос на Истанбул и Каиро.
На крајот се наметнува заклучокот дека најголеми фаворити за домаќин на ЛОИ 2036 се Каиро и Истанбул. Среќно, Каиро 2036!!! Но, среќно и Истанбул (Istanbul ante portas 2036). Нека победи подобриот. Времето ќе покаже дали еден од двата града ќе биде домаќин на ЛОИ или, пак, тоа ќе биде некој трет град за кој не сме типувале.

проф. д-р Андон Мајхошев