Кога провокаторите ќе стивнат

Како што снегот овој пат не ги изненади надлежните во јануари, така без посебни изненадувања и инциденти помина одбележувањето на годишнината од смртта на Мара Бунева, настан што изминатите години се претвори во манифестација од висок ризик.
Имаше повици преку социјалните мрежи од бугарска страна за масовно присуство, но реалноста излезе на виделина, одвај десетина луѓе на снегот и студеното време се собраа најпрво на панихида во црквата „Свети Димитрија“, а потоа пред спомен-плочата на кејот на Вардар за да ѝ оддадат почит на Бунева.
Настанот заврши, присутните кажаа што кажаа, побараа да бидат впишани во Уставот и мирно се разотидоа наоколу. Толку беше, ни развиорени бугарски знамиња, ни мапи со голема Бугарија, ни восклици дека Македонија е бугарска, ништо од тоа.
Токму ова одбележување ги демистифицираше сите бугарски напори да покажат дека Македонија е недемократска држава, дека им ги ускратува правата на македонските граѓани со бугарска самосвест, дека ги малтретира, дека не им дозволува да ги одбележуваат настаните што им се важни и слично. Се покажа дека не е така, односно дека кога ќе си останат дома провокаторите од Бугарија, тогаш секој слободно си ги остварува сопствените права.
А токму главната цел на провокаторите со години беше Македонија намерно да се оцрни пред меѓународната јавност, да се прикаже дека една малцинска заедница во земјава е постојано угнетувана, а Македонија не е демократска држава и дека од тие причини Бугарија става вето. Имајќи предвид дека ниту на ЕУ во овој момент не ѝ е приоритет проширувањето, официјален Брисел ја прифати бугарската игра и сега упорно опстојува на уставни измени, иако е свесен дека бугарските барања нема да завршат со впишување на македонските Бугари во Уставот. Затоа и никој не дава гаранции.
Сепак, по години понизна политика, институциите почнаа да функционираат и почнаа да ги превенираат состојбите однапред, а не откако ќе се случат. Затоа им беше и откажано гостопримството на оние што со години влегуваа во Македонија и ги поткопуваа македонско-бугарските односи и од обични чествувања правеа меѓународни инциденти.
Она што на прв поглед падна во очи е високиот демократски карактер на македонското општество, кое никогаш немало предрасуди против кого било, кон неговото чувство за припадност и кон желбата таа своја припадност отворено да ја манифестира. Тоа е таа македонска широкоградост, која, за жал, некој друг ја злоупотребува и ја користи за цели што го поткопуваат добрососедството.
Јасно е дека кога нема мешање однадвор и фингирани провокации, тогаш секој во Македонија може слободно да го негува сопствениот културен идентитет, да ги ужива највисоките права, многу повеќе од правата што ги уживаат малцинствата во земјите членки на ЕУ.

Изминатиот викенд Македонија го докажа тоа, дека Бугарите во земјава ниту биле дискриминирани, ниту биле угнетувани, ниту некој нешто им забранувал, особено кога покажуваат лојалност кон сопствената држава, Република Македонија.
А таа своја лојалност можеа да ја демонстрираат во неделата, на самото место пред спомен-плочата на Мара Бунева. Имено, кога веќе ја искористија можноста да упатат политички пораки за нивно внесување во Уставот, можеа најостро да ги осудат изјавите на Костадин Костадинов во кои тој повика на анектирање на Македонија од страна на Бугарија. Така ќе покажеа дека Македонија е нивна татковина и дека нема да дозволат никој да посегне по неа.
Ај што ним не им текна, чудно е како ниту на официјалните бугарски власти не им текна да го опоменат Костадинов, да кажат дека тоа не е официјална бугарска позиција и дека тие ги почитуваат територијалниот интегритет и суверенитет на соседната земја. Ништо, можеби се премногу фокусирани на политичката криза, па тоа им го одвлекува вниманието.
И за нив да најдеме некое оправдување. Ама, еве, претседателот Радев, кој ужива висок рејтинг и кој постојано се повикува дека Македонија мора да го почитува Договорот за соработка и пријателство, добро знае дека во него пишува оти двете страни нема да пројавуваат територијални претензии една кон друга.
Па ако изјавата на Костадинов не е територијална претензија, тогаш што треба да се случи за Радев да реагира во духот на добрососедството и договорите, кои мора да се почитуваат, нели? Да не испадне и во случајот со Костадинов, Вашингтон прв да го види на својата црна листа, па дури после другите да се оградуваат од него?
Но ако се водиме по онаа молчењето е одобрување, тоа значи дека и другите на бугарската политичка сцена се согласуваат со зборовите на Костадинов, кои не се ништо поразлични од стогодишната бугарска агенда за голема држава од Дунав до Егејско Море и од Црно Море до Охридско Езеро.

Како и да е, Македонија покажа дека отсекогаш ги негувала и ги надградувала малцинските права и дека ќе продолжи и во иднина да го прави тоа, но истовремено и покажа дека добрососедството се гради со дела, а не со празни зборови. Неодамна заврши изградбата на експресниот пат кон граничниот премин Деве Баир, интензивно се работи и на железничкото поврзување, што јасно говори што подразбира земјава под добрососедство, односно овозможување на граѓаните и бизнисите полесно и подиректно да комуницираат. Тоа е вистинската формула за соработка и зближување, а не преку подметнувања, провокации и ширење лажни наративи дека нечии права се загрозени и тоа да се користи за да се блокира европската перспектива на Македонија.
Важно е официјална Софија конечно да ги замолчи провокаторите што самата ги регрутираше и да отвори можност да почнат да говорат вистинските бугарски граѓани, оние што сакаат Македонија да биде најблизок сосед и пријател на Бугарија. Тие најдобро знаат што значи почитување на сечиј суверенитет, идентитет, јазик и историја, односно знаат што значи меѓусебна почит. Впрочем, таа меѓусебна почит ја има, но е надвор од официјалната бугарска политика. Време е да се смени тоа.