Фото: Маја јаневска Илиева

Покрај хартиените свидетелства, на крајот од тековната учебна година, учениците од прво до трето одделение за првпат ќе добијат и дигитални свидетелства како резултат на заложбите на Министерството за образование и наука за дигитализација на образованието.

– Оваа учебна година започнуваме со етапно воведување на дигиталните свидетелства. Тие ќе имаат идентична важност како и хартиените кои постепено ќе се заменуваат, што ќе значи олеснување на административната работа на училиштата, намалување на трошоците за печатење и онлајн достапност на документот во секое време. Продолжуваме да ја дигитализираме образовната сфера. Задоволна сум од интензитетот на овој процес, затоа што речиси сите постапки за остварување на права и услуги се поедноставени и се реализираат по електронски пат. Преостанува уште уписот во високо образование, а со воведувањето на дигиталните свидетелства, се отвара можност за остварување и на оваа цел  – изјави министерката Весна Јаневска.

Со воведувањето на дигиталните свидетелства, учениците и нивните семејства ќе имаат полесен и побрз пристап до документите, додека училиштата ќе добијат поефикасен административен процес и трајна електронска архива. Секое дигитално свидетелство останува во трајна електронска архива и по потреба и на барање на ученик или неговото семејство, може да биде отпечатено од страна на училиштето. Во следните години, дигиталните свидетелства постепено ќе се воведуваат и за учениците од повисоките одделенија.