Фото: Нова Македонија

Резултати од вонредниот мониторинг по завчерашната санација

Водата од водоснабдителниот систем на градот Скопје е санитарно исправна и може непречено да се користи од страна на граѓаните, информира секторот Санитарна контрола на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје по извршениот вонреден мониторинг на водоснабдителниот систем на градот Скопје, кој завчера беше во прекин со водоснабдување поради изведување активности за санација, реконструкција и модернизација на градската водоводна мрежа.
Мониторингот опфати девет клучни места, и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош, од каде што беа земени примероци од водата за пиење врз кои беше изведено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање.
Во саботата беа извршени санација и реконструкција на градскиот водовод во Скопје, во што учествуваа повеќе од 160 лица технички персонал на ЈП „Водовод и канализација“, како и 150 административен персонал. Поради овој сложен оперативен план за санација на главниот цевковод, поголем дел од Скопје вчера беше без вода од околу 2 часот, сѐ до санирање на дефектот околу 14 часот, по што започна со постепено полнење на магистралниот цевковод на градот. Н.М.