Пописот што ќе следува е извонредна измислица и генијален потег за дефинитивна елиминација на Македонците. Попишувачите те барале дома, а тебе те нема. Ова не е и не може да биде мудрост на нашите политичари. Премногу е за нив. Идејата сигурно доаѓа од нашите американски „стратегиски партнери“, кои не спијат за да ни помогнат. Тие мислат на сѐ и така планираат. Во пописот без Македонци, најмалку три фундаментални цели ќе бидат постигнати во интерес на Вашингтон, слепо следен од Брисел. А ако тоа им одговара ним, нема поубав знак за наша среќа и бериќет. Ќе станеме „член на библиотеката“ („Радован Трети“).
Прво, суштинско и најважно, Атина нема да експлодира. Таа потпиша договор со кој успеа да ги избриша Македонците како народ и сѐ што е македонско во земјава и замислете, на следниот попис, тие повторно да воскреснат?! Тоа би било рамно на катаклизма. Поголем предизвик за Грците, ама и за светот, кој целосно ги поддржува, иако воопшто не се во право, нема да биде можен. Договорот од Преспа ќе ја загуби својата смисла, а тоа може да биде повод не само за трета туку за неколку светски војни. Го сменија и изрезилија Груевски, зашто не сакаше да капитулира, и кого сега би ставиле на столбот на срамот? Сите во врвот на државата, на чело со пратениците, ги игнорираат фундаменталните интереси на Македонците. Кого да избереш, кога никој не ги брани? А попис, во кој би фигурирале Македонци, би бил наша чиста и врвна политичка безобѕирност, непристојност, недоличност, бескрупулозност… со еден збор – злосторство. Тие клети така би се декларирале, а и грстот предавници ќе немаат избор, за да не се откријат и издадат.
Второ, исто толку важно е забошотувањето на точниот процент на Албанци во земјава. Замислете, со попис во кој ќе се знае колку има Македонци, Турци, Срби…, тие да излезат под 20 проценти! Тоа ќе биде светска, а не наша и балканска политичка катастрофа! Тоа во миг би ги срушило сите погубни намери на американските планери за нас и регионот. Тие прават сѐ што е можно и неможно, иако целосно противуставно, Албанците да станат државотворен народ, а не малцинство како што се. Земјата така најлесно ќе се федерализира со трета албанска држава, која, на некој начин, ќе биде јубилејна. Трета среќа.
Последно, пописот недвосмислено ќе потврди дека нема веќе Македонци не само формално туку и официјално. Договорот со Грција формално нѐ избриша, а пописите секогаш се главен официјален доказ за постоењето на некој народ. Така ќе се исправи една историска кражба. Речиси сите лидери на Грција јасно ни порачаа дека брендот „Македонија“ сме го украле од нив и дека крајно време е да им го вратиме. Софија беше уште подиректна – во ЕУ само без македонизмот. Иако мотивите на Атина (брендот…) и на Софија (народот…) се различни, целта им е идентична. Тоа целосно не се поклопува ниту со политиките и интересите на Вашингтон, ама кој од балканските политичари мисли на утре.
А сето ова нам прецизно ни кажува дека би била невидена вообразеност, дрскост, непринципиелност, надуеност, бесрамност, надменост, болна амбициозност, неодговорност…, ние сега на попис да ги воскреснуваме Македонците. На што би личело тоа? Да ги оставиме настрана нашиве добронамерни соседи, ама што ќе речат Вашингтон, Берлин, Брисел, Париз… Зарем ќе ги разочараме и нив?
Во очигледно нереални пописи, веќе над 75 години се појавуваат Македонци како народ, и на тоа мора да се стави крај. Доста го држевме светот заложник со нашиот измислен национален идентитет, подарен од Тито. А тоа што нашите дедовци и пра, пра, пра… биле Македонци е нивна голема заблуда, грешка и илузија. Толку знаеле и за ништо гинеле. Дури последниот куршум го чувале за себе, за да не паднат во раце на душманите. Каква наивност. За разлика од нив, Заев, Шеќеринска и тие наоколу се видовити визионери. Единствен проблем е што не разбираат што гледаат, читаат и слушаат и затоа потпишуваат пресуди за (само)убиство на сите Македонци. Каде и да се.
Паралелно, меѓу албанските политички лидери во земјава има опасни шовинисти, кои се и отворени носители на големоалбанскиот проект. Тие не се малкумина. Сега јавно ни мавтаат пред очи дека на почетокот на 20 век – немало Македонци. Во прашање е тешка и злобна политичка манипулација на екстремисти од калибарот на Села. Потешка навреда за македонскиот народ не е лесно да се измисли. Меѓутоа, не се такви само Албанците. Си имаме ние и наши „умници“, како Денко Малески, на пример, кои тврдат дека како народ, или Македонци, сеедно, сме се „појавиле“, „освестиле“, „осознале“, „конституирале“… во текот на Втората светска војна. Тој не кажува што бил татко му? Ова е, секако, одлична препорака (кај Албанците, де) за да се стане претседател на државата што а се откажува од својот македонизам. Нашите предавници се клучот на нашата небиднина.
Точно е дека во пописите што се правеле на почетокот на минатиот век немало графа „Македонци“, бидејќи немало таква држава. Народот не бил признаен како автентичен, бил поделен по Балканските војни и присвојуван и игнориран од своите соседи, впрочем, како и денес. Не е чудно што албанските рушители на македонскиот карактер на државава игнорираат дека 200 години во светот постоело „македонско прашање“. Вчудовидува што на Малески не му е јасно дека не е можно да има такво прашање а да нема Македонци. Изјавите на Села се логични. Тие се политички пораки во согласност со договорот од Преспа и потврда за туѓите намери да се федерализира земјата.
Случајот со мојот дедо од Ресен, Ицо Попе, кој за слободата на Македонија 17 години поминал во казаматите блиску до градот Дијарбакир во Источна Турција, е најдобра илустрација за пописите. За време на српската окупација, при попис, го прашале – националност? Македонец, одговорил. Нема такво нешто, му вратиле. Тогаш пишете што сакате, рекол. И пишувале.
Ова е дел од нашата трагична историја. Такви биле времињата. Како жртви на махинациите на тајните служби, кои ги спроведувале политиките на тогашните држави, лидерите на Македонците се убивале меѓу себе додека чорбаџиите соработувале со окупаторите за повеќе да заработат. Тоа не оставало ни теоретски можности да се прави сопствена држава. Сепак, многу пострашно е ова што ни се случува денес. Положбата на македонскиот народ е бетер отколку тогаш. Македонци повторно нема да има во 21 век! Пак во попис што, овој пат, ќе го организираме самите, во досега сопствената држава. Така е, иако не е за верување. Минатиот попис пропадна бидејќи не им одговараше на Албанците. Слично ни се случи и со првата енциклопедија, бидејќи тие, за разлика од нас, знаат што и како сакаат. Нашите политичари, пак, како да се паднати од вселената и ништо не разбираат. Или, така се прават, бидејќи се пиони во туѓи раце. Не само странски. За да дојдат на власт или за да ја задржат, тие ги исполнуваат сите желби на Албанците. Ништо не им е свето, ни сопствениот народ, ни државата. Сега, нивните патрони јасно им кажале дека не смееме да брануваме и да вознемируваме. Воскреснувањето на Македонците во попис е токму такво нешто.
Со пописот што се подготвува, којзнае по кој пат (ОРД; тиранска платформа; „консензуален“ претседател…), македонското мнозинство ќе се брише, бидејќи тоа не се совпаѓа со интересите на најголемото малцинство и, се разбира, на странците. Сепак, ова се последните игри околу судбината на Македонците. Кога ќе се активира договорот со Грција, нив веќе ќе ги нема и нема да бидат потребни нови акробации за нивно анулирање. Мораме да издржиме уште малку, да проголтаме уште некоја кнедла, колку и да се тие големи, додека целосно не станеме зомби.
Не можеме за сите овие Танталови маки да го обвиниме Заев. Тој нема избор. И самата Влада, и бришењето на Македонците, што е света обврска преземена во договор со Грција – зависат од Села, Ахмети, Гаши… Нивната лојалност кон државава е пример за сите иредентисти. И, што треба Заев да направи ако се знае дека одамна изјави дека неговата партија не е патриотска? За нив е Македонија ситна работа, која не заслужува поголемо внимание. Лидерите на СДСМ се, во најмала рака, глобалисти.
Особено кога Бејли, Меркел, Макрон, Столтенберг… им велат дека Европа ги чека со раширени раце, иако вратата е заклучена. Да се откаже од власта поради некакви патриотски чувства што ги нема? Не е будала да си ја сече гранката на која седи.
Благодарни сме им на Села и сличните што убаво нѐ потсетија дека на почетокот на 20 век не сме постоеле како народ и навреме нѐ насочија да не си правиме бајрам со умот, за следниот попис. Некој му ја шепнал асоцијацијата со пописите, да даде ишарет како било, за да се знае како треба да биде. Случајни случајности никогаш не се случуваат. А инаетот (наш) никаде не води. Ако „итерпејовци“ како Бејли, Хан, Меркел, Макрон… Ципрас, Борисов, Рама… сметаат дека не постоиме, кои сме ние да се противиме? Власта арно смета дека треба да виткаме ’рбет. Големо чудо, си го свиткал кога луѓе летаат во вселената.
Не мораме секогаш да се согласуваме самите со себе.
Авторот е поранешен дипломат