Европскиот комесар за енергија и домување Ден Јоргенсен најави амбициозен план за целосен прекин на енергетските врски меѓу Европската Унија и Русија, оценувајќи дека ЕУ се колеба околу целите за замена на руските со енергенси од други извори, па затоа се потребни чекори за „враќање на работите на вистинскиот пат“.
Тој смета дека самото намалување енергетската зависност на ЕУ од руските енергенси по почетокот на инвазијата на Русија врз Украина претставува значајно достигнување, но тоа, според него, не е доволно.
– На сите им е очигледно дека треба да се случи нешто ново затоа што работите сега почнуваат да одат во погрешна насока. Затоа ќе подготвам опиплив патоказ што ќе вклучува ефикасни алатки и средства за да го решиме преостанатиот дел од проблемот – порача Јоргенсен.
Според него, доказ дека работите почнале „да се движат во обратна насока“ е зголемувањето на набавките на течен природен гас од Русија во ЕУ, како и фактот што пет земји членки на ЕУ и натаму се во голема мерка зависни од руското нуклеарно гориво.
Јоргенсен истакна дека неговиот план првенствено ќе се фокусира на гасот, но исто така и на нафтата и нуклеарната енергија, најавувајќи дека тој ќе биде подготвен во првите 100 дена од неговиот мандат, што практично би значело до средината на март.
До почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, околу две третини од потребните енергенси во ЕУ се обезбедуваа од Русија. Од тогаш ЕУ значително ја намали зависноста од руски енергенси, но според проценките годинава увозот на течен природен гас од Русија во Унијата ќе биде поголем за околу 10 отсто споредно со лани.
ЕУ постави неформален амбициозен план за целосен прекин на набавката на руски енергенси до 2027, но тоа засега наидува на отпор на некои земји членки кои се пред се зависни од увозот на гас од Русија.
Најавата на Јоргенсен доаѓа неколку недели пред истекот на Договорот за транзит на руски гас преку Украина склучен во 2019 година, врз основа на кои членките на ЕУ, пред се од Средна Европа, се снабдуваат со енергенсот од Русија.
– Се подготвуваме за оваа ситуација, што е уште една причина зошто ни е важно да го имаме новиот патоказ за многу брзо време – порача Јоргенсен.