На 24 октомври во Националната опера и балет во Скопје, од 16и од 19 часот ќе се одржи 26. издание на Интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“. Годинава, покрај од Македонија, ќе учествуваат пејачки таленти од Босна и Херцеговина, Србија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Грузија, Украина, Израел и Узбекистан.
– „Ѕвездички“ не е само фестивал – тоа е сцена на која се раѓаат соништа, се откриваат нови таленти и се создаваат спомени што остануваат за цел живот. Со особена гордост ја продолжуваме традицијата на еден од најзначајните детски музички фестивали, кој низ годините им овозможува на младите таленти од Македонија и од целиот свет да ги покажат својот глас, својата креативност и својата љубов кон музиката – вели директорот на фестивалот Марјан Катароски.
Тој додава дека мисијата на фестивалот е давањето можност децата да блеснат на големата сцена, да стекнат нови пријателства и да ја почувствуваат магијата на музиката што ги обединува луѓето без разлика на јазикот, културата и границите.
– За мене, најголемата награда не е само освоеното признание туку насмевката на секое дете, неговата храброст да застане пред публиката и вербата дека неговиот сон може да стане реалност. Верувам дека секое дете носи посебна ѕвезда во себе. Наша задача е да му помогнеме таа ѕвезда да засвети. Добре дојдовте на „Ѕвездички“ – фестивалот каде што детските соништа стануваат музика, а младите таленти добиваат можност да го освојат светот – вели Катароски.
Во изминатите години учествувале над 3.000 учесници од речиси сите континенти и земји од светот.
„Нова Македонија“ и „Колибри“ и овој пат се медиумска поддршка на фестивалот. Ф.Д.

















































