И Египет се вклучува во воената равенка на Блискиот Исток

  • Официјално Каиро застанува зад Ријад во момент кога јеменските Хути ја пренесуваат војната на саудиска територија. Зад најавата за воена помош се судираат безбедносните интереси, економската зависност и борбата за регионално влијание

Блискиот Исток влегува во нова фаза на регионално прегрупирање. Одлуката на Египет да ѝ ја стави својата воена моќ на располагање на Саудиска Арабија, доколку Ријад побара помош, не е само израз на традиционалната арапска солидарност. Таа е сигнал дека конфликтот со јеменските Хути сè потешко може да се задржи во границите на Јемен и дека неговите последици се прелеваат врз пошироката безбедносна архитектура на регионот. На 18 октомври 2026 година египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси побара итна парламентарна постапка за одобрување можен воен ангажман во одбрана на Саудиска Арабија. Египетскиот Совет за национална одбрана соопшти дека Каиро е подготвено да ја обезбеди потребната поддршка за заштита на саудиската безбедност, територијалниот интегритет и ресурсите. Засега станува збор за сериозна најава за можен ангажман, а сѐ уште не за потврда дека египетските сили веќе се распоредени на терен.

Во блискоисточниот воен мозаик се придодава и саудиската безбедносна криза

За да се разбере значењето на египетскиот потег, мора да се погледне што се случува на јужната граница на Саудиска Арабија. Јеменските Хути, вооружено движење што одржува блиски врски со Иран, ги интензивираа нападите врз саудиската инфраструктура. Меѓу целите беа меѓународниот аеродром во Ријад и објекти поврзани со нафтениот гигант „Сауди Арамко“. Нападите следуваа по обновувањето на борбите меѓу Хутите и силите на меѓународно признаената јеменска влада, поддржана од Ријад, по распадот на претходното примирје. Со тоа се менува и природата на заканата за Саудиска Арабија. Во прашање веќе не е само влијанието врз соседен Јемен туку и безбедноста на главниот град, енергетската инфраструктура, воздушниот сообраќај и поморските комуникации. Според известувањето на „Ројтерс“ од 14 октомври, нападот врз аеродромот во Ријад предизвикал најмалку 13 загинати и повеќе од 300 повредени. Нападите врз нафтената инфраструктура, пак, ја зголемуваат загриженоста за способноста на кралството истовремено да ги брани своите стратешки објекти и да ја одржува економската динамика врз која се темели неговата развојна стратегија. Токму во оваа точка египетската поддршка добива поголема тежина. Ако Саудиска Арабија мора да ангажира повеќе ресурси за одбрана на сопствената територија, нејзината способност да ја контролира кризата во Јемен и да ја заштити поморската трговија станува уште поважна за целиот регион.

Зошто Египет?

Египет не е случаен избор за ваков вид партнерство. Тој располага со една од најголемите армии во арапскиот свет, има значајна позиција на Црвено Море и го контролира Суецкиот Канал, кој е една од најважните светски поморски артерии. За Каиро, безбедноста на Саудиска Арабија не е оддалечено прашање на надворешната политика. Таа е непосредно поврзана со сопствените економски и стратешки интереси. Хутите не претставуваат закана само за саудиските пристаништа и нафтените капацитети. Нивното влијание врз пловидбата во Црвено Море и во теснецот Баб ел Мандеб може да ги наруши трговските текови што водат кон Суецкиот Канал. За Египет, тоа значи ризик за приходите од транзитот, за поморската безбедност и за пошироката економска стабилност.
Според анализа објавена од „Ал Џезира“ на 18 октомври, египетскиот министер за надворешни работи претходно укажал дека кризата со поморскиот сообраќај предизвикала загуби од околу 11 милијарди долари за Суецкиот Канал од почетокот на нападите во 2023 година. Тој економски фактор помага да се објасни зошто Каиро ја гледа регионалната безбедност како прашање што директно се одразува врз домашните интереси.
Постои и втора, не помалку важна димензија, а тоа се односите со официјален Ријад. Имено, за потсетување, Саудиска Арабија и другите богати заливски монархии обезбедија значителна финансиска помош, депозити и инвестиции за Египет по соборувањето на претседателот Мохамед Морси во 2013 година. Затоа, поддршката за Саудиска Арабија е и начин Египет да ја зачува стратегиската доверба на партнерот од кој зависи дел од неговата економска и финансиска стабилност.

Поморската соработка прераснува во воено присуство

Најважното прашање е каква форма на поддршка Египет би ѝ дал на Саудиска Арабија. Каиро и претходно учествуваше во коалицијата предводена од Саудиска Арабија, формирана во 2015 година за поддршка на јеменската влада против Хутите. Египетскиот придонес, сепак, беше ограничен во однос на директните борбени операции.
Египет учествуваше и во поморските активности насочени кон обезбедување на пловидбата во Црвено Море. Новата иницијатива оди чекор понатаму. Имено, со неа се отвора можност египетските сили да помогнат во одбраната на самата саудиска територија. Аналитичарите цитирани од „Ал Џезира“ сметаат дека потенцијалниот придонес би можел да опфати противвоздушна и противракетна одбрана, пресретнување беспилотни летала, разузнавачка соработка и заштита на критичната инфраструктура. Таков ангажман би ѝ помогнал на Саудиска Арабија да ги распредели сопствените сили на поширок простор, без нужно да подразбира испраќање египетски војници на фронтовите во Јемен. Оваа разлика е суштинска. Одбраната на аеродроми, нафтени постројки и поморски коридори има поинаков политички и воен ризик од директното учество во копнена војна. Првиот модел му овозможува на Египет да ја покаже својата сојузничка определба, а истовремено да се обиде да избегне долготрајна интервенција. Историјата нуди доволно предупредување. Во 1960-тите години, за време на јеменската граѓанска војна, Египет на Гамал Абдел Насер испрати десетици илјади војници во Јемен и претрпе големи загуби. Тоа искуство останува важна причина зошто евентуалниот современ ангажман би можел да биде ограничен на одбранбени задачи.

Иран, Хутите и границите на одвраќањето

Египетската поддршка има и пошироко регионално значење. Хутите се дел од мрежата на вооружени актери што одржуваат врски со Иран, иако нивните интереси и одлуки не можат автоматски да се сведат на директни наредби од Техеран. За Саудиска Арабија, нападите претставуваат тест на нејзината способност да ја заштити територијата и да го зачува регионалното влијание. За Иран, кризата отвора простор за притисок врз саудиските безбедносни ресурси и врз поморските маршрути од кои зависат регионалната трговија и енергетските пазари. Египетскиот ангажман затоа може да има двојна функција. Од една страна, дополнителните капацитети за одбрана би можеле да ја намалат ранливоста на Саудиска Арабија. Од друга, самата најава за вклучување голема арапска воена сила испраќа порака дека нападите врз кралството може да предизвикаат поширок одговор. Но одвраќањето не е исто што и решавањето на конфликтот. Дури и посилната воздушна одбрана не ја отстранува причината за војната во Јемен, ниту гарантира дека нападите врз инфраструктурата и поморскиот сообраќај ќе престанат. Постои и ризик од дополнителна ескалација. Ако Хутите го протолкуваат египетското присуство како директно учество во војната против нив, Каиро би можело да стане цел на политички или безбедносни закани. Во таков случај одбранбената мисија би можела постепено да добива пошироки обврски.

Што значи ова за поширокиот регион?

За арапските држави, египетската иницијатива отвора прашање за степенот на нивната меѓусебна безбедносна координација.
– Во услови кога нападите се прошируваат, а надворешните гаранции за безбедност се доживуваат како недоволни, регионалните партнери се соочуваат со избор. Тоа е да се потпрат врз сопствените воени капацитети или да преземат поголеми заеднички обврски. За САД, развојот на настаните е важен тест за улогата на Вашингтон во безбедноста на Заливот. Саудиска Арабија традиционално се потпира врз американската воена и разузнавачка поддршка, но кризата ја засилува потребата од дополнителни регионални партнери. За Египет, пак, соработката со Ријад отвора простор за поголемо дипломатско и безбедносно влијание. Во исто време кризата не треба да се толкува како доказ дека арапските држави настапуваат со целосно усогласена стратегија. Нивните интереси се преклопуваат, но не се идентични. Египет сака да ги заштити Суецкиот Канал и сопствената економија, а Саудиска Арабија сака да ја одбрани територијата и да го зачува регионалниот авторитет. Другите заливски држави имаат сопствени процени за ризиците и за односите со Иран. Токму затоа вистинскиот тест ќе биде дали најавената соработка ќе остане ограничен одбранбен механизам или ќе прерасне во поширока воена коалиција – анализира наш соговорник, поранешен Амбасадор на Блискиот Исток.

Последици што се чувствуваат и надвор од Блискиот Исток

Логично се наметнува прашањето и за европските држави, а посредно и за Македонија, за директните или посредните последици што би можеле да се почувствуваат преку енергетските пазари, транспортот и меѓународната трговија…
– Црвено Море и Баб ел Мандеб се дел од поморскиот коридор што го поврзува Индиски Океан со Суецкиот Канал и Средоземно Море. Подолготрајните нарушувања на пловидбата може да ги зголемат транспортните трошоци, да ги продолжат роковите на испорака и да извршат притисок врз цените на дел од увезените стоки. Енергетските пазари се изложени на сличен ризик. Нападите врз нафтената инфраструктура или нарушувањата на извозните маршрути можат да ја зголемат неизвесноста и да предизвикаат ценовни движења што ќе се почувствуваат и на европскиот пазар. Тоа не значи дека секоја регионална ескалација автоматски ќе предизвика нов енергетски шок, туку дека ризикот расте кога повеќе стратешки коридори се изложени на истовремени закани. За Македонија, која е мала и увозно зависна економија, ваквите движења се важни поради можниот пренос на повисоките транспортни и енергетски трошоци врз цените, производството и животниот стандард. Непосредната воена закана за земјата не произлегува од самата египетска одлука, но економските последици од продолжена нестабилност во регионот не треба да се занемарат – анализира нашиот соговорник.

Одлука со ограничени можности и големи последици

Египетскиот чекор ја покажува промената на регионалната безбедносна равенка. Каиро повеќе не се ограничува само на дипломатска поддршка за Ријад туку и отвора можност за конкретен воен придонес во одбраната на саудиската територија. Сепак, конечниот карактер на овој ангажман ќе зависи од парламентарното одобрување, од формалното барање на Саудиска Арабија и од тоа какви задачи би добиле египетските сили. Без тие елементи, не може да се тврди дека Египет веќе влегол во директна војна со Хутите. За Каиро, предизвикот е да ја потврди својата улога како регионална сила без да се вовлече во нова долготрајна воена авантура. За Ријад, прашањето е дали дополнителната поддршка ќе обезбеди доволно сигурност за заштита на критичната инфраструктура и за продолжување на економските планови. За целиот регион, клучната дилема останува дали военото прегрупирање ќе создаде услови за одвраќање или ќе ја прошири листата на директни учесници во конфликтот.
– Најважната порака е дека кризата во Јемен веќе не е само јеменско прашање. Таа ги поврзува безбедноста на Саудиска Арабија, економските интереси на Египет, влијанието на Иран и стабилноста на поморските коридори што се важни за светската трговија. Египетската иницијатива е знак дека регионалните сили се подготвуваат за подолга и понеизвесна безбедносна конфронтација, но и дека сè уште се обидуваат да најдат начин да ја ограничат наместо да ја претворат во уште поширока војна – го завршува брифингот нашиот соговорник, долгогодишен дипломат, во врска со најавата на Египет за активна и директна поддршка на Саудиска Арабија во новоотвореното воено жариште на Блискиот Исток. Р.С.