Репортажа од масовните протести
- Масовните протести против високите трошоци за живот се претворија во сцени на хаос, пожари, кражби и грабежи во повеќе француски градови, со што кризата се продлабочува при судирите на демонстрантите со полицијата и меѓусебните обвинувања на политичарите
Сите што ги гледаа телевизиските вести и социјалните мрежи видоа како во саботата, во близината на Плоштадот на Републиката во Париз, паѓаа огнометни ракети, парчиња камења, камени блокови, сообраќајни знаци, електрични велосипеди и метални бариери. Тука и таму, во воздухот преполн со солзавец, рацете што мавтаа со овие различни проектили одеднаш се кренаа, бомбардирајќи ја линијата полицајци насобрани на улицата Рампон. Полицајците се заштитуваа најдобро што можеа зад штитовите. Вревата што доаѓаше од толпата маскирани демонстранти облечени во црно беше оглушувачка, па можеа да се слушнат скандирања насочени против полицијата. На три метри оддалеченост гореше парче градежна опрема, пожар запален од демонстрантите, кои фрлаа разни течности врз нив со надеж дека ќе го разгорат пламенот.
Француската власт ја препознава „радикалната крајна левица во протестите“
Апокалиптичната атмосфера можеше да биде еден од оние судири што понекогаш се гледаат на крајот од протестите меѓу демонстрантите и полицијата. А се случија веќе во 14 часот во саботата, уште пред да почнат демонстрациите „против високите трошоци за живот“ од Плоштадот на Републиката кон „Клиши“, при што беше предвидено да ги соберат „жолтите елеци“ и синдикатите. Ова многу зборува за бранот насилство што ја зафати Франција изминатата сабота: далеку од тоа што првично беа ограничени на Плоштадот на Републиката, кој требаше да биде централна точка на париските демонстрации, протестите наместо тоа се проширија на голем број улици во Париз, како и во неколку други градови во Франција. Во Марсеј, Бордо, Лион, Париз или Сент Етјен беа пријавени сцени на хаос, пожари, грабежи и насилни судири меѓу демонстрантите и органите на редот. Според Министерството за внатрешни работи, 550.000 луѓе маршираа низ Франција; а зад сцената на насилството, власта смета дека стои „многу јасно раката на радикалната крајна левица“, како што истакна министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез.
„Слушаме претежно левичарски слогани“. Демонстрациите првично ги започнаа „жолтите елеци“, кои, осум години по првите протести, сакаа да протестираат против „високите трошоци за живот“. Средношколците, кои веќе три недели излегуваат на улиците за да протестираат против условите за учење, им се придружија на првите. Оваа сабота во толпата што постепено го исполнуваше Плоштадот на Републиката, студентите беа најмногубројни, со многу малку флуоресцентни елеци што можеа да се видат. Слогани како „Сите сме антифашисти“ и „Сите ја мразат полицијата“ одекнуваа во воздухот, додека знамиња на крајно левичарски организации и транспаренти на Непокорна Франција ја преплавија толпата демонстранти со црвена боја.
Додека на почетокот атмосферата беше весела, нагласена со песни и звуци на перкусии од улични бендови, веќе можеа да се слушнат и првите експлозии. Групи маскирани млади луѓе ги иницираа првите судири со полицијата, собрани на блиските улици. Гранати со солзавец беа испукани од страна на органите за спроведување на редот, исполнувајќи го плоштадот со чад и предизвикувајќи го гневот на демонстрантите: „Да демонстрираме во мир!“, извика еден човек во шеесеттите години, кој дојде со својата сопруга да протестира против цената на бензинот, додека други велат дека ги „разбираат“ младите луѓе „што фрлаат предмети кон полицајците“, со оглед на „состојбата на земјата, со целосно игнорирана околина, недостигот од пари и средношколците што немаат иднина“.
Ситуацијата брзо стана напната. Во 14.30 часот првиот дел од толпата го напушти плоштадот за да формира поворка кон плоштадот „Клиши“. По должината на трикилометарската рута и во релативно мирна атмосфера демонстрантите ги искажаа своите барања, кои вклучуваа, меѓу другото, „повеќе социјална правда“ и зголемување на платите. Но на Плоштадот на Републиката стотици останаа околу статуата на плоштадот, чиј пиедестал беше опседнат од десетици маскирани демонстранти, некои мавтаа со палестински знамиња, други поставуваа чадни бомби. Некои се обидоа да се искачат на статуата висока 25 метри, закачувајќи транспарент на кој се тврдеше дека „полицијата осакатува средношколци“.
На улиците во непосредна близина на плоштадот, ситуацијата брзо се влоши – сценарио очекувано, па дури и посакувано, од одредени радикални групи. Воздухот беше преполн со солзавец, улицата беше преполна со остатоци и проектили. Во пресрет на протестите, многу дуќанџии решија да ги заковаат своите прозорци за да избегнат штета. Во меѓувреме, неколку возила беа запалени на улицата Борепер, што дополнително ја влоши хаотичната атмосфера. Полициските сили ги растераа масите демонстранти што се собраа на улиците, но само привремено. Противпожарни возила парадираа во текот на попладнето за да ги изгаснат малите пожари. Додека минуваа, гласно беа поддржувани од демонстрантите – од кои некои, само неколку минути претходно, ги запалија самите пожари. На Плоштадот на Републиката толпата постепено се распрсна, отстапувајќи ѝ место на поворка од неколку стотици маскирани учесници, кои насилно се соочија со полицијата.
Сцени на разбојништва во француските градови
Сцените на разбојништва се намножија во главниот град, чии улици беа исполнети претежно со млади демонстранти, повеќето од нив облечени во црно. На каналот Сен Мартен, на неколку метри од запален автомобил, мала група се втурна во супермаркет. Се појавија маскирани млади луѓе: некои мавтаа со шишиња жесток алкохол. Среде вревата, во продавницата беше запален пожар, додека полицијата никаде не се гледаше. Аптека и цвеќарница ја доживеаја истата судбина: на раскрсницата на улицата Лусиен Сампе во 19.30 часот многу луѓе имаа букети цвеќе. Некои повикуваа луѓето да „одат на Елисејските полиња да го најдат Макрон“.
Големите француски градови доживеаја слични немири: во Лион ситуацијата ескалираше многу брзо, бидејќи демонстрациите започнаа во 14 часот под град од солзавец. Кратко потоа, туристичката канцеларија во Лион на плоштадот „Белкур“ веќе беше зафатена од пламен. Судирите меѓу демонстрантите и органите на редот траеја неколку часа, а голем број продавници беа ограбени на трговските улици од групи млади луѓе што носеа маски и беа облечени во црно. Насилство беше пријавено и во Бордо, каде што протестите се претворија во судири меѓу демонстрантите и полицијата. Соочена со сериозноста на настаните, единицата на специјалните сили РАИД беше распоредена за поддршка.
Во Ница паѓањето на ноќта донесе хаос ретко виден во петтиот најголем град во Франција; скршено стакло, вандализирани трамвајски станици и кафулиња брзо затворени под будното око на зачудените туристи. Неколку продавници беа целосно ограбени, што доведе до надреални сцени на млади лица со качулки што се прашуваат едни со други на улица која големина на чевли сакаат или за каков парфем се заинтересирани, носејќи торби полни со украдена стока, без трага од полициско присуство. Во 21 часот, додека Градското собрание на Лимож беше зафатено од пламен, сè уште владееше хаос во многу француски градови.
ОСУДА НА НАСИЛСТВОТО И МЕЃУСЕБНО ОБВИНУВАЊЕ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ
За дел од левицата, насилството при мобилизацијата, што на моменти личеше на бунт, првенствено е резултат на насилната „доктрина за спроведување на јавниот ред и мир“. Саботата требаше да биде славно воскресение на „жолтите елеци“, во комбинација со мобилизацијата на средношколците, за да се осуди „високата цена на животот“ во пресрет на клучните претседателски избори. На крајот, се чини дека е предодредено демонстрациите од саботата да остават горчлив вкус кај целата политичка класа, едногласно згрозена од безграничното насилство. Сепак, на почетокот, левичарските партии беа воодушевени. Навистина имаше толпи.
Кандидатот за претседател на Непокорна Франција, Жан-Лук Меланшон, ги критикуваше 24-часовните информативни канали за фокусирање на слики од неколкуте запалени канти за ѓубре или скршени излози на продавници, на штета на сцените што прикажуваат „десетици илјади луѓе мирно мобилизирани“. Во исто време Марин Ле Пен веќе ги осудуваше дејствата на бунтовниците, виновни за „грабеж, ограбување, уништување“ и „напад врз органите за спроведување на редот“.
– Легитимните социјални барања повторно беа киднапирани од крајната левица и реториката на пратениците на Жан-Лик Меланшон, кои, легитимирајќи го насилството, гледајќи го редот како угнетување, а нередот како право, се обидуваат да ја турнат земјата во хаос – беснееше кандидатката на Националното собир (која, патем, има проблеми со почитувањето на законот и сѐ уште се наоѓа во судска постапка).
Бруно Ретајо од републиканците исто така реагираше веднаш по првите експлозии, осудувајќи го „антиполициското насилство“, „незаузданото дивјаштво чија единствена цел е да се повредат или убијат полицајци или жандарми“.
– Крајно левичарските групи го организираа насилството во неколку француски града – однапред осуди премиерот Себастијан Лекорну доцна попладнето.
За време на своето обраќање, министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез опиша „групи од неколку стотици или дури илјадници бунтовници, јасно поттикнати од крајната левица“. Тој тврдеше дека овие групи ги создале инцидентите пред почетокот на маршот, а не потоа, како што е „традиционално“.
Соочен со вознемирувачките слики што последователно ги преплавија сите медиуми, Жан-Лук Меланшон објави апел за смиреност на Икс во 19 часот: „Оние што ја делат нашата борба немаат право да бидат вклучени во грабежи и уништувања“. Тој ги опиша овие „дејства ако лишени од политичко значење и спротивни на нашите методи“ и, во случајот со Париз, голем дел од одговорноста ѝ ја припиша на „ненормалната команда“ на префектурата.
Оваа теорија ја сподели и Оливие Фор, лидерот на социјалистите, кој, интервјуиран од „Уест Франс“, исто така ја осуди „доктрината за одржување ред“ што фаворизира „игра на мачка и глушец со демонстрантите, кои ја користат за да ги оправдаат своите постапки“. Од своја страна, зелените, преку Марин Тонделиер, рекоа дека го делат „згрозувањето на жителите и дуќанџиите на погодените градови и на францускиот народ што ги гледа овие слики“ и го осудија „секое насилство, од каде и да доаѓа, како што отсекогаш правеле“.
На крајот на денот францускиот претседател Емануел Макрон изјави на Икс дека „оние што вандализираа, нападнаа префектури и бизниси, па дури и ги ограбија нашите општински сали, ќе бидат гонети и казнети“. Претседателот на Републиката беше поддржан од неговиот министер за правда. Таа вечер Жералд Дарманин рече дека бара „исклучително цврст правосуден одговор“ на насилството со „невидена сериозност“. Макрон потоа уште еднаш го осуди „необузданото насилство“, откако еден од најнасилните денови на немири во последните години резултираше со запалени јавни објекти и стотици уништени и ограбени продавници, како и најмалку 2.400 апсења во градовите низ целата земја.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
































