Европа умира! Аман бе, Русјаков! Европа умира, САД пропаѓаат, НАТО ќе се распадне… до кога со таа глупа мантра?
Не јас, Макрон рече дека Европа умира!
А! Тоа е нешто друго, Макрон знае. Види, полека умира онаа Европа каква што сите ја знаеме, каква што сите ја сакаме, бидејќи…
И почнува да обесува за Орбан, изборите во Австрија, агресијата на Русија врз Украина, а јас, обратно од советот на Бекет, „Прво танцувај, потоа мисли!“, престанувам да мислам и умот веднаш почнува да ми танцува за да не му ги слушам на соговорникот досадните флоскули извадени од меинстрим-медиумите на новата нормалност.
Ги гледам по дебати, тукашни и странски, им ги читам порталите, агрегатите за вести, ме ловат по социјални мрежи, поточно единствената каде што сум присутен, ги слушам дури и по улици, ресторани, кафулиња, сеедно што ретко излегувам, дури можам да ги препознаам без уста да отворат, оти и надворешно почнуваат да заличуваат едни на други во својата униформирано брендирана модерност, за еден ден посветиле повеќе време на сопственото тело отколку за цел живот на духовна надградба бидејќи тоа не е ин, човече, зборуваат речиси исто полни со некоја инфлуенсерска надменост, напукана со флоскули од Си-ен-ен аналитичари и сè они нешто загрижени за Европа, светот и вселената, па како нештата тргнале во погрешен правец и што ќе биде со оваа прекрасна планета кога во неа виреат ликови како Трамп, Путин, оние Кинезите што многу нешто почнаа да аздисуваат, ама и ова што се случува, цуци, низ Европичкава наша, не ќе да е на арно, не гледаш ли дека фашисти се повампирија, насекаде бели расисти, тешка сељачаана што мора да се истреби, ги мразат оние кутри мигранти што дошле за парче леб бегајќи од војни, страшно, страшно…
Имаат проблем со тие мигранти, велат почнале да им ги јадат мачките, кажувам нешто што ми прелетало пред очи како наслов, сеедно што не сум обрнал внимание бидејќи сè поретко и ме интересираат информации што шетаат по медиуми, ама го изговарам за да ја предизвикам очекуваната реакција.
Јадат мачки (!!!), крикнува вознемирениот пар соговорници, таа во бундичка од верверички, а тој во нови чевлички врз кои блескаат насмевки на одрани крокодилчиња, па тоа се нецивилизирани дивјаци и не знам зошто воопшто ги пуштаме, треба сите да ги истребиме, и мигранти и десничари и да знаеш, убаво им прават тоа Евреите.
Да, да, велам, планирајќи да кажам нешто одвратно што не го мислам, ама е потребно да го врзеш во сопствен чвор арогантниот прогресивен соговорник, сеедно што во овие модерни луѓенца, производи на новата нормалност, нема ништо либерално, односно слободоумно, мајндсетот им е програмиран само на ограничувања, забрани, кансел-фрустрации и вербална агресија, па додавам, изгледа Евреите имаат таков план, затоа во толкав број им ги истребуваат жените и децата.
Евреите ли (?), крикнува интелектуалната бижутерија, сеќавајќи се одеднаш дека авангарда е да се мавта со палестински знамиња, иако, ако ги ставиш во ист простор со менталитет малку поразличен од нивниот, демек европски цивилизиран, веднаш почнуваат да затнуваат нос и да фрлаат презир од очите, ама да се вратам јас на крикот, Евреите ли (?), за нив ли ми зборуваш (?), па гледаш ли што им прават на оние кутри Палестинци (?), јас да ти кажам тебе нешто, може не е политички коректно, ама оној Хитлер, во право бил.
Супер! Во пет минути муабет ја истребивме пола планета. Вака отприлика изгледа менталниот ќор-сокак на оние што врескаат дека се авангарда и продаваат пувки како цивилизациски вредности, оти они се, нели, модерни и напредни, убави и прогресивни, иако на крајот, секогаш се сведува дека е добро што некој некого истребува. Истреби ги десничарите, затоа што не ги сакаат мигрантите, истреби тоа новодојдените, оти ни ги јадат мачките, Израел добро им прави на муслиманите, оти они види како ги третираат жените и хомосексуалците, ама и Хитлер, очигледно, не ја згрешил многу со тоа концлогорите, бидејќи не се трпи ова што им го спроведуваат на Палестинците, а мачките… мачките не се мечки, Русите сакаат мечки и затоа треба да се истребат Русите сосе нивните мечки, зашто ја окупираа Украина, море да се истребат и оние Украинци што бегаат од војна, па ни се напикаа низ Европичкава со својот олигархиски сељачизам, а кога ги споменуваме селаните, може не треба да се истребат, но мора да им се забрани да гласаат, затоа што најчесто даваат глас за оние десничарски кретени што мразат кутри мигранти што… и така во бескраен круг на забрани, ограничувања и вербална агресија.
Туку да се вратам јас на Европичкава и не, не мислам ништо вулгарно, напротив, деминутив, нагалено, оти моја си е, како дом ја доживувам, па од Балканов ѝ почнува приказната. Значи не паничете, Европа не умира. Ниту ќе умре. Ние ќе умреме, Европа е факинг континент. Јас ако се прашувам, не само што не умира туку е во апсолутна константа.
Што читаш? Маркиз де Сад. Уф, гадно, батали, тоа е одвратна порнографија, оти тогаш Европа била во тешка декаденција, читај нешто друго. Да, спремен ми е Марсел Пруст. Пруст ли? Велат, многу тешко за читање, ама како и да не биде, тие години, пред војните, Европа тоне во декаденција, дај нешто препорачај за гледање. Не знам, во последно време одново ги гледам ремек-делата на црниот бран. Филм ноар, а? Да, да, одличен правец, одраз на поствоената европска декаденција, ама дај препорачај нешто ново. Што знам (?), ги гледав „Триаголник на тагата“ и „Анатомија на паѓањето“, многу се восхитија и публика и критика, иако мене не ми оставија впечаток, всушност, плитко, многу плитко. А не, ремек-дела се, ја одразуваат модерната европска декаденција.
Кај и да се завртиш, во кое време и да погледнеш, Европа е во декаденција. Всушност, вистина, како гламур и дискурс кај Пељевин, така војни и декаденција се најкомерцијалните производи што Европа со векови ги штанца за масовна потрошувачка, иако, за среќа, тука е уметноста, додуша за мала публика, ама црпи инспирација од гореспоменатата деструкција и од неа создава убавина, а убавината го спасува светот, барем светот на оние што ја консумираат уметноста.
Аман, Русјаков, пак со таа Русија! Па уште оној егоманијак Достоевски, кој ги воспева Христос и руската душа, им се потсмева на атеизмот и на Западна Европа, а прогресивните движења што во негово време се појавиле ги рамни со демони. Таквите треба да се истребат од книжевноста, заедно со оние расисти Шекспир и Марк Твен.