Индискиот премиер Нарендра Моди на самит на БРИКС / Фото: ЕПА

Кога станува збор за националните интереси на членките на БРИКС, тие освен заедничката мисија за амортизирањето на западната сѐ уште доминантна улога во светот, прашањето на националниот интерес го ставаат во преден план, не наштетувајќи им на другите членки, а сепак држејќи го во фокусот интересот на својата нација и држава на економски, финансиски, политички, безбедносен и на секој друг план. Еве го примерот за Индија…

Уште еден актуелен пример во светот за штитење на своите национални интереси

Во меѓународната политичко-економска организација на водечките сили во развој, БРИКС, внатрешните релации бележат тренд на сѐ поголем подем. Во членките на БРИКС живее речиси една половина од светското население, со збирен БДП од 13,6 трилиони долари и заеднички надворешни резерви од четири трилиони долари. Стопанствата на членките на БРИКС имаат значително влијание во регионалните и меѓународните случувања. Во тој блок имаат внатрешни релации што носат големи бенефиции за нациите и за државите членки. Сепак, кога станува збор за националните интереси на членките, тие освен заедничката мисија за амортизирањето на западната сѐ уште доминантна улога во светот, прашањето на националниот интерес го ставаат во преден план, не наштетувајќи им на другите членки, а сепак држејќи го во фокусот интересот на својата нација и држава на економски, финансиски, политички, безбедносен и на секој друг план. Еве го примерот за Индија…

Индија, нафтата и енергетското прашање

Tрговските односи меѓу Русија и Индија драстично се подобрија по воведувањето на западните санкции против Русија. Тоа се однесува особено на сферата на енергетиката, односно на снабдувањето на Индија со руска нафта. Во тој контекст е потсетувањето за читателите дека ЕУ на 5 декември 2022 година го забрани увозот на руска нафта и заедно со земјите од Г7 ја одреди горната цена на руската нафта за трети земји на 60 долари. Но, токму оттогаш, во наредните две години (од 2022 до 2024 година) е регистриран растечки тренд на индискиот увоз на руска нафта, кој продолжува и натаму, и покрај силното американско противење. Вашингтон постојано прави напори да изврши политички притисок врз Њу Делхи, при што веќе сѐ помалку се забележува и дека споменатиот нагорен тренд за увоз на руска нафта во Индија подзапира. Но, за сметка на штитењето на својата држава и национален интерес, Делхи прави маневар со кој не го запира своето обезбедување со овој енергент, бидејќи тоа би значело забавување или запирање на стопанскиот развој на државата.

Индија обезбедува енергенти во согласност со брзиот економски и индустриски развој на земјата

Инсистирањето на Индија за зголемување на увозот на руската нафта укажува на фактот дека тој енергент е неопходен за Индија, за нејзиното стопанство и за граѓаните. Тој енергент е од нејзин национален интерес и Њу Делхи ќе направи сѐ за да обезбеди доволни количества нафта, заради свој непречен, динамичен и одржлив економски раст. Поради тоа Индија прави и еден значаен маневар. Имено, со Индија во добар дел и ја реекспортира нафтата, најмногу на европскиот пазар, пред сѐ во Амстердам, од каде што се транспортира до оние што сè уште имаат потреба од овој енергент. Овој тренд на реекспорт кон ЕУ сигурно ќе се намали бидејќи Брисел обезбедува доволни количества од други извори. Но тоа воопшто не значи дека самата Индија ќе се откаже од сè уште поевтината цена на руската нафта во споредба со другите клучни играчи поради потребата за заобиколување на американските санкции, што бара дополнителни напори за зголемување на цената на испораката (сива флота на танкери, пребарување осигурителни компании што не се плашат од секундарни американски санкции, услуги за претовар итн.). Но од примерот се гледа дека Индија опстојува на својата стратегија за соработка со сите глобални играчи до степен до кој тоа е од корист за националните интереси на Индија!

Соработка на Индија и на друг план со Западот

За да ги задоволи своите огромни енергетски потреби, кои рапидно растат во согласност со брзиот економски и индустриски развој на земјата, Индија покажува јасна намера да соработува и со Западот. Намерата е државата и интересот на своите граѓани да ги стави во прв план, без да ги премине црвените линии на стратегиските политики за глобалната мултиполарност. Еве уште еден јасен пример дека Њу Делхи е отворен за соработка со западот. Соработката со САД и нивните платформи во Индопацифичкиот Регион сведочи за тоа. Но, и овде Њу Делхи е претпазлив и не сака да учествува, на пример, во воени вежби во овој формат на земји (покрај Индија и САД, ги опфаќа и Јапонија и Австралија) во зони каде што се вкрстуваат виталните интереси на Кина, особено околу Тајван или Тајванскиот Теснец, кој Кина го смета за своја неделива национална територија. Од друга страна, активно учествува со американската армија во зајакнувањето на индиските сили во спорните погранични области со Кина во Хималајските Планини. Сето ова е знак на политика што другите големи и (или) важни земји во светот, како што се Бразил, Турција, а неодамна и Иран, од изборот на нов претседател, сѐ повеќе се обидуваат да ја спроведат – и оди во насоката на диверзификација на надворешната политика како најбезбедна опција имајќи го предвид целосно неизвесниот долгорочен, конечен резултат на сè поопасниот клинч во кој се најдоа Западот, предводен од САД, и Кина и Русија со нивните сојузници. Р.С.