Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА ВТОРО КОЛО ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ

Црвено-жолтите досега најчесто се среќавале со селекцијата на Ерменија, откако одиграа по четири натпревари во квалификациите за европските шампионати, за светските првенства и во Лигата на нациите и еден пријателски меч

Македонската репрезентација вечерва (20.45 часот) 14-ти пат ќе игра со селекцијата на Ерменија, во мечот во Скопје на арената „Тодор Проески“ во второто коло на групата 4 во лигата Ц на Лигата на нациите. Во првото коло Македонија ремизира 1-1 на гости со Фарските Острови, а Ерменија дома ја победи Летонија со 4-1.

Црвено-жолтите досега најчесто се среќавале со селекцијата на Ерменија, откако одиграа по четири натпревари во квалификациите за европските шампионати, за светските првенства, како и во Лигата на нациите и еден пријателски меч. Македонија има шест победи, три ремија и четири порази. Од 2018 година двете селекции меѓу себе играа во две сезони на Лигата на нациите, како и во квалификациите за Мундијалот во 2022 година и во тие шест дуела Македонија трипати победи, а имаше и еден нерешен резултат и два пораза.

Денешните ривали се сретнаа и во октомври лани, во тест-натпревар, во Струмица, во кој победи Македонија, со 3-1. Претходно тие по двапати играа меѓу себе и во квалификации за европските првенства во 1996 и во 2012 година, како и за светскиот шампионат во 2006 година.

Првопласираната селекција во групата 4 ќе игра во лигата Б во следното издание на Лигата на нациите, а второпласираната ќе настапи во плејофот (дуели дома и на гости) за пласман во повисок ранг, со репрезентација на трето место во групите во лигата Б. Н.М.