Археолошкиот локалитет Градиште – Билазора, кој се наоѓа кај селото Кнежје, Светиниколско, е еден од најголемите и најзначајни раноантички градови во внатрешноста на Балканот, со големо културно и научно значење и неискористен потенцијал за развивање културен туризам. Министерството за култура и туризам, како што е најавено, ќе даде силна поддршка Билазора да го добие местото што го заслужува.
– Археолошкиот локалитет Билазора е еден од неколкуте најзначајни бисери на македонската археолошка мапа, затоа сакам да потсетам дека од 2008 до 2017 година овде се вршеа континуирани археолошки истражувања, кои извесен период беа во категоријата капитални проекти како што му прилега на еден локалитет каков што е Билазора, најголемиот град на Пајонците, еден од најстарите и најразвиени балкански народи – рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков при посетата.
Со реализирањето на последната фаза од истражувањата на кралската палата со конзервацијата на откриените архитектонски остатоци на локалитетот ќе се отворат вратите за целосно афирмирање на Билазора како еден од најзначајните археолошки, културни и туристички пунктови од раната антика на Балканот. Во наредниот период ќе се работи на заживување и збогатување на локалитетот со придружни културни, едукативни и комерцијални содржини, со цел поквалитетна промоција на културното наследство и поттикнување одржлив економски развој преку организирање театарски, филмски и литературни фестивали, ликовни колонии и концерти.
Од буџетот на Министерството за култура и туризам во 2024 година за локалитетот Билазора се издвоени 844.000 денари. Годинашните систематски археолошки истражувања на Билазора, за кои се обезбедени 304.000 денари, ќе се реализираат во септември, а во тек е непосредната заштита на пронајдените археолошки предмети, за што се издвоени 240.000 денари. Во Музејот на Свети Николе веќе е изложена постојана археолошка поставка посветена на Билазора, каде што може да се видат сите движни наоди откриени на локалитетот и да се добијат сите информации за неговото значење.