Откочување на процесот на европската интеграција ќе значи дека Македонија треба храбро и што поскоро да влезе во решавање на проблемот, настанат со безумното усвојување на договорот Ковачевски-Петков од минатата влада, и конечно затворање на прашањата со Бугарија (барем во контекстот на европската интеграција). Но, доколку пак станува збор за бриселски „лет во место“, тогаш не треба никаде да се брза и фокусот треба да се стави исклучиво на хармонизација на македонското законодавство со европското acquis, како и на следењето на можностите што ги даваат Берлинскиот процес и планот на Урсула фон дер Лејен
Се откочи ли конечно завчера европската интеграција за земјите од Западен Балкан среде Брисел? Веројатно веќе со насловот и со моето типично отворање преку поставување прашање, чиј одговор го барам низ колумната, веќе изгубив добри четири петтини од читателите. Па, кому уште сериозно му дошло да чита за македонската европска интеграција, воопшто за балканската европска интеграција, по сите случувања во изминативе децении трнлива голгота кон Брисел? Имајќи предвид дека инспирацијата доаѓа од Црна Гора, ќе се повикам на познатата епска песна „Ѕидање на Скадар на Бојана“. Притоа, нормално, се оградувам од секоја дискусија што ќе израсне во балканскиот дел на интернетот околу етничката припадност на песната, територијалните претензии на балканските народи кон Скадар, националната определба на браќата Мрњавчевиќ и така натаму. Едноставно, епот опишува како било невозможно цели три години да се удрат темелите на градот Скадар, па како уште три години се барало решение што не успеало, за на крајот да се дојде до морбидниот крај за потребата од човечка жртва за изградба на новиот балкански мегалополис. Единствените сличности со балканската европска интеграција на овој еп лежат во временската димензија и во потребата од човечката жртва. Кај временската димензија дури и епската поезија не можела да предвиди дека цели единаесет години по приемот на Хрватска во ЕУ, ниту една од земјите кандидати од Западен Балкан не е ни близу заклучувањето на преговорите. Морбидноста на човечката жртва за влез во ЕУ, пак, беше „специјалност“ на едно малцинство ликови од македонскиот јавен живот, кои наоѓаа некои неискажани услови за прием во Унијата, па посочуваа на судбината на поранешниот премиер на Хрватска, Иво Санадер, како на ритуална жртва што морала да биде принесена на олтарот на хрватската европска интеграција за потоа да бараат сличен таков „обред“ да се случи и во Македонија. Не треба многу да објаснувам дека Санадер самиот себеси се уништи кога премногу се заигра и ја изгуби сета домашна и потоа и меѓународна поддршка, а дека судбината си подигра со нашите херои, па на крајот тие завршија како жртви на олтарот на македонската европска интеграција, како јасни примери како не се трошат европските пари и како не се изигрува довербата од Брисел.
Нејсе, европската интеграција и политиката на проширувањето остануваат најдобрата европска надворешна политика. За жал, поради геостратегиската миопија на Брисел, сега се стравува од ширење на туѓински влијанија во земјите од Западен Балкан што не се целосно интегрирани во структурите на Европската Унија (и пошироко во западните кругови), а се наоѓаат во самото срце на Европа или, како што некои би рекле, во „мекиот стомак“ на ЕУ.
Руската инвазија врз Украина и хоророт на жестоката конвенционална војна дејствуваа освестувачки за европската надворешна и безбедносна политика, па веднаш се пристапи кон отворање на интеграциите за Украина, Молдавија и Грузија на најбрза можна лента. Тука, веројатно, се потсетија и дека балканската европска приказна не е заокружена, па се забрзаа и дебатите околу прашањето што да се чини со Балканот. Моментално Црна Гора и Србија водат преговори и имаат отворено поглавја (сите 33 во подгоричкиот случај, а 22 во градот под Калемегдан), Албанија и Македонија ги отворија, но не ги започнаа преговорите (што и да значи тоа), а и Босна и Херцеговина конечно се стекна и со кандидатски статус и со одлука за почеток на преговорите. Косово е посебен случај, поради одбивањето на пет земји членки да ја признаат независноста, но јасна е потребата и Приштина да се вклучи во интеграциските текови. Меѓутоа, бавниот тек на балканската европска интеграција, а особено судбината на Македонија, која беше препуштена на националистичките пориви и неизживеаните ситни империјализми на соседите сите овие години, ги изладија Балканците од европската интеграција. Сега темата е сведена на професионален интерес во областа на економијата, политичката наука и историографијата, а граѓаните едноставно не ги допира ниту една вест околу проширувањето. Тоа е лоша состојба за нас, „последните Мохиканци“, преостанатото „племе“ на Балканот што уште се залага за целосна европска интеграција на регионот во ЕУ, но искрено и чесно, исклучиво заради личните филозофски, морални и политички ставови. На времето целиот политички и институционален релјеф се менуваше прекуноќ, а во името на европската интеграција. Сега веќе никого не го интересира тоа. Најголемата вина е, секако, кај Брисел и во клучните европски центри поради бесконечното одложување на балканската европска интеграција, но огромна е и вината на домашните политички елити поради злоупотребата и инструментализацијата на европската интеграција за ситни политички цели. Па, колку балкански корумпирани политичари и други пробисвети што животарат во нашиве општества не се дрзнаа да го претстават нивниот опстанок во политиката како епска битка помеѓу доброто и злото, помеѓу европската иднина и чудовишните алтернативни сценарија?
Завчера од Брисел дојде веста дека на меѓувладината седница помеѓу Црна Гора и Европската Унија, самата срцевина на процесот на проширување, бил усвоен Извештајот за процена на привремените одредници (Interim Benchmark Assessment Report – IBAR) по поглавјата 23 и 24, односно клучните поглавја за владеење на правото. Според новата стратегија за проширувањето, чиешто усвојување доведе со „тешката геостратегиска грешка“ во македонскиот случај, според поранешниот премиер Зоран Заев, усвојувањето на овој извештај (веќе влезен во балканскиот новоговор како ИБАР или ИБАР-от во нашиот случај… се сеќава ли некој уште на ХЛАД-от) е неопходно за почнување на завршната фаза на преговорите и конечното затворање на кластерите и на поглавјата. Јавноста не треба да се труди и да се замара со деталите околу овие аркански средновековни правила на проширувањето по новата стратегија затоа што станува збор за непотребно бирократско усложнување на процесот, особено ако се земат предвид украинскиот, молдавскиот и грузискиот случај кога беа прекршени сите правила и надминати сите брзински рекорди во историјата на европското проширување.
Се разбира, никој не го посакува украинското сценарио. Веќе пишував дека украинската војска се бори за идните граници на Европската Унија и за европските вредности во судирот со Русија, како и за принципите на кои се темелеше слободарскиот поредок на светот по крајот на Студената војна. Но, токму заради геополитиката и заради ризиците од влошување на геостратегиското опкружување на Европската Унија, балканската европска интеграција мораше одамна да биде завршена.
Да се вратиме на Црна Гора и на ИБАР-от… Оваа вест најбомбастично одекна во Црна Гора, како и во балканските кругови што ја следат европската интеграција. Зборовите на Оливер Вархеи, дека овој чин значи подготвеност на ЕУ за нов круг на проширување, беа пренесени во сите регионални медиуми. Сепак, изненадува нискиот профил на веста во европски контекст, каде што оваа одлука е некако под радарот на медиумите што вообичаено се преосетливи на сите дразби што доаѓаат од европските институции. Оттаму е и мојата дилема од насловот, односно дали конечно е донесена одлука за заокружување на балканската европска интеграција, па се откочува процесот со Црна Гора, како најлесен случај, или станува збор за „смоквин лист“ што треба да ја пресретне разочараноста низ Балканот од вчерашното отворање на пристапните преговори за Украина и за Молдавија, чин што јасно укажа на политичката природа на целиот процес и на досегашното свесно одбивање на ЕУ да ја раздвижи балканската европска интеграција.
Одговорот на прашањето дали завчера се случи долгоочекуваниот подгорички сигнал, односно исчекор на Балканот кон ЕУ, или станува збор за типичен бриселски шум, празни ветувања и измислување меѓустаници само да се прикрие фактот дека ништо суштинско не се случува, е критично за новата македонска влада.
Откочување на процесот на европската интеграција ќе значи дека Македонија треба храбро и што поскоро да влезе во решавање на проблемот, настанат со безумното усвојување на договорот Ковачевски-Петков од минатата влада, и конечно затворање на прашањата со Бугарија (барем во контекстот на европската интеграција). Но, доколку пак станува збор за бриселски „лет во место“, тогаш не треба никаде да се брза и фокусот треба да се стави исклучиво на хармонизација на македонското законодавство со европското acquis, како и на следењето на можностите што ги даваат Берлинскиот процес и планот на Урсула фон дер Лејен.
Време е за одлучен исчекор во исполнувањето на стандардите, критериумите и одредниците за членство на Македонија во Европската Унија, во шенген-зоната, во еврозоната и во ОЕЦД. Тоа се последните чекори до нашата целосна интеграција во западниот систем на институции и останува уште многу да се сработи на домашен план. Авантурите во надворешната политика на владите на Зоран Заев мошне скапо ја чинеа Македонија и земјата уште долго ќе се соочува со последиците од тоа безумие. Во секој случај, целосната европска интеграција на Македонија, како и заокружувањето на влезот на државата во сите структури на западните алијанси, останува клучен стратегиски интерес на земјата, но овој пат да учиме од лекциите на сопствената историја, па да не се залетуваме на најтивкиот бриселски шум… Ајде, конечно да почекаме на јасна потврда на конечниот сигнал дека европската авенија е конечно отворена.
Ивица Боцевски