Матица

Нашата матица треба да ја врати вербата кај граѓаните дека само со посветена работа, труд, знаење и заедништво може да се гради заедницата (колонијата) успешно како што го прават тоа пчелите. Тие што се најспособни ги водат работите, другите го исполнуваат својот дел од задачата за да може системот да функционира како едно заедничко тело што ќе дише во ист ритам. Тоа ѝ е потребно на оваа наша Македонија, заеднички да ги придвижиме работите како што го прават тоа пчелите, вредно и постојано. Онаму каде што матицата ќе потфрли се распаѓа и колонијата и пчелите тргнуваат кон некои други пчелни колонии, каде што заедницата функционира

Ако сѐ оди според планираниот распоред, утре (недела) македонското собрание треба да одржи седница за инаугурација на претседателот на државата, Гордана Силјановска-Давкова, првата жена што стапува на оваа функција од независноста на државата.
Несомнено синтагмата „татко на нацијата“ во следните пет години во Македонија ќе биде заменета со терминот „мајка на нацијата“, нешто што многу одамна му е потребно на ова длабоко поделено македонско општество.
Нејзината улога во овие пресвртни моменти за иднината на државата на некој начин е слична на улогата на матицата кај пчелите, чија главна и основна задача е да обезбеди опстанок на пчелната колонија, но и да ја држи постојано колонијата заедно преку феромоните што ги лачи.
Така и нашата наскоро нова претседателка ќе мора да ја држи македонската нација сплотена за да го обезбеди нејзиниот опстанок, оти вака како што сега стојат работите, многу лесно ќе се претопи во некои старо-нови текови што циклично се случуваат на овие балкански простори. Да, мислам на идентитетскиот инженеринг што се случува од југ и од исток, со дозвола на Брисел, а кој се заканува да ја избрише нашава „колонија“ еднаш засекогаш.
Но нејсе, народот ги препозна тие закани и реши довербата за водење на државата да ѝ ја даде на професорката Силјановска-Давкова, затоа што верува во нејзиниот интелектуален капацитет, во нејзиното патриотско чувство, нејзиниот непоколеблив став кога станува збор за одбрана на државните интереси и интересите на нацијата, во нејзината посветеност кон работата и задачите што ја очекуваат или, поедноставно кажано, веруваат дека ќе го врати македонското достоинство.
Матицата е пчелата што директно ја контролира кошницата, па така, и нашата нова претседателка треба да ги контролира сите политики за кои граѓаните дале мандат и во секој момент кога ќе утврди дека се застранува од она што било ветувано, најпрво да предупреди, а потоа да ги употреби сите демократски средства и алатки што ѝ стојат на располагање за да ги спречи лошите политики.
Самиот факт што нејзе ѝ укажале доверба речиси 600 илјади граѓани, говори за тоа дека таа има многу поголем легитимитет од кој било пратеник во Собранието и затоа нејзината улога треба да биде главна, а не протоколарна. Тоа значи дека треба многу повеќе да се слуша нејзиниот глас во надворешната политика, во внатрешните процеси, да биде медиум преку кој гласот на народот ќе се инкорпорира во државните политики, односно ќе направи волјата на народот постојано да се почитува, а не само на денот на изборите. Масовниот одзив на претседателските избори е одговор на барањата на некои политички структури во земјава, кои сакаат да му го одземат правото на народот тој да го делегира првиот човек на државата, само и само за да ги задоволат сопствените политички и етнички каприци.

Нашата матица треба да ја врати вербата кај граѓаните дека само со посветена работа, труд, знаење и заедништво може да се гради заедницата (колонијата) успешно како што го прават тоа пчелите. Тие што се најспособни ги водат работите, другите го исполнуваат својот дел од задачата за да може системот да функционира како едно заедничко тело што ќе дише во ист ритам.
Тоа ѝ е потребно на оваа наша Македонија, заеднички да ги придвижиме работите како што го прават тоа пчелите, вредно и постојано. Онаму каде што матицата ќе потфрли се распаѓа и колонијата и пчелите тргнуваат кон некои други пчелни колонии, каде што заедницата функционира. Впрочем, масовниот одлив на нашето население говори дека нешто не функционира во оваа наша македонска кошница, во која матицата одамна ја нема, па затоа сите фаќаат џаде насекаде, некој во Германија, некој во Италија, во Швајцарија и по сите други европски земји.
Затоа овој народ, кога сите мислеа дека апатијата и очајот целосно ќе го обземат, повторно се дигна на нозе и реши да сврти нов лист, да покаже дека е достоинствен и дека никој не може да го омаловажува и уценува. Кога говорам народ, мислам на припадниците од сите етнички заедници оти сите тука сме исти, Македонци, со иста желба да живееме убаво и пристојно. Има многу „трутови“ во ова наше општество што сакаат да ја поделат „кошницата“, но матицата е таа што ќе обединува. Токму тоа го најави новата претседателка по завршувањето на изборите, дека ќе обединува и дека ќе биде претседателка на сите, без оглед на која политичка, етничка, верска или која било друга конфесија припаѓаат.

Она што е особено важно е дека е дојдено времето конечно да се обединиме и да им дадеме шанса на умните луѓе да направат нешто од оваа држава. Тоа значи дека не треба слепо да се именуваат партиски апаратчици на функциите, туку експерти, луѓе докажани во дејноста, без оглед каков им е политичкиот светоглед. Важно е главниот светоглед да им се Македонија и просперитетот на нејзините граѓани.
Професорката Гордана Силјановска-Давкова ќе ја положи заклетвата и ќе стане шестиот македонски претседател од независноста до денес. Како професорка и научничка докажа дека знае да ги собира и сплотува студентите околу себе, а очекувањата се дека со својата харизма ќе знае да го направи тоа и со македонското општество. Тоа ни е насушно потребно ако сакаме сите да ја зачуваме и да ја градиме нашата Македонија. Исто онака како што го прават тоа пчелите.