В сабота (20 април), на плоштадот „Делфина“ во Влае ќе се одржи голем собир на „Буба клуб Македонија“ и на Клубот за историски возила, симпатизери, љубители и сопственици на популарната стара „фолксваген буба“.
Клубот е формиран во 2010 година, со седиште во Скопје. Првиот собир е одржан на 17 април и од тогаш и официјално членовите ги започнаа активностите на клубот на територијата на Скопје и Македонија.
– Клубот за првпат во историјата на Македонија е формиран по иницијатива на неколку члена со цел да се обединат сите сопственици на возилата „буба“ во Македонија, преку кој ќе можат да ги прикажат вистинските вредности на ова легендарно возило на сите времиња како синоним за квалитет, издржливост, симбол на мирот и генерациите. По овој повод, клубот подготви програма за одржување собири и манифестации за 2024 година, а од особено значење ни е прославата на годишнината од првиот собир, кој го прославуваме секоја година од 19 до 21 април, со главен акцент на собирот в сабота, кој ќе се одржи од 13 до 15 часот на плоштадот „Делфина“ во Влае – велат од клубот.


Оттаму информираат дека на претстојниот собир се пријавени повеќе од 60 возила и стотина учесници од разни клубови што доаѓаат од Скопје и други градови на државата (ОТК „Пежо 404 Клуб“, „Џентламенс кру Скопје“, „Кингс оф д стрит – Велес“, „Струмица ретро клуб“, „2ЦВ Спачек клуб Скопје“, „Олдтајмер витези – Куманово“, „Љубители на класик мини“), како и неколку олдтајмер-клубови од регионот, како на пример: „Врање“, „Ниш“, „Врњачка Бања“ од Србија, „Призрен“ од Косово и „Ретро“ од Албанија.
Организаторот најавува и голем број пријатни изненадувања и скромни подароци за учесниците, обезбедени од страна на спонзорите на овој настан. Двочасовната програма за време на собирот ќе биде збогатена со настап на ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“.