Вечерва, со почеток во 20 часот, во Изложбениот салон на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово ќе биде отворена изложбата на младата авторка Мартина Спасовска, со наслов „Гласна тишина“. Оваа поставка беше презентирана претходно во МКЦ-Скопје.
Мартина Спасовска е млада визуелна уметница. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности – насока сликарство (2023). Таа го истражува и користи човечкото месо како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет. Делата ги третира со сложена мешавина на страв, емпатија, деликатес, ранливост и моќ. Има изложувано во Македонија, Англија, Њујорк, Австрија, Грција, Косово и во Турција.
– Мартина Спасовска во своите дела почетно го претставува сопствениот лик (потоа вклучува и други женски ликови видени од нејзина перспектива), не како модел(и) туку како катализатор(и) на проследување на енергијата што ја чувствува и нејзино преобликување во ликовен продукт. Таа во делата што ги создава ги надминува границите на едноставен портрет, сликата оди подлабоко од претставената индивидуа, служејќи како потресна претстава на човековото искуство и соочување со актуелните прашања на нашето време. Преку портретните наративи навлегува длабоко во темите на ранливоста, силата и потенцијалите за трансформација што битисуваат во сите нас. Поканува на отворен дијалог и интроспекција и ги соочува гледачите со колективните рани и болки што постојат во нас и во нашиот заеднички свет – вели Горанчо Ѓорѓиевски, историчар на уметност.
Изложбата ќе биде поставена до 10 мај.