Белата куќа објави меморандум со кој бара од американската вселенска агенција НАСА да воспостави нов стандард за лунарното време до 2026 година. Лунарното координирано време ќе воспостави официјална референца за време, за да помогне во водење на идните мисии на Месечината. САД, Кина, Јапонија, Индија и Русија планираат или ги завршија своите вселенски мисии на Месечината.
НАСА и Белата куќа не се единствените со ваква цел, бидејќи Европската вселенска агенција исто така се обидува да воспостави временска зона надвор од онаа на Земјата. Поради послабата гравитација на Месечината, времето таму се движи малку побрзо.
– Истиот часовник што го имаме на Земјата би се движел со различна брзина на Месечината – изјави Кевин Когинс, шеф за вселенски комуникации и навигација во вселенската агенција НАСА.