Во тоа првенство можеби не е најтесната трка за титулата, само погледнете ги Премиер-лигата или Чемпионшип во Англија, но, со мноштво приказни, вториот степен во С. Ирска би можел да биде еден од најинтригантните во Европа, со четири тима во игра за титулата, меѓу нив лидер што не може да се пласира во елитата, паднат гигант, предизвикувач без дом и тим што игра за две промоции едноподруго, пишува „Би—си“
ФУДБАЛ
Лидер во фудбалска лига што не може да се пласира во елитата, паднат гигант, предизвикувач без дом и тим што игра за две промоции едноподруго. Со шест бода што ги делат водечките четири тима на пет кола до крајот на сезоната, Втората лига на Северна Ирска можеби не е најтесната од трките за титулата, само треба да ги погледнете Премиер-лигата или дивизијата Чемпионшип во Англија, но, со мноштво приказни, вториот степен во С. Ирска би можел да биде еден од најинтригантните во Европа, пишува „Би-би-си“.
Дандела беше извонредната екипа сезонава и заслужено води. Сепак, и покрај успехот, тој клуб не може да биде промовиран во Премиер-лигата. Стадионот на клубот не ги исполнува условите за лиценца за Премиер-лигата и клубот ќе игра уште една година во Чемпионшип, без разлика на исходот. Иако не може да биде промовиран, освојувањето на титулата, сепак, би било огромно достигнување за тимот. Откако речиси испадна од фудбалската лига во 2016 година, Дандела се врати во второто ниво во 2018 година и изгради тим со силен спој на младост и искуство за нивната предизвикувачка сезона за титулата.
Во почетокот на векот Портадаун беше еден од големите тимови во С. Ирска. Клубот имаше проблеми надвор од теренот во минатото, што доведе до испаѓање во 2008 и во 2017 година, а лани испаднаа по тригодишен престој во Првата лига. Најл Кари собра искусен тим, а за да ги подобри шансите за титулата меѓу ангажираните играчи зимава беа двајца од ривалите за титулата и најдобриот стрелец во лигата, пишува „Би-би-си“. Портадаун играше и во финалето на Лига-купот.
Малку клубови имаа толку тешки работи како Институт во претходните сезони, не само што мораа да се справат со испаѓањето туку и со загубата на стадионот, откако домот на клубот од 1980 година беше поплавен во 2017 година. Тие сега дома играат на стадион во Дери Сити. Клубот беше во Првата лига, а испадна во незавршената сезона за време на пандемијата. Нивниот предизвик за титулата е уште позабележителен откако лани беа 11-ти во Чемпионшип и не играа во плејофот за испаѓање со исфрлањето на Воренпоинт таун, а тимот има голем број млади играчи и импресионира цела сезона, пишува „Би-би-си“.
Некогаш водечки во фудбалот во С. Ирска, Бангор е уште еден клуб што има забележителен пораст по неколку тешки години. Првпат во 98-годишната историја клубот испадна во третото ниво во 2016 година поради проблеми со лиценцирањето и целосно испадна од фудбалската лига во следната сезона. Бангор се врати во третото ниво во 2019 година и Ли Фини, роднина на поранешниот напаѓач на Северна Ирска и менаџер на Гленторан, Ворен, лани го одведе клубот до титулата. Нивното враќање продолжи сезонава, го задржаа чекорот со лидерите и цврсто се во трка за враќање во највисоката лига. Н.М.