Фото: Архива „Нова Македонија“

За да имаме стабилизација или намалување на цените на храната, првин ќе треба да извршиме окрупнување на земјоделските површини, субвенции за набавка на современа механизација со висока продуктивност и да ја зголемиме профитабилноста во земјоделското производство, за да можат младите да покажат интерес за вложување и работа во овој сектор

Кои се чекорите да се дојде до стабилизација или намалување на цените на храната

Инфлацискиот притисок во Македонија попушта, и во февруари годинава се сведе на 3 отсто, при што значително е намален притисок од цените на храната и енергијата (но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории за една година), покажуваат податоците на Народната банка, каде што очекуваат и натаму пад на цените во 2024 година.

ФАО објави дека на месечно и на годишно ниво индексот на цените на храната е во пад

Домашната статистика веќе регистрираше дека во февруари годинава во однос на јануари лани инфлацијата изнесувала само 0,4 отсто, но, сепак, трошоците за храна и пијалаци во однос на јануари се зголемиле за 0,5 проценти, додека во однос на февруари 2023 година за 1,5 отсто. Додека, пак, светската организација за храна ФАО објави дека на месечно и на годишно ниво индексот на цените на храната е во пад. Сепак, кај дел од основните производи и суровини за преработка и натаму има поскапување, конкретно цените на шеќерот, месото, млечните производи се во пораст.
Движењата на цените на основните прехранбени производи и суровини на светските берзи и пазари го одредуваат курсот на движење и на цените кај нас, меѓу другото, и поради големата увозна зависност на земјава во прехранбениот и преработувачко-кондиторскиот сектор.
Според новите податоци од ФАО, во февруари во однос на јануари индексот на цените на храната е намален за 0,7 отсто, додека на годишно ниво падот е за 10,5 отсто.
Конкретно, индексот на цените на житарките на месечно ниво е намален за 5 отсто, додека во однос на истиот период лани падот изнесува 22,4 отсто.
– Меѓународните цени на сите главни житни култури секој месец се намалуваат. Како главен фактор се посочуваат очекувањата за големи жетви во Аргентина и Бразил, заедно со конкурентните цени понудени од Украина, која сака да го искористи непреченото одвивање на поморската трговска маршрута. Наедно, се намалија и светските цени на јачменот и на оризот – пишува во новата анализа на ФАО.
И цените на растителното масло за јадење се во пад на месечно ниво, намалени се за 1,3 отсто, а на годишно за 11 отсто. Но, сепак, ценовен раст има кај преостанатите прехранбени производи и суровини. Конкретно во јануари во споредба со февруари индексот на цените на млечните производи е зголемен за 1,1 отсто, но во однос на истиот период лани има пад за 13,4 отсто.
Според извештајот на ФАО, во февруари најмногу се зголемиле светските цени на путерот. Цените на полномасното млеко во прав продолжиле да растат, но со побавно темпо, главно поради зголемената побарувачка за увоз, особено од Кина. А, пак, цените на сирењето се зголемиле минимално. Во февруари во однос на јануари годинава цените на месото се зголемиле за 1,8 отсто, додека во однос на февруари лани падот е за 0,8 отсто. Цената на шеќерот е зголемена и на месечно ниво, за 3,2 отсто, и на годишно, за 12,5 отсто.

Кои фактори да се земат предвид инстантно, за да почнат ефикасни реформи во земјоделството

Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, цените на храната, покрај примената на агротехнички мерки и зголемувањето на продуктивноста, зависат и од други варијабли.
– На долг рок промената на климата и глобалното затоплување ќе доведат до намалено производство и пораст на цените. Земјите што имаат природни услови за производство на храна и каде што примената на современа механизација овозможува голема продуктивност, ќе можат и понатаму да ги диктираат пазарот и берзите на прехранбените производи – вели Димитров.
Кај нас, според него, и покрај големите субвенции во земјоделството, увозот на храна бележи постојан раст. Раситнетите површини не дозволуваат употреба на современа механизација и продуктивноста е на многу ниско ниво. Од друга страна, областите во кои за производството е неопходна поголема работна сила, според Димитров, поради незаинтересираноста на младите за работа во овој сектор ќе се судрат со недостиг од квалификувани работници.
– Затоа моето предвидување е дека за производите каде што транспортот не влијае драстично врз цената ќе можеме на краток и среден рок да очекуваме стабилизирање на цените. Од друга страна, на производите каде што транспортот влијае како на цената, така и на рокот на употреба, ќе имаме покачување на цените, затоа што нашето земјоделско производство има многу ниска продуктивност. За да имаме стабилизација или намалување на цените, прво ќе треба да извршиме окрупнување на земјоделските површини, субвенции за набавка на современа механизација со висока продуктивност и да ја зголемиме профитабилноста во земјоделското производство, за да можат младите да покажат интерес за вложување и работа во овој сектор – укажува Димитров.