(Или моралните и етичките искушенија на дел од Синодот)
Мене ме јадеше јанѕа, драг читателу, кога ја напишав во октомври минатата година колумната под наслов „Томос што мириса на нов Преспански договор“. Ме јадеше дека чувствував оти по името и јазикот се урива третиот столб на нашиот идентитет: црквата. Еве сега Синодот или МПЦ формира комисија според урнекот на државната историска комисија што го распродава нашиот историски имот на Бугарите под диктат на европската „француска рамка“. Таа црковна комисија сега е на релација со Фанар и некои темни светски сили што повтеле идентитетски да нè дотаманат докрај. На дневен ред таа ги има прашањето со признавањето на Украинската црква томосирана од Фанар и „решавањето на проблемот со именувањето на (како што вели Синодот м.з.) нашата Света црква со елинофските цркви“!!! Значи се работи за нова „француска рамка“, менгеме со кое некој странски и домашен фактор им го стегнал и замрзнал умот на синодалците во црквата.
Понатаму уште малку за тоа. Сега само ќе констатираме дека самото формирање таква комисија на Синодот и со таква содржина е богохулно. Тука има многу од калта на световното, но ништо од трансценденталноста на светото. Како да намерил Синодот силно да ја нагласи тезата на Аристотел дека човекот е по дефиниција „политичко животно“ и дека и црквата не мора баш да биде света, туку световна, или некоја блуткава мешавина меѓу двете. Така, на тој начин и се става Невестата Христова во борделот на валканата политика, како што го прави сега тоа и нашиот црковен Синод заплеткан во „дворските игри“ на Фанар од каде што очекува томос, иако веќе го има него од Српската црква. А во тоа оро гледаме сега се вклучува и Ватикан, заборавајќи на своите крсташки походи, инквизицијата и индулгенцијата против која се побуни Лутер и пламна протестанството како одговор. А има и други белосветски играчи тука, вклучувајќи и некои од нашите валкани политичари квислинзи.
И сè тоа, драг читателу, оти работите посебно со црквата се решаваат во Христос, а не надвор од него во политиката, која тој ја презре: „На царот царевото, на Бог божјото“. Тоа, оти црквата како архетип го симболизира самиот центар на психата кај човекот, кој е трансцендентален, христолик, а не световен. Еве што вели за тоа и Св. Августин, кој е попаметен и побожествен од сите папи и кардинали на Ватикан заедно, творец на поимот архетип, па и на јаството и пред Јунг. Вели: „Нека ни биде јасно дека не можеме да му се вратиме на Бог додека не влеземе во себе. Бог е секаде, но не секаде и за нас. Постои само едно место во Вселената каде што е Бог во допир со нас, а тоа е центарот на нашата душа. Тука нè чека, тука се сретнува со нас тој; тука зборува со нас. За да го најдеме, значи, мораме да влеземе внатре во себе“.
Со други зборови, светецот и како врвен психоаналитичар кажува дека Бог им се открива на интровертните што го бараат во длабоко созерцание него внатре во себе, а не на екстровертите што го бараат надвор, во општеството и политиката. Такви екстроверти сега, драг читателу, се и нашите синодални владици заглавени во световното, а не во светото. Оти ако ја немаш црквата во себе не ја имаш ни надвор и никогаш нема да го откриеш каменот на мудроста, lapis, кој го симболизира кај алхемичарите Христос. А за тоа говори и самиот Христос кога вели дека на неговиот Татко чиј престол е на небото, а стапалата на земјата, единствено може да го собере црквата во срцето на човекот, а не црквата од цигли и малтер. Поаѓајќи од тие зборови на Христос, имено и рускиот религиозен филозоф Берѓаев вели дека соборноста на која инсистира црквата може да се манифестира дури и во само една личност ако е длабоко со верата органски, а не механички и фарисејски втемелена во Бог. Тоа многу убаво го знаеја гностиците, недогматските Богомили, кои за искокнување од замрзнатата теолошка догма и настрадаа од официјалната подржавена црква. Посебно од католичката, која ги закла во последната битка во Монсегур во јужна Франција.
Тоа и толку. За Верата и Вистината од која извира таа се гине, а не се само исихастички удобно тихува во манастири. Оти Христос пред Голгота им рече на апостолите, не случајно, Христос револуционерот, дека ги праќа меѓу волци да го проповедаат евангелието (за нас волците сега се во Фанар). И тие ја извршија беспрекорно задачата на Учителот. Од дванаесеттемина во борбата со Верата и Вистината 11 загинаа со маченичка смрт, а само апостол Јован го доживеа природно крајот на Патмос. Веројатно и за да го прими Откровението за борба на Доброто со Злото. Армагедон. Речи го ако сакаш и Армакедон, драг читателу. Сеедно. Со еден збор, Христос ја открива скапоценоста на чинот на саможртвувањето за светиот идеал. Тоа што според она што се случува сега со Синодот и црквата нашите синодални владици изгледа не го знаат, а и не се способни за таков саможртвен чин за кој беа надарени и способни, на пример, Злата Мегленска, Стефан Кратовски и ред други македонски свети мартири. Сега во нашата црква и со формираната комисија за божемно утврдување, а по странски налог, на идентитетот на генезата на нејзиното име се случува богохулие. Целосно безбожништво. Зошто? Затоа што проектот на Фанар кон нас, на кого некои синодални владици му се напикале под опашката, е слично на Преспанскиот договор, бришење на есенцијалната придавка македонска, македонско, македонски, од сè што е поврзано со македонската црква. За тоа како документ има и едно писмо од Фанар испратено до МПЦ, безбожничко, кое за чудо нашиот Синод, за мене шокантно, го објави и во својот Службен лист. Во него има еден гибелен по нас фрагмент, кој буквално гласи: „Како име на оваа црква (македонската м.з) го признава (Фанар м.з) ’Охридска‘ (подразбирајќи ја областа во границите на државата Северна Македонија), како што и нејзиниот Претстојател писмено ѝ вети на Вселенската Патријаршија, исклучувајќи го терминот ’Македонска‘ и каква било друга изведенка од зборот ’Македонија‘“.
Јасно ли ти е, драг читателу, за што станува збор. Но што е уште пострашно, до ден-денес нашиот архиепископ и Синодот немаат одговорено на тој безбожнички фанариотски императив, на темната страст на Фанар како слуга на грчката кон Македонците нацифашистичка политика за наша целосна идентитетска смрт. По сè изгледа дека ние, а посебно нашите синодални свештеници не ја научиле лекцијата на борбата на Григор Прличев со фанариотите. Тој што ги откажа грчките стипендии да студира на некој престижен европски универзитет, за да живее во сиромаштија и да ѝ се посвети на светата македонска борба за идентитетот. Го знаат ли тоа нашите синодални владици и спремни ли се да се поучат од тој свет пример. Но ниту го знаат, ниту се спремни да излезат надвор од својот благоудобен аморфен комодитет. Единствен што јасно ја разбира лекцијата на нашиот свет преродбеник од Синодот, колку што знам јас, сега-засега е владиката Агатангел. Тој го искажа тоа и во неодамнешната објава во „Нова Македонија“ во текстовите „Омаловажувањето на афтокефалноста на Македонската православна црква Охридска архиепископија“ и „Маршот на фанариотите“. Една сјајна микроанализа на целата ситуација за уривање на црковниот столб на македонскиот идентитет за конечно идентитетско докусурување на Македонците. Во неа тој го детектира и гркоманскиот национализам на Фанар кој „поставува поглавари исклучиво по потекло Грци во Цариград, Ерусалим, Александрија и Антиохија“ како божем само Грците да му се мили на Господ, иако апостол Павле ни кажува колку многу имал мака да ги христијанизира нив, советувајќи им да се угледаат во верата на богољубивите Македонци со кои тој сакал да се пофали и пред Господ. А дека Грците тешко се откажале од својот пагански нарав е и фактот дека тие сè до седмиот век од новата ера по Христос ги празнувале своите познати елеузински мистерии на дионизиско пијанство и матна мистична екстаза.
Фанар сè уште мисли дека е Вториот Рим од моќниот византиски период на христијанството, соперник на ватиканскиот Рим, но не е. Тој сè уште се перчи денес со неговиот цезаропапизам, кој не се разликува многу од ватиканскиот. Само да фрлиме поглед на титулата на Вартоломеј Вселенски патријарх. Тоа е титула на надмена суета што ни Соломон не ќе може да ја сфати, оти вселенски патријарх, како што е познато во христијанството, е само Христос, никој друг. Кај Индусите тоа е Брахма. Титуларно Вартоломеј е господар на неговата Вселенска патријаршија, која според името го заграбува небескиот простор сосе Млечниот Пат, Орион и Сириус. И таа патријаршија има апсолутно доминантен грчки печат, како и вселената да е Европа што му се поклонува некритички на надуваниот грчки цивилизациски дух, трупајќи по инерција, како што вели Д. Х. Лоренс, сè во „грчка вреќа“. Така како што го прави тоа и Вартоломеј со Фанар, кој е веќе „архаичен остаток“ (Фројд) од еден одживеан и истрошен гркомански мит. Сега тој „вселенски“ патријарх има силна страст со неговиот томос, кој веќе и не ни е потребен, да нè внесе во фанарската институција обезименети како црква, како идентитетски мртовци, така како што го направија тоа неговите Грци од Атина со Преспанскиот договор, иако и тој и тие добро знаат, драг читателу, дека Македонците низ нивните голготи ја научиле тајната на Христос смртта да ја победуваат со смрт и од неа да создаваат живот.
Тоа е тоа, а и нашиот Синод како и силниот фанарски „гигант“ на „верата“ Вартоломеј белки знаат дека, конечно, на еден народ и не му треба никаков световен документ за да верува. Верата е нешто подруго од тоа, страст за Бог и живот во Бог. За нас христијаните тоа е Христос. А ако станува збор и за документ, за томос, на нас Македонците него лично ни го врачи апостол Павле, кој не случајно беше според божја промисла насочен кон богоугодната Македонија, а потоа од неа и кон други европски народи, вклучувајќи и кон тврдоглавите и лукави Грци, Ахајците како што ги вика во посланијата тој. Тоа е така, но ако тоа не го знаат фанариотите од Фанар со Вартоломеј, белки го знаат нашиот архиепископ Стефан и неговото синодално братство. Да. Но изгледа посебно некои владици не сакаат да го знаат тој факт на генезата на нашата понижена црква, кои неа тие ја допонижуваат. Така, на пример, струмичкиот владика напиша дека тоа е „историски момент кој треба да се препознае и искористи“, оти демек ќе си замине, а ние ќе жалиме за него. Да, ама тој „мудрец“ владика не умее да види дека тој момент е ист како оној од 17 јуни 2018 во Нивици/Преспа во кој Грците одржаа опело над гробницата во која идентитетски нè закопаа грабнувајќи ни го и поради слични политички „мудреци“ разбојнички името. Таков карактеристичен „мудрец“ е и оној европски владика на Синодот, кој буквално ја беше сфатил политиката на бриселска Европа, па како нејзин експонент се залагаше, небаре брат близнак на Заев и Димитров, за промена на името. И не се кае за тоа, иако ако е христијанин треба да ја прифати Христовата институција покајание. Но не. Па и битолскиот „патриотски“ владика во неодамнешното ТВ-интервју пловејќи од Јустинијана Прима до МПЦ-ОА рече дека за него е прифатлива и северномакедонската црква. Рече и остана жив. А за оној владика од Бигорскиот, што може да се каже, освен дека е поголем фанариот и од фанариотите, а и поголем Бугарин од Бугарите. За него нашата мајка црква е Бугарската, а во манастирот ги угостува бугарските политичари. Гостин во него беше и најголемиот бугарски гробар на македонизмот, Румен Радев. Итн. И што значи сè ова, драг читателу, освен дека има нешто болно, шизофрено во владичкото „братство“ на МПЦ. А таа болест се лечи само со Христос и во Христос, а не со политика и во политиката што се коси со тоа. Не се лекува, како што се гледа веќе, со томосот на Фанар, кој носи само идентитетска смрт за нашата „Света црква“ како што вели нашиот синод, кој сега има проблем со светоста. Оти да е света треба и владиците во неа да се свети и во Христос, таква како што беше таа света кај Павле, Лидија и Македонците во раното божествено чисто и мартирско христијанство. Не знам како би им погледнале в очи нашите синодални владици заедно со архиепископот, ако денес случајно слегнат од небото и се појават пред нив Павле и Лидија, па и Лука, Сила, Тимотеј и Тихок со нив. Тие како христолики нема да ги плукнат в лице нив, ама остро ќе ги укорат за богохулие во црквата што ја создадоа со темелниот камен на Христос. Ќе им речат да не бидат евтини политиканти и трговци со божјото злато во неа. Друга работа е, пак, што некои намножени идиоти кај нас и нив ќе ги прогласат за руски шпиони.
А кога сме кај Русите, еве нè и кај Николај Берѓаев, највехементниот егзегет на христијанството, кој со право тврди дека него го расипала подржавената црква, што е одделена од народот бидејќи е механичка, а не жив организам. Тој вели: „Народната волја не е нешто механичко туку органско ‒ таа е соборна само во црковната заедница што ги собира луѓето, ама не во државната заедница. Во човечкото соединување во Бог и слободниот сојуз со љубовта се остварува полнотијата на личноста и надличното единство. Во државната заедница (дури и во онаа што е најдемократска според обликот) нема личност, нема соборност ‒ државната заедница е насилно-механичко, а не органско единство“. Го знаат ли тоа нашите синодални свештеници, кои, според сè што се случува, сега се само запченици на механичкото одамна подржавено гркоманско тркало на Фанар, на белосветската и на нашата квислиншка политика.
И кој е тука, драг читателу, виновен ако е така. Самото формирање синодска комисија да се разговара за статусот на името на нашата црква е морална и етичка катастрофа. Оти со тоа логички без логика се доведува во прашање името што постои и што е генеричко за нејзиниот, а со тоа и за македонскиот идентитет. Во тој контекст и паѓа во вода лукаво шифрираната аналогија на архиепископот за некакви волци (од надвор) и „оволчени шарпланинци“ (однатре), кои се виновни за целата шизофрена ситуација со Фанар. Се разбира, пак, доколку таквите „оволчени шарпланинци“ не се и некои (а се) владици од Синодот. А архиепископот сам нека се погледне во огледалото што препознава аналогии.
Доста е. Само уште прашањето: како нашиот синод не ги препозна волците на Фанар што влегоа во трлото на нашето стадо и во почетокот на деведесеттите години, на пример, кога, имено, фанариотите од Фанар „лицем светци, срцем волци“ (Прличев) го организираа оној страшен митинг од цел еден милион грчки волци во Солун што бараа смрт за Македонците и за младата македонска Република. Сите до еден тие беа Каравангелис. И томосот по кого ние сега „копнееме“ не само под притисок на нашите „оволчени шарпланинци“ туку и на странските волци од Брисел и Вашингтон, како што се веќе покажа тоа, е томос на смртта. Малку им е на Грците гробницата во Преспа, па сега и оваа во црквата.
Крај. Бараме пак извинување од Редакцијата, драг читателу, за пречекорувањето на просторот, оти темата е екстремно важна, но не и во обликот на Хамлетовата дилема „Да се биде или не!“. Сага за нас тоа е само „Да се биде!!!“, без она „или не“. Крај без крај. Ултрацрвено и ултравиолетово. De profundis. Nocturno. Memento mori. И Христос со Македонците повторно го распнуваат на Голгота.