Фото: МИА

Индустриското производство во земјава во септември 2026 година бележи раст од 2,4 проценти во однос на истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Позитивниот резултат главно се должи на зголеменото производство во преработувачката индустрија.

Во преработувачката индустрија е регистриран раст од 4,2 проценти, додека во секторот рударство и вадење камен производството е намалено за 7,7 проценти. Пад од 11,4 проценти е забележан и во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Растот во преработувачката индустрија се должи на зголеменото производство на пијалаци, текстил, хемикалии и хемиски производи, производи од гума и пластични маси, други неметални минерални производи, метали и фабрикувани метални производи, како и моторни возила, приколки и полуприколки.

Меѓу дејностите со најголем придонес во растот се издвојува производството на други неметални минерални производи, кое бележи зголемување од 64,4 проценти. Следуваат производството на пијалаци со раст од 21,3 проценти и производството на моторни возила, приколки и полуприколки со пораст од пет проценти.

Анализирано според главните индустриски групи, зголемување е регистрирано кај интермедијарните производи, освен енергијата, од 16,9 проценти, како и кај капиталните производи од 1,3 проценти.

Од друга страна, производството на енергија е намалено за 20,3 проценти, трајните производи за широка потрошувачка за 8,3 проценти, а нетрајните производи за широка потрошувачка за 4,5 проценти.

На кумулативно ниво, индустриското производство во периодот од јануари до септември 2026 година е зголемено за 0,8 проценти во споредба со истиот период минатата година.