Фото: МИА

Конкретни мерки, инвестиции и посилна институционална координација се неопходни за забрзување на климатската акција и исполнување на националните климатски обврски, порача министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа на националниот дијалог „Забрзување на климатската акција: Национален дијалог на патот кон COP31“.

Настанот е организиран од Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), како дел од подготовките на земјата за претстојната Конференција на ОН за климатски промени COP31.

Во рамки на дијалогот се одржала панел-дискусија на која, покрај министерот Хоџа, учествувале и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, како и Даме Димитровски, советник на премиерот за животна средина и клима. Присутни биле и претставници на институциите и експерти од областа на климатските промени.

Хоџа нагласил дека преземените климатски обврски треба да се преточат во конкретни активности и мерливи резултати. Како приоритети ги издвоил унапредувањето на националното климатско планирање, подготовката на Законот за климатска акција и зајакнувањето на системот за следење и известување.

Тој посочил дека успешното спроведување на климатската политика бара силни институции, меѓусебна координација, инвестиции и соодветна меѓународна поддршка.

Според министерот, климатската политика не е важна само за справувањето со климатските промени, туку има значајна улога и во зелената транзиција, енергетската сигурност и одржливиот економски развој.

Националниот дијалог е дел од подготовките на Македонија за COP31, која ќе се одржи во Анталија, Турција, од 9 до 20 ноември 2026 година.