Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство Сашо Клековски ја истакна важноста на меѓународната соработка и дигиталната трансформација на здравството на отворањето на 12. Турски медицински светски конгрес во Истанбул. Конгресот, организиран од Министерството за здравство на Турција и Институтот за здравство на Турција, се одржува под мотото „Иновативно здравство: отпорни здравствени системи наспроти глобалните здравствени закани“.

На отворањето, покрај турскиот министер за здравство, проф. д-р Кемал Мемишоглу, се обратија и министри за здравство од повеќе земји, меѓу кои Малта, Босна и Херцеговина и Киргистан, информираат од Министерството за здравство.

Клековски во своето обраќање порача дека глобалните здравствени предизвици бараат заеднички одговори и нагласи дека Македонија останува отворена за соработка со сите партнери кои се залагаат за модерни, иновативни и отпорни здравствени системи.

Тој упати честитки до турскиот народ по повод 103-годишнината од прогласувањето на Република Турција, посакувајќи мир и благосостојба.

Осврнувајќи се на приоритетите на Министерството за здравство, Клековски ја посочи дигиталната трансформација како една од клучните области, во која Турција има значајно искуство. Притоа ја нагласи традиционално добрата соработка меѓу двете земји, оценувајќи ја Турција како долгогодишен пријател и значаен партнер на Македонија.

Според Клековски, Турција има развиено значајни капацитети во производството на лекови, вакцини, медицински помагала и здравствени технологии, што отвора можности за продлабочување на соработката во областа на дигиталното здравство, научните истражувања, иновациите и трансферот на технологии.

Во рамките на посетата на Истанбул, министерот Клековски ќе оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со турскиот министер за здравство Кемал Мемишоглу.