Владата очекува одговор од студентите за предложениот нов модел на субвенциониран студентски оброк, откако на двочасовна средба биле разгледани и можните решенија за полагањето на правосудниот испит.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Гази Баба, изјави дека на средбата со студентските претставници им бил презентиран владиниот предлог за студентскиот оброк, за кој, како што рече, и студентите оцениле дека е подобро решение од актуелниот модел.
– Имавме конструктивна средба која траеше два часа. Ние им го објаснивме предлогот што го има Владата и цениме дека тој предлог е многу подобро решение од тоа што сега го имаат, за што и тие се согласија. Сега чекаме повратен одговор. Ни беше ветено дека истиот ден, до вечерта, ќе добиеме драфт-верзија на тоа што тие ќе го комуницираат со колегите. Не ја добивме. Денеска е втор ден и се надевам дека ќе ја добиеме – изјави Мицкоски.
Владата им предложила на претставниците на студентските парламенти зголемување на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 3.500 на 4.500 денари месечно, дополнителни попусти при купување храна и воведување посебна дигитална услуга преку апликацијата „М.услуги“. Средбата се одржа завчера, а на неа присуствуваа и министерката за образование и наука Весна Јаневска и други владини претставници.
Мицкоски вчера, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, појасни дека со новиот модел средствата би се користеле преку посебна услуга во апликацијата „М.услуги“. Во системот би биле вклучени ресторани, маркети, млечни ресторани и други оператори, каде што студентите би можеле да купуваат храна и пијалаци, вклучително и вода, јогурт и кисело млеко.
Според премиерот, системот би овозможил субвенцијата да се користи исклучиво за намената за која е предвидена – студентски оброк, а не за купување други производи. За контрола на наменското користење на средствата, како што најави, би се применувала и вештачка интелигенција вградена во апликацијата.
Дополнително, Владата би преговарала со трговците за обезбедување попусти за студентите при купување храна, кои би важеле и по искористувањето на месечната субвенција.
Осврнувајќи се на прашањето за полагањето на правосудниот испит, Мицкоски рече дека решението што го претставило Министерството за правда е предлог на Владата. Тој оцени дека досега немало конкретна иницијатива за надминување на ова прашање.
Според него, предлогот, кој треба да биде доставен до Венецијанската комисија, треба да овозможи правосудниот испит да се полага на јазикот на кој кандидатот го завршил високото образование, односно да се гарантира правото на користење на мајчиниот јазик, а истовремено да се почитува принципот на владеење на правото.
– Решението што го нудиме е решение кое од една страна нуди задоволување на правото да се полага испитот на јазикот на кој е завршено високото образование, односно правото на својот мајчин јазик, а од друга страна да имаме владеење на правото, затоа што принципот „франка лингва“, односно еден јазик во правосудството, е практично главната препорака во мислењето што го дава Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците – рече Мицкоски.
































