Европски официјални претставници нема да учествуваат директно во следната рунда преговори за решавање на конфликтот во Украина, иако е можно да присуствуваат во Абу Даби за време на разговорите меѓу Русија, Украина и САД. Ова го изјави советникот на Кремљ за надворешнополитички прашања, Јуриј Ушаков.
Тој појасни дека европските претставници нема да бидат дел од преговорите, туку контактите ќе ги остваруваат исклучиво со украинската и американската страна.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека досега не била разгледувана можноста европски земји да учествуваат во трилатералните преговори меѓу Русија, САД и Украина.
Неговата изјава следуваше по објавата на „Фајненшл тајмс“ дека САД ја разгледуваат можноста во разговорите да бидат вклучени претставници на Велика Британија, Франција и Германија.
– Не, за тоа не се разговараше со никого. Тоа, најверојатно, се разгледувало во редакцијата на „Фајненшл тајмс“ – изјави Песков.
Тој истакна дека рускиот претседател Владимир Путин е отворен за контакти со сите лидери со цел да се најде мирно решение за конфликтот во Украина.
– Ако разумот преовлада во Европа, бројот на политичари што контактираат со Русија ќе се зголеми. Ако не, тогаш нема да се зголеми – рече Песков.
Според него, евентуалните контакти со европските лидери нема да влијаат врз процесот на трилатералните преговори.
Според најавите, разговорите меѓу Русија, Украина и САД треба да се одржат следниот месец, најверојатно во Абу Даби.
Ушаков нагласи дека ставот на Москва за учеството на европските претставници останува непроменет, потсетувајќи дека за ова прашање се изјаснил и во средата.


































