Фото: МИА

Со сослушување на сведокот Андреј Крстевски, советник за имплементација на проекти во АД „Државна лотарија“, денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој се обвинети поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами и уште шест лица, пренесе МИА.

Крстевски, кој бил член на Управниот и на Надзорниот одбор на претпријатието, а во одреден период ја извршувал и функцијата заменик-директор, сведочеше за начинот на донесување одлуки во компанијата и постапката за набавка на ВЛТ терминалите.

Одговарајќи на прашањата на Обвинителството, сведокот изјави дека во периодот кога бил член на Управниот и Надзорниот одбор, функцијата генерален директор ја извршувала Катица Николова Прнакова, додека Перпарим Бајрами бил нејзин заменик.

Според неговото сведочење, во мандатот на Николова Прнакова одлуките биле дополнително образложувани, додека во подоцнежниот период членовите на органите можеле да се консултираат со правната служба.

Во врска со набавката на ВЛТ терминалите, Крстевски рече дека за идејата бил информиран лично од Бајрами.

– За набавката на ВЛТ терминалите директорот Перпарим Бајрами ме повика во неговиот кабинет, каде што ми беше претставена идејата. Сметам дека ние како членови на Управниот одбор требаше да се изјасниме по оваа точка – изјави сведокот.

Тој додаде дека за спроведената постапка дознал непосредно по нејзиното завршување, од лица кои биле членови на комисиите задолжени за нејзино спроведување.

Одговарајќи на прашањето каде се наоѓаат терминалите во моментов, Крстевски рече дека, според неговите сознанија, тие не биле ставени во функција, туку биле складирани во магацин на претпријатието.

– Мислам дека не беа ставени во функција, се чекаше за нивни решенија, беа ставени во некој наш магацин – рече тој.

На прашањето што му е познато за односите меѓу Бајрами и Груби, Крстевски одговори дека тие биле во пријателски односи, доаѓале од иста политичка партија и учествувале на партиски собири. Според сведокот, Бајрами за Груби се обраќал со „шефот“.

За време на вкрстеното испрашување од страна на обвинетиот Бајрами, сведокот потврди дека членовите на Управниот одбор при донесувањето одлуки се потпирале на мислењата и насоките од правната и финансиската служба. На прашањето дали поранешната директорка имала блиски релации со „Казино Австрија“, тој одговори потврдно.

По рочиштето, бранителот на Бајрами, адвокатот Еленко Миланов, изјави дека за набавката на ВЛТ терминалите постоеле одлука на Надзорниот одбор и заклучок на Владата, кои, според него, се органи повисоки од Управниот одбор.

Миланов рече дека сведокот потврдил оти терминалите биле предвидени во финансискиот план и планот за јавни набавки, како и дека сè уште се во сопственост на Државна лотарија.

– Не постои никаква пречка овие апарати да бидат пуштени во употреба, да бидат отстапени или продадени на правни субјекти кои имаат лиценци за приредување на такви игри на среќа. Со тоа не може да зборуваме за постоење штета, особено она што ќе го чуете од вештите лица е дека вредноста на овие апарати, иако се година и нешто во магацинот на Лотарија, е значително, околу 40 до 50 проценти повисока во овој момент – рече Миланов.

Во предметот „Државна лотарија“, покрај Груби и Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.

Според обвинението, обвинетите со пречекорување на службените овластувања ѝ предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети досега се изјасниле дека не се чувствуваат виновни.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.