Мегапаркот „Бутелска оаза“, кој се простира на површина од 50.000 квадратни метри, денеска официјално беше пуштен во употреба од градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски.
Паркот располага со богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки, фитнес-зони и различни содржини наменети за сите генерации.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека Бутел добива ново зелено катче, кое ќе биде простор за дружење, рекреација и создавање спомени за граѓаните.
– Има посебна радост кога дадениот збор ќе стане место исполнето со детска смеа. Се сеќавам, кога ја подготвувавме програмата за Скопје, Дарко побара да изградиме парк десет пати помал од овој што денес го отвораме. Ги разгледавме можностите и решивме да направиме многу повеќе – еден од најголемите мегапаркови во Скопје, каков што Бутел заслужува. Денес, таа одлука е реалност пред нашите очи. На просторот каде што се планираше бетонизација, сега има огромна зелена површина, реквизити за најмладите, пешачки зони и фитнес-зони за рекреација. Место за првите детски чекори, за младите и нивните дружења, за семејните прошетки и за спокојните утра на нашите пензионери. Простор за сите генерации. Простор за секој граѓанин – изјави Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека за одржување на зеленилото во целиот комплекс е изграден сопствен систем за наводнување со техничка вода.
Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, преку објава на Фејсбук соопшти дека жителите добиваат модерен и функционален парк на просторот кој, како што наведе, со години бил депонија и симбол на негрижа, а бил предвидуван и за изградба на висококатници.
– Со Орце Ѓорѓиевски дадовме збор дека ова место повеќе нема да биде заборавено. Денес покажуваме што значи кога се има визија и дадениот збор се исполнува. Ова е конкретен пример за тоа како со јасна визија, посветеност и вложување во урбаното зеленило може да се трансформираат запуштените и деградирани простори во вредни јавни содржини кои го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните – истакна Костовски.
































