Фото: Пиксабеј

Во еден од најголемите хакерски напади во историјата на криптоиндустријата, украдени се повеќе од шест милијарди долари во криптовалути, а првичните истраги упатуваат на можна вмешаност на севернокорејски хакери. Во меѓувреме, специјализирани компании успеале да замрзнат околу три милијарди долари од украдените средства, додека продолжува потрагата по останатите дигитални средства.

Нападот бил извршен преку пробивање на дигитални паричници поврзани со „Binance“, најголемата светска берза за криптовалути.

Од „Binance“ соопштија дека првичните наоди од истрагата укажуваат дека напаѓачите пристапиле до системите преку лаптопот на еден од инженерите. На тој начин добиле пристап до сервисната средина и можност да испраќаат неовластени налози за повлекување средства.

Компанијата најави дека целосно ќе ги покрие загубите со сопствени средства и преку фондот за итни случаи, нагласувајќи дека средствата на корисниците се безбедни.

По нападот, „Binance“ привремено ги суспендирала плаќањата и исплатите за да спроведе безбедносни проверки. Исто така, ги укинала овластувањата на компромитираната адреса и ангажирала полиција и специјализирани компании за анализа на блокчејн за да го следат движењето на украдените средства и да помогнат во нивното враќање.

Обемот на кражбата ги изненадил и експертите од криптоиндустријата. Аравинд Сринивасан, раководител на одделот за систематско тргување преку шалтер во компанијата GSR, го оцени инцидентот како најголем хакерски напад во историјата.

Компанијата TRM Labs, која се занимава со следење трансакции со криптовалути, нападот го поврзала со елитна севернокорејска хакерска единица. Проценката се темели на анализа на податоци од блокчејнот, како и на други активности поврзани со нападот.

Сличен став има и сингапурската компанија „Pangolin Intelligence“, чии аналитичари ги споредиле активностите на напаѓачите со претходни инциденти поврзани со севернокорејски хакерски групи.

„Мислам дека играта на мачка и глушец штотуку започна“, изјавил аналитичар на компанијата за „Си-ен-ен“, додавајќи дека Северна Кореја би можела да активира мрежа на организации за перење пари со цел украдените криптовалути да ги претвори во пари достапни за користење.

И компанијата „Chainalysis“, која го следи движењето на криптовалутите низ различни блокчејн мрежи, меѓу кои „Биткоин“ и „Етериум“, соопштила дека има висок степен на доверба во проценката оти Северна Кореја стои зад нападот.

Пјонгјанг во минатото ги негираше обвинувањата за учество во хакерски напади. За коментар биле контактирани и Федералното истражно биро на САД (ФБИ) и американската Тајна служба, која исто така истражува киберкриминал.

Евентуалната потврда за вмешаност на Северна Кореја не би била изненадување за американските истражители и приватните експерти. Севернокорејски хакери претходно беа обвинети и за кражба на 1,5 милијарди долари од платформата „Bybit“, уште една голема берза за криптовалути.

Според сегашни и поранешни американски и јужнокорејски функционери, хакерските операции се еден од значајните извори на приходи за севернокорејскиот режим, кој се соочува со меѓународни санкции поради својата нуклеарна програма.

Извештаи на Обединетите нации и приватни компании покажуваат дека хакерски групи поврзани со Пјонгјанг во изминатите години украле милијарди долари од банки и криптокомпании.

„Си-ен-ен“ во истрага од 2023 година откри и случај во кој јужнокорејската разузнавачка служба, во соработка со приватни експерти за криптовалути, успеала да заплени околу еден милион долари дигитални средства претходно украдени од севернокорејски хакери.

За разлика од традиционалните берзи, криптоплатформите често ги чуваат дигиталните средства во име на корисниците, што ги прави потенцијална цел за хакерски напади. Дополнителен ризик претставува и фактот што криптоиндустријата сè уште нема исто ниво на регулаторен надзор како традиционалните финансиски пазари.

„Binance“ е основана во 2017 година од Чангпенг Жао и други соосновачи, а за помалку од една година прерасна во најголема светска берза за криптовалути.

Жао се повлече од раководната функција во 2023 година, откако се изјасни за виновен за прекршување на американските закони против перење пари. Беше осуден на четири месеци затвор, а во октомври минатата година доби помилување од американскиот претседател Доналд Трамп.

Иако повеќе не ја раководи компанијата, Жао останува нејзин најголем акционер. По најновиот напад, тој на социјалната мрежа Икс оцени дека станува збор за хакерски инцидент и изрази очекување дека „Binance“ целосно ќе ги покрие загубите на корисниците.

Веста за нападот се одрази и врз пазарот на криптовалути. Цените на „Биткоин“ и „Етериум“ забележаа пад, иако до средината на денот, според хонгконшко време, дел од загубите веќе беа надоместени. Двете криптовалути и понатаму се тргуваа по цени пониски за околу два до три проценти.