Фото: Пиксабеј / Илустрација

Главните меѓународно признати пловни рути во Ормускиот Теснец се исчистени од ирански морски мини и бродовите слободно минуваат низ овој воден пат, изјави командантот на Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ), адмиралот Бред Купер.

Во видеоснимка објавена на профилот на ЦЕНТКОМ на социјалната мрежа Икс, Купер рече дека претходно оваа недела летал над Ормускиот Теснец и видел десетици трговски бродови од различен вид како минуваат низ неа.

– Еве што не видов – не видов припадници на Иранската револуционерна гарда во тоа подрачје, кои со години патролираа таму, ги малтретираа и им се закануваа на трговските бродови – рече Купер, тврдејќи дека иранската морнарица „е на дното на морето“.

Американските сили, како што наведе, остануваат во состојба на висока готовност и се присутни за да обезбедат сите главни пловни рути во Ормускиот Теснец да останат слободни и безбедни.

Иран повеќепати тврдеше дека ја контролира Ормускиот Тесенец. Претходно денеска, Иранската револуционерна гарда соопшти дека спречила два танкера да поминат низ јужниот дел на Теснецот, обвинувајќи ги бродовите дека се обиделе да користат „неовластени пловни рути“ со поддршка на американската војска.